Регион

Убиството на Александра Зец треба засекогаш да го прогонува Загреб

Хрватските полицајци, кои во 1991 година, ја убија 12-годишната, Александра Зец, никогаш не беа казнети, а властите се обидоа да ги прикријат работи во врска со убиството на оваа ученичка од српска националност. Затоа ние и понатаму треба да ја раскажуваме нејзината приказна.

Свен Милекиќ, Загреб

На 7 декември 1991 година, имав седум години и веќе три месеци одев во прво одделение во основно училиште. Сирените, во тогаш веќе прилично безбеден Загреб, стивнаа неколку месеци претходно.

Војната беснееше низ цела Хрватска. Дубровник гореше, Вуковар падна, Осиек е гранатиран. Речиси една третина од земјата е под окупација, но Загреб е мирен, тивок. Нема напади, иако понекаде кружат приказни за снајперисти и „петоколонаши“.

Иако моите родители немаа голема плата, се чувствував прилично безбедно, поминувајќи го времето со пријателите и постариот брат, закопан во еден куп играчки на своето мало безгрижно детство. Таа вечер отидов да спијам во време погодно за момче од седум години.

На 7 декември 1991 година, Александра Зец имаше 12 години и веќе три месеци одеше во седмо одделение во основно училиште. Дубровник гореше, Вуковар падна, Осиек е гранатиран. Речиси една третина од земјата е под окупација, но Загреб е мирен, тивок. Нема напади, иако понекаде кружат приказни за снајперисти и „петоколонаши“.

Нејзините родители, особено нејзиниот татко, Михајло (сопственик на позната месарница) имаа пристојна плата, а таа се чувствуваше прилично безбедно, поминувајќи го времето со пријателите и помладиот брат и сестра, закопана во еден куп играчки на нејзиното мало безгрижно детство. Таа ноќ таа отиде да спие во време погодно за едно девојче од 12 години.

Во 23 часот група луѓе упадна во куќата во којашто таа живееше. Тие влегоа со намера да го одведат нејзиниот татко.

Михаило се ослободи и почна да бега по улицата. Тој беше убиен со истрел во грбот. Бидејќи се разбуди и виде што се случува, луѓето ја врзаа Александра и нејзината мајка, Марија, и ги качија во комбе. На планината Сљеме (крај Загреб), кај планинарскиот дом Адолфовац, тие беа убиени со истрели од автоматско оружје и оставени на депонија за отпад.

Ова, пред пет години, го напишав во коментар за хрватскиот интернет портал Х-алтер, во обид да иницирам некој вид сочувство за семејството Зец, за српското семејство, семејството од Загреб, кои беа убиени од припадници на редовна хрватска единица – резервен полициски баталјон. Во првите пасуси, се обидов да истакнам дека во 1991 година Александра беше само дете од Загреб, исто како мене.

Семејството исплатено за да се откаже од случајот

Комбето со кое Александра и Марија биле однесени на Адолфовац | Фотографија на Дејан Кршиќ

Убијците на Александра беа под ефективна контрола на Томислав Мерчеп, помошник на хрватскиот министер за внатрешни работи, кој беше осуден на седум години затвор во 2017 година.

На судството му требаше повеќе од 25 години да заклучи дека Мерчеп не сторил сé што е во негова моќ, за да го спречи нивното убиство. Но, вистинските сторители, поради процедурални грешки, никогаш не беа казнети. Само уште еден скелет – или три, поточно – во плакарот на младата хрватска држава, којашто дури и ги одликува убијците, за нивната улога во војната.

И кога неколку години подоцна, братот и сестрата на Александра, Душан и Гордана, ја тужеа државата барајќи отштета, власта со нив склучи вонсудска нагодба, за да се откажат од случајот. Државата буквално ги исплати за да ги замолчи и тие се вратија во Бања Лука, каде што никого нема да вознемируваат.

Но, јас не го напишав тој текст со намера да заговарам кривична правда за сторителите на убиството на семејството Зец; од тоа се откажав пред неколку години. Заговарав, и сѐ уште заговарам, ресторативна, симболичка правда.

Она за што ние, група граѓани од Загреб, се залагавме, и сѐ уште се залагаме, е паркот, кој се наоѓа само неколку улици подалеку од местото каде што живееше семејството Зец, да биде именувано по нив.

Чувствуваме дека тоа им го должиме, бидејќи беа единственото семејство што беше убиено во Загреб за време на војната. Тоа им го должиме затоа што со години молчевме, бидејќи не се собравме илјадници, веднаш во 1991 година, за да протестираме и да бараме правда.

Ние тоа ѝ го должиме на помладата генерација, како објаснување, зошто е убиено 12-годишно девојче, зошто никој не е казнет, зошто ги одликувавме убијците и зошто им плативме на братот и на сестрата на мртвото девојче да молчат.

Меѓутоа, бидејќи животот не е бајка, ние во целост потфрливме. Но, некој од поразот може да научи многу повеќе отколку од победата. Од нашиот пораз научивме дека нашето општество и нашите функционери, сакаат овие скелети да останат заклучени во плакарот.

Нашиот предлог даден до Одборот за именување на населби, улици и плоштади на град Загреб, беше одбиен во 2014 година, со неколку објаснувања. Ќе споменам дел од нив.

Во обид да ги побие нашите аргумент дека, во отсуство на кривична правда, се потребни симболички репарации, претседател на одборот, Зоран Пиличиќ, рече дека во овој случај биле покренати неколку обвиненија. Но, само многу циничен човек ќе го замени ова со правда.

Исто така, одборот се обиде да сугерира дека она што го правел Михајло Зец за време на војната, било сомнително, наведувајќи дека тој им помагал на српските сили. Затоа мојот колега, кој беше на состанокот на одборот, им рече дека паркот треба, барем да го носи името на Александра.

Тогаш од одборот ги извадиле од торбата своите два последни изговори, исто толку глупави, колку што се навредливи, дека „за време на војната биле убиени и други деца“ и дека „не се сигурни дали е адекватно децата да си играат во парк, кој ќе ги потсетува на убиено девојче“.

„И други деца беа убиени“

Текст објавен во весникот „Вечерњи лист“ на 11 декември 1991 година, во кој до јавноста се апелира да помогне во пронаоѓање на Александра и Марија, за кои, во тоа време, се сметало дека се киднапирани | Фото: Вечерњи лист

Изговорот дека „и други деца беа убиени“, речиси стана рефлексна реакција на хрватските десничари, кога ќе се спомне името на Александра Зец. Тие обично тогаш споменуваат бројка од 400 деца убиени за време на војната и велат дека овие деца немаат паркови или улици именувани по нив.

Притоа, тие забораваат или сакаат да заборават дека Александра е едно од овие деца; дека и таа е „наше“ дете.

Тогаш, зошто не ја сметаат за една од нашите? Дали наративот на војната е толку строг што едно дете е „туѓо“, иако со децении не е живо?

Се чини дека забораваат оти таа е единственото дете убиено во Загреб за време на војната и дека ова е валидна причина таа да биде запаметена во својот град. И што ги спречува градовите или селата, да ги именува своите паркови, плоштади или училишта, по некое од овие 400 убиени деца?

Изговорот на одборот дека не би било соодветно паркот да носи име на убиено девојче, можеби може да помине, да ја немаме Ана Франк, која е светски симбол на убиено невино дете, чиј дневник е една од најчитаните книги досега. Во Европа постојат многу паркови именувани по Ана Франк, во кои децата секој ден си играат и нивните родители не гледаат никаков проблем во тоа.

Дали е ова вознемирувачко? Се разбира дека е, тоа и е поентата. Убиството на Александра вознемирува, а моментот кога ќе престане да вознемирува, е момент кога мораме да се запрашаме каде сме згрешиле.

Се сеќавам дека бев многу вознемирен кога прв пат ги прочитав изјавите на убијците на семејството Зец. Но поради некоја причина, најмногу не ме вознемири кога еден од членовите на единицата, Синиша Римац, го опиша чинот на егзекуција.

Најмногу ме вознемири кога Римац го опиша моментот кога Александра се лизнала на снегот и кога тој ја зел в раце. Не му сведочев на тој момент, но можев да го видам како речиси нежно го крева девојчето во розови пижами, како ја носи, додека снегот виори низ воздухот, за да ја спушти на местото каде што ќе биде затрелана.

Оваа сцена веројатно ќе ме вознемирува секогаш кога ќе помислам на неа.

Се сеќавам кога еден од моите пријатели, кој никогаш не слушнал за убиството на Александра, по читањето на мојот коментар, ме прашаа: „Дали е ова навистина точно, дали навистина убиле 12-годишно девојче во Загреб?“. И тој беше вознемирен, најмногу поради тоа што недолго претходно стана татко на девојченце.

А градот Загреб покажа колку го вознемирува убиството на Александра, кога една година по одбивањето на нашата иницијатива, локалната управа именува парк по Ката Шољиќ, која почина во 2008 година на возраст од 86 години, бидејќи изгубила четири синови, кои што се бореле во војната – на „наша“ страна.

„Мило ми е што во овој парк, во населба со многу млади семејства, наскоро ќе се направи детско игралиште и што стотици деца тука ќе трчаат и ќе ги прашаат своите родители, која била Ката Шољиќ. Дали има подобар начин да се промовираат вредностите на Татковинската војна?“, изјави претседателот на одборот, Пиличиќ, на свеченото именување на паркот.

Она што е вознемирувачко е дека паркот „ги промовира вредностите на Татковинската војна“, низ промовирање на мајката која, во имагинацијата на патриотите, ги жртвувала своте четири синови за Хрватска.

Што се однесува до мене, реалноста на војната би се рефлектирала на подобар начин, со именување на парк по невино девојче коешто е убиено, со што би била испратена порака до секој кој, во најмала рака, би помислил да започне нова војна.

Свен Милекиќ е докторант на Универзитетот Мајнот, финансиран од ирскиот истражувачки совет во рамките на постдипломската програма на Владата на Ирска.

Мислењата изразени во овој коментар се исклучиво мислења на авторот и не ги одразуваат ставовите на БИРН.