Регион

Караџиќ побара да биде ослободен до конечната пресуда

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Радоша Милутиновиќ, Белград

Радован Караџиќ се советува со своите адвокати, пред рочиштето по жалбите, во април | Фото: ММКТ

Поранешниот политички водач на босанските Срби, Радован Караџиќ, побара од Механизмот за меѓународни кривични трибунали (ММКТ) во Хаг, да го пушти на условна слобода, до конечната пресуда, што треба да му биде изречена следната година.

Караџиќ од ММКТ побара да го пушти на привремена слобода, до донесувањето на второстепената пресуда, во 2019 година, со оглед дека првично закажаното изрекување, кое требаше да се одржи овој месец, беше одложено.

До одложување дојде поради промените во судскиот совет, откако претседателот на советот, Теодор Мерон, се иззема од постапката, по барање на одбраната на Караџиќ, која сметаше оти тој е пристрасен.

Одбраната на Караџиќ, исто така, побара, поради оваа промена, Жалбениот совет одново да ја разгледа пресудата, иако постапката претходно влезе во финална фаза.

Потврдувајќи дека пресудата на Караџиќ ќе му биде изречена следната година, судијата Ван Јохансен ги повика бранителите, своите барања да ги поднесат во писмена форма.

Хашкиот трибунал го осуди Караџиќ во март 2016 година, на 40 години затвор, за геноцид во Сребреница, за прогон на Бошњаците и Хрватите низ Босна и Херцеговина, за тероризирање на цивилите во Сараево со долготрајно гранатирање и снајперски оган и за земање на членови на УНПРОФОР како заложници.

На оваа пресуда Караџиќ поднесе жалба, но истото го направи и Хашкото обвинителство, кое побара тој да биде прогласен за виновен за геноцид во шест општини и да биде осуден на доживотен затвор.