Регион

Приказни на преживеаните за теророт и траумата од военото силување

Книгата содржи приказни за жени кои биле силувани за време на конфлики во различни земји, вклучувајќи го и Косово

Бев сама во мојата куќа со моите деца. Мојата најмлада ќерка тогаш имаше една, а најстарата три години. Тие беа присутни таму и беа сведоци на моето силување“.

Со овие зборови, Шухрета Тахири-Сулејмани, се присетува на моментот во април 1999 година, кога за време на војната во Косово, српски војници, со покриени лица, влегле во нејзината куќа и ја силувале, додека нејзините две ќерки гледале.

„Од тој ден престанав да готвам пилешко. Глетката на соголената, откриена кокошка, мирисот на нејзиното сурово месо, ме потсетува на денот кога бев силувана. Дури и денес, тој мирис ме прогонува… Сѐ уште се чувствувам валкано и засрамено“, вели таа.

Шухрете е една од ретките косовски Албанки кои преживеале сексуално насилство за време на војната, која јавно проговорила за тоа што ѝ се случило. Таа го следи примерот на Васфије Красниќи-Гудман, која во телевизиско интервју во 2018 година, раскажа како српски полицајци ја силувале кога имала 16 години. Красниќи-Гудман, денес пратеник во Собранието на Косово, е заслужна за отворањето на дискусија за прашањето на воено сексуално насилство во Косово.

Шухрете својата приказна ѝ ја раскажала на психоаналитичарката, Виола Ребека, за потребите на нејзината неодамна објавена книга „Силување: Историја на срамот“, потресна хроника за тагата, стигмата, траумата, посттрауматското стресно нарушување, трансгенерациската траума и за синдромот на преживеаните. Книгата содржи приказни за жени кои биле силувани за време на конфлики во различни земји, вклучувајќи го и Косово.

Се верува дека илјадници жени биле сексуално нападнати од српските сили за време на војната во Косово 1998-1999 година, која заврши со 78-дневно бомбардирање на НАТО, со кое беше ставен крај на репресивниот режим на Слободан Милошевиќ, во поранешната југословенска покраина.

Ребека, која живее во Њујорк, работела како терапевт во неколку земји погодени од конфликти – во Руанда, Демократска Република Конго и во Косово. „Мојата работа на терен како терапевт, во различни конфликтни зони, ми даде можност да ги слушнам искуствата на луѓето што преживеале воено силување“, вели таа за БИРН, додека разговаравме со неа за време на нејзината посета на Приштина.

„Сликите и идеите поврзани со силувањето се толку интензивни и вознемирувачки, бидејќи немаме јазик да ја опишеме суровоста, а секое силување извршено за време на војната е чин на суровост“, нагласува таа.

Ребека додава дека книгата покажува оти има нешто уникатно во ситуацијата на Косово. „Врз основа на застрашувачките и досега нераскажани приказни за жртвите, јасно е дека климата создадена по војната во Косово, со обиди да се сокрие силувањето или да се замолчат жртвите на силувањето, предизвикала непоправлива штета“, објаснува таа.

„Силувањето било најевтиното воено оружје“

Виола Ребека и Шухрете Тахири-Сулејмани. Фотографија на Виола Ребека.

Ребека, чии предци го преживеале холокаустот, истакнува дека сè уште се соочува со меѓугенерациска траума наследена од нејзината баба, која била силувана од пијани руски војници за време на ослободувањето на нацистичкиот концентрационен логор во Равенсбрик, Германија.

„Трансгенерациската траума може да се види во семејства, во кои родителите се трауматизирани и ефектите од таа траума одекнуваат со генерации“, нагласува таа.

Тоа може да се види и на Косово, вели Ребека: „Силувањето било најевтиното и најсилното воено оружје на Косово и, за жал, најефективното. После силувањето, жртвата, семејството на жртвата и општеството, се борат со долгорочните последици од овие дела, кои биле повеќе од понижување“.

Таа вели дека во Косово повеќето од жртвите ја премолчувале болката, во тиѓина и сами, а нивните трауми сѐ уште отворено не се третирани. Многу мал број на луѓе што преживеале воено силување, проговориле за она низ што поминале, поради континуираната општествена стигма, поврзана со сексуалните злосторства и стравот од острацизам од страна на нивните семејства и заедници.

„Преживеаните се борат да најдат начин да го кажат неописливото и понекогаш тоа предизвикува проблеми“, истакнува Ребека.

Во февруари 2018 година, Комисијата за признавање и верификација на жртвите на сексуално насилство извршено за време на војната во Косово, почна да прима барања за признавање на статусот-жртва на сексуално воено насилство.

Овој статус не само што значи официјално признавање на страдањата на жртвите, туку на жртвите им овозможува да добијат и одредени бенефиции, како што е месечен надоместок од 230 евра.

Но, поради страв од стигматизација, многу преживеани не сакаат да аплицираат. Досега има доставено 1.680 апликации, од кои 984 се прифатени. Но, повеќе од 220 се отфрлени, честопати поради недостиг на пратечка документација, што покажува колку е тешко да се утврдат фактите за нападите што се случиле пред повеќе од 20 години.

„Она со што општеството се соочува овде во Косово, и натаму е предизвикот да се разбере сложеноста на емоционалните и општествените искуства на преживеаните на воено силување, како и траумата со која се бореле“, заклучува Ребека.