Интервјуа

Уставниот суд на БиХ е „под притисок”, вели новоименуваниот претседател на судот

Уставниот суд на БиХ се соочува со секојдневен притисок од страна на политичките сили, кои не сакаат да ги прифатат одлуките против нивната етничка база, вели за БИРН, новоименуваниот претседател на овој суд, Златко Кнежевиќ.

Харис Ровчанин, Сараево

Во неговото прво интервју, по назначувањето на позицијата претседателот на Уставниот суд на Босна и Херцеговина, Златко Кнежевиќ за БИРН вели дека судиите на овој суд секојдневно се изложени на различни форми на притисок.

Тој, како пример, ги наведе извештаите на медиумите за политичките критики упатени на различни одлуки на Уставниот суд, како што е одлуката за одбележување на Денот на Република Српска и за измените на изборниот закон на БиХ, во делот во кој беа прогласени за неуставни и дискриминаторски.

Потсетувајќи на латинската поговорка, „Ако мислите дека правдата победила, прашајте го оној кој го изгубил спорот”, Кнежевиќ вели дека во БиХ едната страна секогаш им аплаудира на одлуките, додека втората, во најмала рака, ги укорува доносителите на тие одлуки.

Тој додава дека „дури постојат и обиди за грдо, лично удирање по интегритетот на некои судии”.

„И тоа не е класичен политички притисок од видот ‘одреден политичар му се јавил на некој од судиите’, туку е притисок на политизација во земјата, во која за четири месеци се одржуваат избори“, објаснува претседателот на Уставниот суд на БиХ.

Уставниот суд се најде под критика откако политичарите не успеаја да се договорат за измените на изборниот закон, во врска со изборот на пратеници во Домот на народите во Парламентот на Федерацијата БиХ. Ако политичките партии не се договорат, тоа ќе значи дека изборите, што треба да се одржат во октомври, делумно ќе бидат неважечки, што ќе предизвика институционална криза во земјата.

Кнежевиќ, кој е од српска националност, родум од градот Босански Нови, негира дека судиите на Уставниот суд понекогаш дејствуваат политички, што се огледа во фактот дека судиите од различни националности, различно гласаат.

Тој објаснува дека суштината е во тоа што „едните поблаго, а другите посилно ја интерпретираат постоечката конструкција на БиХ”.

Босанските Срби се залагаат за послаба централната власт и зајакнување на ентитетот Република Српска – па дури и негово целосно отцепување од Босна и Херцеговина – додека Бошњаците генерално сакаат посилни централни институции.

Но, Кнежевиќ вели дека оваа разлика во позициите е од клучно значење за донесување на поквалитетни одлуки.

„Едните одат кон пофункционален или поцврст став кон државата, а другите кон понфукционални делови на ентитетите и Дистриктот Брчко“, додава тој.

„Значи, не се работи за национална поделба. Тоа е еден благ отклон помеѓу различните прифаќања на уставната конструкција. И тоа е позитивно. Мојот претходник, судијата Мирсад Ќеман, имаше обичај да каже: ‘Таму каде што сите исто мислат, никој не мисли’”, вели Кнежевиќ.

Во Република Српска, во јануари беше одбележан Денот на Република Српска, и покрај одлуката на Уставниот суд на БиХ, дека прославата е дискриминаторска кон другите етнички групи во овој ентитет. Фото: Анадолија.

Во Уставниот суд, нагласува тој, преку 99 проценти од случаите ги решаваат шестмината домашни судии, додека во многу мал број предмети се вклучени и двајцата странски судии.

Официјалните лица на Република Српска, РС, често бараат да се укинат функциите на странските судии во Уставниот суд на БиХ, наведувајќи дека тие работат во интерес на Бошњаците, а против интересите на босанските Срби.

Сепак, Кнежевиќ не сакаше да одговори на прашањето, дали е време странските судии да го напуштат Уставниот суд.

„Ние едноставно не одлучуваме за тоа”, рече тој.

Пред да биде назначен на позицијата претседател на Уставниот суд на БиХ, Кнежевиќ беше член на Високиот судски и обвинителски совет на БиХ и на Адвокатската комора на Република Српска.

Зборувајќи за неизвршените одлуки на Уставниот суд, Кнежевиќ, истакнува дека „секоја неизвршена одлука, е директен напад врз уставниот поредок на БиХ и на ентитетите”.

На пример, Уставниот суд донесе одлука со која е наложена измена на статутот на градот Мостар, во делот кој се однесува на правилата за избор на пратеници во градскиот совет, прогласувајќи го за неуставен, поради што во Мостар, неколку пати досега не се одржаа локални избори.

„Подобро да ме напаѓаат секој ден поради една или друга одлука на Уставниот суд, но тие одлуки да се извршуваат, отколку да ме фалат, а да не ги извршуваат одлуките”, објаснува Кнежевиќ.

Тој додава оти оваа институција има проблем, бидејќи месечно во судот пристигнуваат помеѓу 620 и 660 апелации, кои што мора да бидат решени во потребен рок, додека буџетот, секоја година, останува ист.

„Ако се продолжи со ова темпо, Уставниот суд ќе бидат изложен на многу поголем притисок со цел да ги заврши предметите, да нема голем број на нерешени предмети и сето тоа да го испочитува во даден рок”, вели Кнежевиќ.

Тој додава дека е неопходно да се зголемат ресурсите бидејќи “довербата на граѓаните во Уставниот суд е огромна”, во однос на правилната работа и ефикасното решавање на предметите.

„Не навлегувајќи во тоа дали се тие во право или не, тие од нас очекуваат многу”, заклучува Кнежевиќ.