Младинската иницијатива за човекови права (МИЧП), невладина организација со седиште во Белград, поднесе тужба против српското МВР, откако овој орган одлучи да им забрани на активистите да организираат собир за отстранување на муралот на воениот генерал на босанските Срби, Ратко Младиќ, насликан на ѕид од станбена зграда, во главниот град на Србија.
МИЧП во петокот најави дека ќе го отстрани муралот на Младиќ на 9 ноември, на Меѓународниот ден на антифашизмот и антисемитизмот, и ги покани сите истомисленици да дојдат и да им се придружат.
Но, истата вечер организацијата добила известување од МВР на Србија, дека собирот нема да биде дозволен.
Во одлуката на МВР се наведува дека „имаат информации оти може да има собир на поголем број луѓе кои би изразиле незадоволство и противење на собирот организиран од Младинската иницијатива за човекови права, поради што постои опасност од физички конфликт и нарушување на јавниот ред и мир“.
По објавувањето на забраната во петокот, министерот за внатрешни работи, Александар Вулин, оцени дека планот на МИЧП за одржување на собир е „подмолен и воден од зли намери“.
Марко Милосављевиќ од МИЧП изјави дека оваа организација поднела тужба против МВР до Управниот суд, бидејќи неговата одлука не е во согласност со Законот за јавни собири, но и поради тоа што не се соодветно објаснети причините за забрана на собирот.
„Не знаеме од каде се наводите дека ќе има некаков конфликт меѓу неколку спротивставени групи, а од друга страна знаеме дека МВР, кога се високоризични (настани), демонстрации или каков било друг вид на собир, е доста способен да ги заштити граѓаните“, вели Милосављевиќ за БИРН.
Тој додава дека утре нема да се обидат да го отстранат муралот, бидејќи „не сакаме да создаваме атмосфера на граѓанска војна“.
Но, тој нагласува дека ќе продолжат да ја оспоруваат одлуката на МВР за забраната и оти ќе „најдат начин, заедно со други организации, да продолжат да работат на отстранување на овој мурал“.
Според српските медиуми, муралот се појавил на ѕидот на една станбена зграда во општина Врачар, во близина на центарот на градот, на 23 јули.
Станарите од зградата побарале од комуналните претпријатија да ја отстранат, но тоа не се случило.
Милосављевиќ истакнува дека „она што сега се покажува е дека ова е практично неофицијален/официјален споменик на Ратко Младиќ“.
Во јуни оваа година, Механизмот за меѓународни кривични трибунали во Хаг, му ја потврди на Младиќ казната доживотен затвор за геноцид врз Бошњаците од Сребреница, за прогон на Бошњаците и Хрватите низ Босна и Херцеговина за време на војната, за тероризирање на населението на Сараево со гранатирање и снајперски оган за време на опсадата на градот и за земање на припадници на мировните сили на ООН како заложници.