На 27 јуни 1991 година, на првиот ден од вооружениот конфликт во Словенија, словенечките трупи соборија, како што првично објавија, два „непријателски“ хеликоптери.
Едниот беше соборен над населбата Иг, во близина на Љубљана, а другиот над населбата Рошна Долина во Љубљана. Словенија беше прва од шесте југословенски републики, која официјално ја напушти федералната држава.
Двата хеликоптери ѝ припаѓаа на ЈНА, но оној што беше соборен над Рошна Долина, Газел СА-341, немаше вооружување и се користеше за транспорт на леб на војниците на ЈНА.
Хеликоптерот се урна, а потоа се запали. На патот на кој падна, имаше расфрлани векни леб. И пилотот, Словенецот, Тони Мрлак, и копилотот, Македонецот, Бојанче Сибиновски, загинаа на лице место.
Таканаречената „десетдневна војна“ меѓу силите на Територијалната одбрана на Словенија и на ЈНА, изби откако Љубљана прогласи независност. Таа траеше до 7 јули 1991 година, кога беше потпишан Брионскиот договор, со кој се стави крај на конфликтот.
За време на конфликтот, многу словенечки војници ја напуштија ЈНА и се приклучија на борбата за независност на нивната земја. Подоцна се покажа дека и Мрлак планирал да премине на словенечка страна, но тој беше убиен пред да успее во својата намера.
Денес во Рошна Долина има спомен-обележје во чест на Мрлак, како борец за словенечката независност, иако последниве 30 години се води дебата за неговата улога, а тука се и обидите на десничарите да го претстават како „агресор“ на Словенија.
Многу набљудувачи се убедени дека хеликоптерот, управуван од Мрлак, бил соборен во пропагандни цели, со цел словенечкото воено раководство да покаже дека може да се бори против моќната ЈНА, а воедно и да ги мотивира другите словенечки војници.
Семејството на Мрлак со години се бори да го докаже тоа, а сестрата на неговата сопруга, познатата словенечка актерка, Драга Поточњак, дури и напиша книга за тоа.
Користејќи театарска реторика, Поточњак ја споредува смртта на Мрлак со грчка трагедија.
„(Тој беше) позитивен херој, позитивен човек кој не требаше да умре, но сè, на некој начин, се намести, за да се побара неговата смрт“, вели Поточњак за БИРН.
„Тој организираше префрлање на неколку пилоти“
„Тони Мрлак беше, со една реченица, многу неконвенционален војник. Тој беше вљубеник во летањето. И неговиот татко (беше) воен пилот“, нагласува Поточњак.
Таа го опишува како паметен, многу храбар и отворен во разговорот со неговите претпоставени.
Детално го реконструира денот на неговата смрт, во нејзината книга „Скриена команда“, објавена во 2013 година. Таа ни објаснува дека ѝ требале повеќе од пет години да ги собере потребните документи и да спроведе повеќе од 120 разговори.
За време на тој период, таа открила дека Мрлак одлучил да ја преземе задачата за превоз на леб, од воената пекара до касарната на ЈНА, иако првично тоа било задача на еден помлад пилот.
Тој се чувствуваше безбедно затоа што, како што потенцира Поточњак, Мрлак соработувал со словенечките власти од август 1990 година.
„Значи, Тони се чувствуваше безбедно, но тој навистина не мислеше дека неговите може да го застрелаат“, истакнува таа.
Лесниот транспортен хеликоптер газела, од југословенско производство и француски дизајн, можел да се користи и за напад, но хеликоптерот управуван од Мрлак бил видливо невооружен.
Поточњак додава дека Мрлак планирал да организира префрлање на пилоти и три хеликоптери на словенечка страна.
Негова врска во Љубљана бил неговиот чичко, Ело Ријавец, од одделот за логистика на словенечкото Министерство за одбрана, и Јелко Кацин, кој беше министер за информации за време на конфликтот во 1991 година, а денес е национален координатор за вакцинација против Ковид-19.
Кацин, кој ретко јавно зборува за инцидентот, за БИРН потврдува дека постоеле аранжмани, но дека неговиот контакт со Мрлак бил прекинат кога тој презел нова функција.
„Пилотот Мрлак организираше пребегнување на неколку пилоти од таа единица … Јас се договорав со него долго пред тоа, дури и пред да започне војната, но јас отидов на друга должност, а единицата (на Мрлак) беше преместена во касарната, така што нашата страна изгуби контакт со него“, вели Кацин.
Еден ден по соборувањето на хеликоптерот, на 28 јуни 1991 година, колегите на Мрлак, Јозе Калан и Богомир Шуштар, успеале да го постигнат она што тој не успеал – тие преминале на словенечката страна со два хеликоптери.
Шуштар за БИРН нагласува дека Мрлак пред војната ги прашал дали се подготвени да застанат на страната на Словенија, доколку дојде до вооружен судир.
„Замислете колку ризикуваше, а некој од нас можеше да го пријави“, истакнува Шуштар.
Поточњак, како и некои други луѓе со кои разговараше БИРН, сметаат дека уривањето на газелата на Мрлак било потребно, за територијалната одбрана да се претстави како успешна, но и за да се мотивираат другите војници.
Но, Шуштар нагласува дека немало причина да се напаѓа невооружениот хеликоптер. „Тешко е (да се зборува за тоа) по толку многу години, но мислам дека тој беше жртва на политиката“, вели тој.
Историчарот, Божо Репе, верува дека хеликоптерот бил соборен „од пропагандни причини“.
„Тогашниот министер за одбрана, Јанез Јанша, и военото раководство, направија сѐ што можеа, да докажат дека се способни да ги неутрализираат хеликоптерите на ЈНА“, истакнува Репе за БИРН.
Во повоените децении, смртта на Мрлак, вели тој, била предмет на „неуморна полемика и идеолошка конфронтација“, при што додава дека официјалниот став за соборувањето на пилотите „зависи од тоа кој моментално владее во Словенија“.
Битката за контрола на историјата продолжува
Долгогодишниот новинар, Блаж Згага, познат по своите истражувања за трговијата со оружје на Балканот во 90-тите години, вели дека сегашната словенечка Влада, предводена од десничарскиот премиер, Јанез Јанша, кој беше министер за одбрана во време на убиството на Мрлак во 1991 година, не пропушта можност да дискутира за војната и ја нагласува улогата на Јанша во независноста на земјата.
„Што повеќе години поминуваат од 1991 година, толку повеќе овие настани се митологизираат и на некој начин се вели дека Словенија, наместо да стане нормално, модерно, современо општество, сѐ повеќе се свртува кон своето минато, отколку кон својата иднина“, истакнува Згага.
Репе вели дека „немало воени злосторства во Словенија, барем не во онаа смисла како што ги знаеме во подоцнежните војни на територијата на Југославија“.
„Причината е краткотрајноста на војната, но, исто така, и фактот дека тоа не беше војна заснована на омраза меѓу народите или борба за територија“, додава тој.
ЈНА и Србија изнесоа неколку наводи за воени злосторства против Словенија, објаснува тој, а имало и тужби против некои команданти на ЈНА кои беа ослободени пред словенечките судови.
„Денес во Словенија, како и на други места во земјите од поранешна Југославија, се води жестока борба за толкување на распадот на државата“, објаснува Репе.
Тој додава дека во последните децении, ваквите наративи ја одвлекуваат словенечката јавност од разни корупциски скандали „кои започнаа со продажбата на оружје на Хрватска и Босна и Херцеговина во 1991 година, додека Јанез Јанша беше министер за одбрана“.
„Војната во Словенија не беше класична војна“, вели тој, додавајќи дека целта на ЈНА била да ги окупира граничните премини што ги презеде Словенија и на кои таа ги замени граничните знаци.
„Во многу случаи (ЈНА) успеа … (но) словенечките одбранбени сили по тие први интервенции беа генерално добро организирани и ги повратија повеќето од премините“, нагласува тој.
Репе додава дека „во многу места, градоначалниците играа важна улога во успешното преговарање со локалните команданти на ЈНА, а на многу места луѓето стоеја пред оклопните возила за да ги запрат“.
Репе свртува внимание на фактот дека точниот број на жртви во овој конфликт никогаш не е утврден и дека во некои случаи и двете страни ги сметале некои жртви како „нивни“: „Тони Мрлак е токму таков пример“.
Тој додава дека најверојатно имало 65 смртни случаи: 37 војници на ЈНА, 12 припадници на територијалната одбрана и на полициските сили на Словенија и 16 цивили, од кои десет странци.
„Психолошка пресвртница“
По упорните напори на неговото семејство, Мрлак, во 2000 година, постхумно добива статус на борец за независност на Словенија, иако семејството сè уште верува дека правдата не е задоволена.
Во октомври 2016 година, Окружниот суд во Љубљана го одби барањето за истрага, поднесено од неговата сопруга, Емилија Мрлак, против двајца непознати стрелци и поранешниот офицер на словенечката војска, Антон Кркович, кој ја издал наредбата за отворање оган кон хеликоптерот. Емилија Мрлак е убедена дека Кркович не требало да ја издаде таа наредба.
Пред сослушувањето во 2016 година, Кркович за медиумите изјави дека не знаел кој управувал со хеликоптерот.
„Ние не пукавме кон Мрлак, туку кон хеликоптер на ЈНА“, нагласи Кркович, додавајќи дека не знаел оти Мрлак сакал да премине на словенечка страна.
„Ова е приказна што подоцна беше измислена“, рече тој.
Јанша го поддржа Кркович, кој беше обвинет заедно со него во корупцискиот случај поврзан со продажба на оружје во таканаречената „Афера Патрија“, велејќи дека Кркович бил прогонуван затоа што ја извршувал својата должност.
„Според таа логика, би можеле да прогонуваат околу 50.000 луѓе кои одговорија на повикот да ја бранат татковината“, изјави Јанша во 2016 година.
„Веќе неколку години се појавуваат овие небулози, во врска со соборувањето на тој хеликоптер. Јас, како министер за одбрана … никогаш не сум чул дека господин Мрлак имал намера да пребега. За тоа разбрав дури во летото 1992 година. Не видов докази за тоа“, потенцира Јанша.
Сепак, во јуни 1992 година, една година по десетдневната војна, на прашањето за соборувањето на хеликоптерот, Јанша за РТВ Словенија изјави: „Тоа беше психолошка пресвртница, особено во смисла на тоа дека територијалната одбрана и полицијата сфатија дека непријателот во воздух не е неповредлив. Немавме хеликоптери, тенкови и топови од поголем калибар, само неколку ракети“.
Јанша додаде дека „за жал во хеликоптерот беше Словенец, со кого претходно имавме контакти“.
Словенечките десничарски политичари тврдат дека правните постапки против Кркович, биле обид за оцрнување на војната за независност.
Поточњак нагласува дека ваквите критики се напад врз семејството Мрлак, кои дури влијаеле и врз неговите деца.
Таа додава дека нејзината сестра решила да не оди понатаму со случајот поради притисокот врз неа.
„Сестра ми рече, ако имало грешка, а не било грешка, но сепак, ако барем се извинат, таа ќе им прости, така да се каже“, нагласува Поточњак.
„Сепак, ова не беше грешка, тие ја сакаа таа пропаганда, сакаа голем пожар, сакаа да гори, да има крв“, истакнува таа.