Во 1989 година, театарскиот режисер и драматург, Енвер Петровци, се заклучил во својот стан во Белград и започнал да пишува текст за претстава, кој потоа долги години, некаде на полица, фаќал прав.
Претставата конечно била изведена во театар околу три децении подоцна, откако Петровци години претходно го напуштил Белград и по војните во 90-тите години кои го уништија регионот.
Претставата, насловена како „Балкански креоли“, зборува за животот на децата родени во мешани бракови на Балканот, каде што се длабоко вкоренети национализмот, националните поделби и омразата.
Во оваа претстава, младиот „креол“ Хекуран, чиј татко е Албанец, а мајка Србинка, го сослушува полициски инспектор, кој, исто така, е дете од мешан брак.
По испрашувањето, Хекуран е ослободен, а дејствието се сели во еден подрум, каде што тој работи со група вклучена во субверзивни активности насочени против југословенскиот режим. Но, бидејќи тој е дете од мешан брак, оваа група го доживува како „шпион“.
„Чувствував дека режимот се руши, го видов тоа од начинот на кој луѓето комуницираа“, вели 66-годишниот Петровци, сеќавајќи се на периодот пред војните во поранешна Југославија, кога започнал да ја пишува својата драма.
„Имав пријатели чии родители беа од различна националност и тие беа највнимателни. Оние кои беа националисти, почнаа слободно да ги искажуваат своите ставови“, вели Петровци во интервју за БИРН.
Петровци посочува дека луѓето од мешани бракови биле привилегирани во времето на Јосип Броз Тито, но дека ситуацијата започнала да се менува по неговата смрт во 1980 година, кога, поради подемот на национализмот, темелите на Југославија започнале да се тресат.
„Најтешко, во овој период, им беше на оние кои имаа родители од различна националност. Тие најмногу патеа“, вели тој.
„Почнав да се плашам за моите деца“
Претставата, „Балкански креоли“, за прв пат беше прикажана во Тирана во 2018 година, а една година подоцна и во Белград, на фестивалот „Мердита, добар ден!“, кој ги обединува уметниците од Србија и од Косово, со цел културен придонес кон мирот и нормализирањето на односите.
По минатонеделната премиера во Народниот театар на Косово во Приштина, Петровци изјави дека пораката што се обидува да ја пренесе е универзална, без оглед на тоа што приказната е сместена во Косово.
„Кога ја напишав оваа драма, размислував за Босна, но тогаш си го поставив прашањето: ‘Јас сум Албанец, зошто би го посветил овој текст на настаните во Босна?’“, вели Петровци.
„Сепак, ова е глобален феномен, може да се случи и се случува насекаде во светот“, додава тој.
Петровци е роден во Приштина. Актерската кариера ја започнал кон крајот на 70-тите. По многу години поминати во Белград, во раните 90-ти, кога сфатил дека за него и за неговото семејство нема место во главниот град на Србија, тој решил да се врати во Приштина.
„Го напуштив Белград од повеќе причини. Тоа беше многу лошо време, имаше многу антиалбански тензии … Немаше весници, телевизиски станици, па дури и кафе муабети што не вклучуваа антиалбанска реторика. Ми беше многу тешко да живеам во тие околности“, се сеќава тој.
Со Слободан Милошевиќ на власт, дојде до подем на српскиот шовинизам, но Петровци посочува дека неговите пријатели во уметничките кругови „често го критикувале режимот на Милошевиќ“. Сепак, во Белград, ситуацијата сѐ повеќе се влошувала.
„Луѓето беа гласни, постојано ги навредуваа Албанците. Тие немаа ништо со мене лично, но јас постојано ги слушав нивните разговори и ми беше непријатно. На моите пријатели им беше жал, а мене ми беше жал што бев во нивно друштво. Подоцна, престанав да излегувам “, вели Петровци.
„Почнав да се плашам за моето семејство, за моите деца“, додава тој.
Во октомври 2020 година, Енвер Петровци се враќа во Србија, за да ја прими престижната награда „Зоран Радмиловиќ“, за посебни достигнувања во драмската уметност.
Посетата била доста емотивна. „Имам многу фанови во Белград, изненаден сум“, вели тој.
Петровци верува дека, бидејќи регионот продолжува да се занимава со наследството на војните, уметноста може да помогне во надминување на разликите.
„Должноста на уметноста и на спортот е да работат на помирувањето. Особено на уметноста. Моја должност е, без оглед на тешката ситуација, дури и за време на војна, да работам на помирувањето после крвопролевањето“, нагласува тој.
„Постои политичка уметност, но уметноста треба да даде убавина, љубов, а не непријателство“, додава Петровци.
Тој објаснува дека уметникот во мирнодопски услови, ја има истата морална должност како и лекарот за време на војна.
„Лекарот е должен да им помага на болните или на повредените лица, без оглед на националноста на пациентот, бидејќи тој положил заклетва“, вели тој.
„Судот е тој што одлучува дали некој е непријател, атентатор или крадец, но вие како лекар, мора да го излекувате пациентот. Исто е и со уметноста“, заклучува Петровци.