По речиси двегодишен молк поранешниот лидер на СДСМ Бранко Црвенковски преку соопштение се огласи во медиумите. Низ целото обраќање на Црвенковски се провлекува повикот за сеопфатен опозициски демократски фронт што ќе ги обедини сите. Тој дава насоки за можни решенија од кризата, преку масовни протести, но и индиректни критики до актуелното раководство на СДСМ
Пресвртница во однесувањето на поранешниот претседател и лидер на СДСМ Бранко Црвенковски. По речиси двегодишен молк и по минатонеделната колумна на Призма во која новинарката Катерина Блажевска го повика да изрази став за случувањата , поранешниот лидер на опозицијата преку соопштение се огласи во медиумите.
Тој го поддржа Зоран Заев, со најава дека е подготвен, заедно со неговиот син, исто како на 24 декември 2012 година да биде во „првите редови“ на протестите на СДСМ.
Црвенковски го поздравува објавувањето на таканаречените „политички бомби“ од страна на новото раководство на партијата, но не очекува дека ваков „бескрупулозен режим се руши само со прес конфренции и лајкови на фејсбук“.
„Ваква тоталитарна власт која ги контролира сите институции, ги злоупотребува народните пари и ги уредува најмоќните медиуми во земјата не може да биде поразена ниту од поединци ниту од опозициони партии. Ваква диктатура може да биде поразена само од народ и со народ“, пишува Црвенковски во соопштението.
За да се случи тоа, човекот кој осум години беше премиер и пет години претседател на држава, дава неколку насоки за можен пресврт, по објавувањето на „бомбите“ на Заев.
„Груевски нема сам да се повлече, меѓународната заедница нема да врши притисок за негово повлекување, па затоа се потребни протести, потребен е народ“, накратко гласат пораките на Црвенковски.
„Мора да се организираат масовни и континуирани протести. Тие протести треба да бидат мирни и ненасилни, но со својата масовност и упорност да го делегитимираат и натераат на отстапки режимот на Груевски. Оваа историска македонска драма ќе мора да заврши на избори, но во психолошка смисла победникот на тие избори треба да биде познат уште пред нивното распишување. И тоа никако не смее да биде Груевски!“, пишува Црвенковски.
Низ целото негово соопштение се провлекува повикот за сеопфатен опозициски демократски фронт што ќе ги обедини сите.
„Мојот СДСМ во овој процес ќе има повторно, како и многу пати во минатото една исклучително одговорна, но во исто време и комплексна задача“, вели тој, но сепак упатува порака дека „СДСМ прво треба да се обедини себе си“.
„Сите меѓусебни етикетирања и дискредитирања мора веднаш да запрат. Целта е една и единствена. Одговорноста за тоа е на секој поединец но најмногу на раководството кое мора да ја најде формулата за обединување“.
Ладата, симболот на отпорот, редовно е одржувана и регистрирана
Црвенковски во соопштението демантира дека има здравствени проблеми, тврди дека немал никакви закани, а причините за повлекувањето ги образложува преку три точки. Како прво, како што вели, не сакал да ѝ даде можност на власта „да ја продолжи повеќегодишната, примитивна и црна кампања поврзана со мене и против новото раководство на СДСМ“. Како втора причина, Црвенковски вели дека “новоизбраното раководство на СДСМ се определи за програмски и кадровски дисконтинуитет, нешто што заслужувало фер шанса“. Како трета причина за неговото повлекување, тој ги наведува настаните од „црниот понеделник“ на 24 ти декември 2012 година.
„Се залагав за целосно делегитимирање на власта, за активен и континуиран „отпор“, за перманентни протестни собири и маршови, за разни облици на граѓанска непослушност и за бојкот на локалните избори. За таквите мои намери бев жестоко напаѓан и обвинуван од страна на власта што беше сосема разбирливо и очекувано. Но, она што беше неочекувано беа критиките и оспорувањата кои доаѓаа од одредени опозициони кругови дека тој концепт е погрешен па дури и резултат на некои мои лични мотиви за задржување на лидерската позиција во партијата“.
Но, сепак, вели Црвенковски, „ладата, симболот на ‘отпорот’ е во одлична состојба, редовно одржувана и на време регистрирана“, што оддава можност тој да се приклучи на најавените масовни протести на опозицијата наредниот месец.
Каде беше Црвенковски до сега?
Црвенковски се повлече од јавноста во 2013 година, кога си даде завет на молк. Во јавноста оттогаш се појави само уште еднаш кога пред конгресот на СДСМ испрати порака дека „за партијата, не се решение ниту тој, ниту Заев“, и за лидер го препорача Стево Пендаровски, кој долги години важеше за негов близок соработник како советник за национална безбедност.
„Денешново мое обраќање пред вас е во исто време и извештајно и проштално и аманетно“, рече Црвенковски во јуни 2013 година.
Тој уште тогаш го повтори ставот на кој очигледно стои и денеска.
„Јас лично сам со себе расчистив дека не ни претстои битка за победа на СДСМ на следните избори, туку нешто многу покрупно, позначајно, потешко: битка на Македонија за слобода и демократија, за правда и правна држава. А таква битка не може да добие ниту една политичка партија, ниту една коалиција. Таква битка може да добие само народот. За народот да се покрене, за народот да даде масовна поддршка мора да има доверба во оној што го повикува мора да ја препознае искреноста дека се бориме за неговите, а не за нашите лични и партиски интереси. Да види дека сме подготвени да жртвуваме нешто лично за доброто на сите“.
Тоа беше последното обраќање на Црвенковски, сè до денеска, кога се најде повикан од јавноста да изрази став во однос на политичките случувања. Во меѓувреме, се ширеа шпекулации за тоа што правел тој во последниве две години. Шпекулациите се движеа од тоа дека Црвенковски сосема се повлекол од политиката, без никаков интерес, до тоа дека заткулисно подготвува терен да се врати по политичкиот живот. Во меѓувреме, медиумите објавуваа по некоја негова фотографија, фатена случајно низ скопските кафулиња со неговите сопартијци.
Заминувањето на Црвенковски донесе и раздор во партијата – од политичкиот живот ги снема Јани Макрадули, Гордан Георгиев, Наташа Савова, Емилијан Станковиќ, Андреј Петров.