Истражувањa

Унгарското масло во македонските медиуми

Додека да се консолидира унгарската поддршка на македонските медиуми, мала фирма од предградие на Будимпешта издржуваше цели редакции

Улицата Богларка во Будаорс, предградие на 12 километри од Будимпешта, не е впечатлива по ништо, судејќи според сликите на Гугл мапс. Семејни куќи со дворови, тревници и дрвја, понекој паркиран автомобил пред гаражите – сосема обично приградско маало какви што има насекаде низ Унгарија и низ Европа.

На крајот од оваа слепа улица има мала дрвена барака каде што е регистрирана фирмата Оливери. Тоа е компанија што тргува со маслиново масло што се произведува во Хрватска, а се рекламира само на одредени медиуми во Македонија.

Рекламата може уште да се види на телевизијата Алфа. До неодамна доминираше и на повеќе информативни портали (Курир, Денешен, Лидер, Република и други), но од почетокот на годинава ја снема оттаму и остана само на телевизијата.

И други, еднакво опскурни мали фирми од Унгарија, исто така, објавуваа или сѐ уште објавуваат реклами на овие медиуми. Станува збор за Бониарт, трговска фирма за онлајн-продажба на декоративни производи за домот, како магнети за фрижидери, плочки со натписи за врати и Скин Дилајт фирма за козметички производи. 

Од домашен на странски колач

Малата барака во Будаорс каде што е регистрирана фирмата Оливери | Фото: Гугл мапс

Изборот на места каде што се сретнуваа рекламите воопшто не е случаен. Станува збор за т.н. „унгарски медиуми“ групирани во три компании, наречени така бидејќи во 2017 година во нив влезе унгарски капитал преку луѓе кои се сметаат за дел од експанзионистичката пропаганда на Виктор Орбан.   

Претходно, некои од овие медиуми беа во сопственост на мистериозни компании од офшор-дестинацијата Белизе, а уредувачката политика им беше (и сѐ уште им е) силно поддржувачка кон партијата ВМРО-ДПМНЕ и често напаѓачка, не само кон СДСМ, туку кон сите што поранешната владејачка партија ги сметаше за свои противници.

Во времето кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, на овие медиуми се објавуваа реклами од владините кампањи и од големи домашни компании. На пример, една од фирмите, Ем Медиа, во 2015 добила 25.000 евра за два месеца од Владата покажува базата на податоци за буџетски исплати. 

Освен овие пари, огласи во вредност од 250 до 500 евра на порталите на оваа компанија објавувале и министерствата за економија, образование, транспорт и врски, животна средина, како и агенциите за вработување и за катастар. 

Другата фирма, Прва Република зела 32.000 евра во 2015 од Владата за други договорни услуги и, исто така, објавувала голем број огласи од институциите.

Но, откако партијата тогаш предводена од Никола Груевски изгуби власт, настанаа проблеми. Во 2017 година, во медиумите доцнеа плати, некои се затворија (печатено издание на Република, Радио Слободна Македонија, поранешна ТВ Нова) додека други се реорганизираа со нови програми.

Откако ги снема државните реклами, дојдоа унгарските. Во обратен правец отпатува Груевски, кој пребега во Будимпешта, а Унгарците Питер Шац и Агнес Адамик, основачот на унгарскиот провладин Рипост и поранешна директорка во унгарскиот јавен сервис, на голема врата влегоа во македонскиот медиумски пазар. 

Мали суми за големи реклами

Рекламата за маслиновото масло подолго време доминираше на Лидер и на неколку други портали

На прв поглед нема ништо чудно во тоа дека фирми од Унгарија се рекламираат во медиуми со унгарски капитал во Македонија. Но, Оливери не е некоја голема компанија со меѓународна дистрибуција.

Станува збор за мал бизнис формиран во 2017 година. Таа година имала вкупен приход од околу 5.000 евра, а во 2018 приходот им изнесувал 7.000 евра, од кои профит биле 4.100 евра според податоците до кои дојдовме. 

И покрај малите суми со кои располагала, компанијата повеќе од една година ги закупуваше најатрактивните позиции на порталите, а сѐ уште се рекламира на телевизија. На два портала (Лидер и Денешен) подолго време им беше единствен спонзор.

Тука не престануваат необичните околности поврзани со фирмата. Оливери продава маслиново масло по цена од најмалку 15 евра за литар, плус достава. Самата достава пак е исклучително скапа, па за едно шише да пристигне од Будимпешта во Скопје вкупната сума може да достигне 70 евра.

Рекламата не вели дека маслото е лековито или на кој било друг начин различно од маслиновите масла што во супермаркетите во земјава се продаваат за 5-7 евра. 

Оливери продава маслиново масло по цена од најмалку 15 евра за литар, плус достава. Вкупната сума може да достигне 70 евра за едно шише да пристигне од Будимпешта во Скопје

Сепак, и со таква понуда фирмата се рекламира во Македонија, а истражувањето на БИРН не ја најде фотографијата од рекламата на ниедно друго место, освен на македонските портали.

Бониарт, пак, не е посебна компанија, туку сервис во сопственост на поголема фирма со име Јози, која во 2017 година имала добивка од нешто над осум илјади евра, а во 2018 околу шест илјади евра. Зад овој бизнис, како што пишуваат унгарските медиуми, стоел Миклош Бонијар, поранешен унгарски политичар, кој во раните 2000-ти поседувал повеќе медиуми, но една деценија подоцна се повлекол и од медиумскиот бизнис и од политичките активности, па сега се занимавал со поголем број различни дејности. 

Скин Дилајт не е ниту компанија, туку индивидуален претприемач, за кој нема јавни податоци за приходите. Сопственичка е Лила Коса, поранешна адвокатка, која по тригодишен престој на Бали, решила да го смени бизнисот.  Рекламите на македонските портали беа на унгарски јазик.

Препораки од мистериозен пријател

Рекламата на Скин Дилајт остана на ТВ Алфа, но се повлече од порталите | Фото: БИРН

 

Се обидовме да стапиме во контакт со сопственикот на Оливери за да го прашаме зошто се обидува да влезе со толку неконкурентна понуда на македонскиот пазар. Од компанијата не одговорија на нашите прашања испратени по имејл.

Сопственикот Петер Паскај дал изјава за унгарскиот портал „Маѓар Наранч“, каде што рекол дека рекламите во Македонија не го чинеле многу и дека требало да плаќа само ако некој нарача од неговиот производ.  

Паскај за порталот рекол дека сакал да го прошири бизнисот, а рекламирање во Македонија било на „препорака на пријател“. Тој одбил да го открие идентитетот на пријателот.

Ист одговор доби и БИРН од компанијата Бониарт. Оттаму за БИРН рекоа дека го ширеле бизнисот во повеќе земји и дека се обиделе да влезат на пазарот во Македонија преку рекламите, на „препорака од пријател“  чие што име не сакаа да го откријат.

Прашани дали се запознаени со уредувачката политика на порталите на кои се рекламираат, рекоа дека тоа не ги интересирало, важна им била само бизнис-соработката.

„Не би се рекламирале само на фашистички медиуми. Но, сигурно пријателот не би ни препорачал такви “, рекоа од Бониарт.

Рекламите ги прекинале, како што велат, откако истекол договорот, но поради чувањето деловна тајна, не открија каков аранжман имале (дали плаќале фиксна сума за банерот или по продажба).

Сопственичката на Скин Дилајт, Коса, не одговори на прашањата на БИРН, но претходно на порталот „Маѓар Наранч“ им одговорила дека сака да зборува само за „убавината на животот“ и не сака да дава изјави во натписи поврзани со политика.

Двајца клучни играчи преку повеќе фирми

Прва република е една од трите фирми со доминантен унгарски капитал | Фото: БИРН

Во меѓупериодот од промена на власта до консолидирање на некогашните провладини медиуми, Оливери беше единствен или главен спонзор на онлајн-редакции во кои, според информациите објавени во нивните импресуми, работат по тројца или повеќе новинари, колумнисти, сниматели и друг кадар.

Со помош на онлајн-алатките за пребарување минати содржини на интернет, може да се забележи дека овие реклами се појавуваат во земјава од 2017 година, што коинцидира со времето кога унгарскиот капитал влезе во нив.  Клучните играчи преку кои се ширеше тој капитал беа Агнеш Адамик и Питер Шац. 

Адамик и Шац се сопственици и на медиуми во Словенија. Тие се сметаат за луѓе преку кои се спроведува ширењето на десната конзервативна идеологија на Виктор Орбан во регионов.

Интернет-порталите поврзани со унгарскиот капитал се главно врзани со три компании – Ем Медиа, Прва Република и ЛД Прес Медиа. Ем Медиа е сопственик на домејните на Курир, Денешен, Вистина, Економски и Здравство, а Прва Република е регистрант на порталот Република и на онлајн-телевизијата Пресинг ТВ.

Порталот Лидер, пак, порано беше под Ем Медиа, па се одвои во посебна компанија, во сопственост на уредникот Љупчо Златев, а сега премина во рацете на Прва Република. 

ЛД Прес Медиа е издавач на порталот Нетпрес, кој своевремено беше во сопственост на фирмата Финзи на Коста Крпач, вмешана во случајот „Трезор“ на Специјалното јавно обвинителство (поврзана со набавка на израелска опрема за прислушување).

Откако ги снема државните реклами, дојдоа унгарските. Во обратен правец отпатува Груевски, кој пребега во Будимпешта, а Унгарците Петер Шац и Агнес Адамик, основачот на унгарскиот провладин Рипост  и поранешна директорка во унгарскиот јавен сервис, на голема врата влегоа во македонскиот медиумски пазар

Во сите три фирми, доминантен сопственик е компанијата Адинамик Медиа, основана на 26 септември 2017 година, во целосна сопственост на Агнеш Адамик.

Питер Шац, пак, е доминантен сопственик на Алфа ТВ преку четири компании. Директен сопственик на Алфа ТВ е фирмата Алфаскоп, која има четири сопственици, од кои најголем удел има ЦХС Инвест Груп, оваа компанија, пак, е во доминантна сопственост на Таргет Медиа, чиј газда е Шац. Таргет Медиа е основана на 11 април 2017 година.

Во врска со рекламите на Скин Дилајт објавени на Нетпрес и маслиновото масло на Оливери од управителите на овие компании одговор ни испратија Лидија Станчевска-Кумева од ЛД Прес Медиа и Јани Бојаџи од Алфа.

„Скин Дилајт се рекламираше на интернет-страниците на новинската агенција Нет Прес согласно меѓусебно потпишани договори врз основа на понуди за рекламирање кои се деловна тајна на двете компании“, одговори таа.

Станчевска-Кумева додаде дека не знае дали имало интерес за производите на компанијата во земјава, односно дека тоа не било предмет на нивна анализа, и дека тоа прашање треба да биде упатено кон Скин Дилајт.

Бојаџи, исто така, рече дека податоците за соработката се деловна тајна и дека ако сакаат компаниите да ги објават, треба да им се обратиме на нив.

„Компаниите ги сервисираат обврските кон Алфа телевизија специфицирани во договорите за соработка. Кога јас склучив менаџерски договор со Алфа (18 август 2019) од вас посочените компании веќе имаа потпишано договори за соработка, па не знам на кој начин е воспоставена таа“, рече Бојаџи во одговорот на електронската пошта.