Регион

Литературата што ги крши табуата, има „ослободувачки потенцијал“

„Ефектот на литературата во општествата како нашето, е повеќекратен“, вели во интервју за БИРН српскиот писател, Саша Илиќ

„Ефектот на литературата во општествата како нашето, е повеќекратен“, вели српскиот писател, Саша Илиќ, чиј последен роман се занимава со трајните трауми од војните во 90-тите години, во земјата во која политичките лидери продолжуваат да ја негираат вистината за тоа што се случило.

„Литературата што се занимава со горливите, главно табу-теми, како што се Југославија, војната, воените трауми, воените злосторства, укинувањето на слободата, создавањето на повоена профитерска класа која произлезе од 90-тите години и сега влијае на сите текови на јавниот живот … Секако, таквата литература има ослободувачки потенцијал“, вели Илиќ во онлајн интервјуто за БИРН.

Неговиот роман, „Куче и контрабас“, во јануари минатата година, ја доби престижната награда за литература на списанието НИН. Уште пред да му биде доделена наградата, најавата дека овој писател, познат по спротивставувањето на националистичките наративи кои сè уште доминираат во српското општество, е номиниран за неа, предизвика контроверзии.

Главниот лик на романот е Филип Исаковиќ, контрабасист кој свири џез и поранешен војник на Југословенската народна армија (ЈНА), кој неколку години по војните, завршува во психијатриска болница во Србија.

Приказната се фокусира на луѓето што престојуваат во таа институција, на другите ветерани од конфликтот во 90-тите години, на еден поранешен лекар кој бил добро познат за време на владеењето на режимот на Слободан Милошевиќ, но и на современите мигранти.

„Постоеа две работи што ме интересираа – како политиката денес ја третира воената траума од 90-тите и како се заробени институциите (од владејачките партии, чиишто членови му служеле на режимот во 90-тите години), кои треба да се справат со овој проблем“, вели Илиќ.

Роден е во 1972 година, а кога започнала војната во Хрватска во 1991 година, тој бил регрут во ЈНА.

„Јас ѝ припаѓам на генерацијата регрути, што требаше да се јави на отслужување на воениот рок во есента 1991 година. И покрај моите напори да се ослободам од војската, поради вродената срцева мана, не успеав во тоа, па така, со шифрата ‘делумно способен’, на што никој на тоа во војската не се осврна, еден ден во септември 1991 година пристигнав во Кумбор“, се сеќава тој.

По „кратката обука од околу 20 дена“, Илиќ бил префрлен на воен брод, на кој служел до крајот на мај 1992 година.

„Значи, бев учесник во поморската блокада на Хрватска, за време на копнената офанзива на Вуковар, кој се наоѓа од другата страна (на Хрватска), за која ние, морнарите, добивавме само избрани информации“, вели тој.

Илиќ бил стациониран во Поморскиот технички ремонтен завод во Тиват, каде бил сместен најголемиот дел од флотата на Југославија. Кога пристигнал таму, околу Превлака (полуостров во јужна Хрватска во близина на границата со Црна Гора) веќе се слушале пукотници, бидејќи војната што ќе го предизвика распаѓањето на Југославија, веќе беше започната.

„Нашата обука се одвиваше под силната сенка на војната што веќе беше таму … Ракетните бродови на ЈВМ (Југословенската воена морнарица), тие ноќи, ги гранатираа Дубровник и Плоче“, вели Илиќ.

За време на промоцијата на неговата книга, Илиќ повторно го посетил Тиват и поминал да го види Порто Монтенегро, луксузна марина и станбен комплекс, кои денес се наоѓаат на местото на поранешната поморска база. Единственото нешто што останало од тоа време, бил еден стар кран, кој веќе не се користел.

„Ние двајцата (Илиќ и кранот), таа вечер, бевме единствените сведоци кои го чуваа споменот на тие денови. За мене тоа беше многу тешка, емотивна средба со тоа место“, се сеќава тој.

„Тоа само кажува колку длабоко таа траумата останала во мене. Единствените луѓе со кои можам да го споделам тоа чувство се оние кои поминале низ слични работи, од која било страна на војната, како и со моите читатели, за кои сето тоа е тешко, верувам, но, исто така, и ослободувачки, на некое подлабоко/повисоко ниво на текстот“, додава тој.

Исчекор од нетолеранцијата

Саша Илиќ. Фото: Весна Лалиќ.

Кога станува збор за справувањето со минатото, особено со воените злосторства, Илиќ истакнува дека Србите денес „живеат под влада на елити, која повеќе се грижи за прикривање на нивните недела од 90-тите, отколку на задоволување на потребите на јавноста денес“, алудирајќи на улогата што некои високи владини претставници, ја имале во воените години.

Во меѓувреме, војниците што за време на војните биле испратени на фронтот или луѓето кои дошле во Србија како бегалци од другите поранешни југословенски републики, беа „оставени сами на себе“, нагласува Илиќ.

„Поттикнат од таквата ситуација, токму повратниците од војната ги избрав за мои херои, бидејќи сметав дека само тие сè уште носат сеќавања на таа војна и на сите страшни работи што се случија во неа, а за кои сегашната влада ‘нема време’“, објаснува тој.

„Значи, јас ги третирав тие херои, како изолирани мемориски единици, кои се наоѓаат на некаков свој пат на пропаста, при што во еден момент се најдоа под покровителство на еден државен проект, кој, демек, се обидува да им помогне“, додава тој.

Илиќ смета дека процесот на справување со военото минато на Србија е „поразен на 12 март 2003 година“, кога премиерот Зоран Ѓинѓиќ, кој дојде на власт по соборувањето на Слободан Милошевиќ, кој беше префрлен во Хаг за да му се суди за воени злосторства, беше убиен во Белград од луѓе поврзани со режимот во 90-тите.

Оттогаш, единствените напори за соочување со наследството од војните во 90-тите години, беа направени од „поединци или групи, претежно во невладиниот сектор и ‘андерграунд’ културата“, посочува тој.

Покрај пишувањето книги, Илиќ е еден од уметничките директори на Меѓународниот литературен фестивал Полип, кој се одржува во Приштина, што Илиќ го опишува како „алтруистичко дело на поединци и помали уметнички групи“ во Србија и во Косово, кои решиле да направат „нешто што е во спротивност со официјалните националистички политиките, што тука се водат“.

„Главниот ефект на фестивалот Полип, во однос на постконфликтните општества во Србија и во Косово, е првенствено во воспоставувањето на литературна комуникација, меѓусебно преведување на книги, организирање на средби на авторите од регионот, размена на литература и идеи“, објаснува тој.

„Самото патување на уметниците во Белград и во Приштина, е веќе чекор надвор од концептот на нетолеранција и одржување на замрзнатиот конфликт, што се негува на официјално државно ниво“, додава Илиќ.

Тој посочува дека пандемијата на корона вирусот е кобна за културниот живот во Србија.

„Засега можам да кажам дека пандемијата го разби концептот на досегашната економија, ја уништи културната инфраструктура, поразително влијаеше на изведбените уметности пред сѐ, и до крај ја разоткри природата на режимот на власт“, нагласува тој.

Илиќ ги опишува строгите мерки наметнати од владата, во првите месеци од пандемијата, кои беа воведени со цел да се потисне ширењето на вирусот, како „брутални и недемократски“. Тие беа укинати за време на парламентарните избори, на кои победи владејачката Српска напредна партија, и набргу потоа беа повторно воведени, предизвикувајќи протести што резултираа со судири со полицијата.

Во културната сфера, повеќето настани мораа да поминат во виртуелен формат, кој Илиќ го опишува како „бесконтактен сурогат на културата“. Тој додава дека неговото искуство со онлајн организацијата на фестивалот Полип, му оставило „горчлив вкус“.

„Во текот на оваа година научив што значи слобода на комуникацијата, на состаноците и на дебатите, токму преку нивното отсуство од фестивалската продукција“, нагласува Илиќ.

Книгата, „Куче и контрабас“, од Саша Илиќ, на српски јазик, е објавена во издание на Орфелин.