Интервјуа

Авторот на „Исцелител“: Историските теми не се тајната состојка за успех

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Филмот помина и кај критиката и кај публиката, што обично е тешко да се постигне | Фото: БИРН

По 23 фестивали низ целиот свет од кои два од престижната А-категорија и по деветте интернационални награди, филмот „Исцелител“ сврти цел круг и се прикажуваше на отворено во Градскиот парк во Скопје.

Тоа беше повод да поразговараме со режисерот и сценарист на филмот, скопјанецот Ѓорче Ставрески.

Интересно е дека тој е еден од најмладите добитници на државната награда „13 Ноември“ за наука, бил одличен ученик во Корчагин и немал четворки ниту на полугодие. Следејќи ја таа образовна патека се запишал на Електротехничкиот факултет (ЕТФ), меѓутоа на крајот, сепак, станал филмски режисер.

„Исцелител“ во јануари годинава бил меѓу најгледаните филмови на „Ejџ-би-о Jуроп“ и сѐ уште е на меѓу десетте први.

„Се запишав на ЕТФ, супер ми тргнаа студиите и бев десеткаш, ама ми беше страшно депресивно.“

Проблемот бил што едноставно се разликувал во ставот од повеќето колеги, тие гледале да завршат факултет и да се вработат во некоја „ај-ти“ компанија или во Телеком.

„Немаше идеализам кај луѓево, а јас сум таков. Можеби да запишев чиста математика или физика ќе ги завршев студиите. Стресот од ЕТФ го вадев од себе свирејќи во панк-бенд.“

Токму неговиот другар од групата му предложил да се префрли на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) и Ѓорче го послушал, иако не бил пасиониран љубител на филмови. Повеќе бил по белетристиката и по филозофијата.

„Сѐ се случи некако блесаво.“

Македонското здравство е една од носечките теми на филмот

„Сѐ е или со врски или со многу чекање, едноставно нема фер-плеј во нашето здравство“ | Фото: БИРН

„Исцелител“ се крчкал во неговата глава со години.

Со двата успешни краткометражни филма се квалификувал да добие државни пари, потоа идејата ја доразвил со наградите од Италија и од престижниот Берлински филмски фестивал, каде што и се запознал со копродуцентите од Грција.

„Неверојатно е што филмот постигна успех на повеќе полиња, тој е цел пакет“, вели Ставрески.

Помина и кај критиката и кај публиката, што обично е тешко да се постигне со која било уметничка творба.

„Исцелител“ говори и за феноменот кога родителот ем сака да си независен, ем не ја дава контролата врз тебе. Тоа е една балканска љубов

„Толку бев исцрпен на крајот од филмот, што ќе бев задоволен и само со учество на некој од А-фестивалите, што и се случи со Талин.“

Настапот на овој фестивал придонел за добри критики, а тие, пак, ја зголемиле гледаноста.

На фестивалот во Талин, Естонија, филмот го гледала и една од топ-трите филмски критичарки во светот. Му раскажувале дека жената станала и аплаудирала на последната сцена.

„Не знаете каков успех е тоа! Џесика Кајенг или пишува за филмови што многу ѝ се допаѓаат или буквално плука филмови. Ни кажаа дека ѝ се допаднал ‘Исцелител’ и само кратко се запознавме со неа и фативме магла, се плашевме да нe кажеме нешто глупаво и да не го расипеме впечатокот“, низ смеа ни раскажа Ѓорче и со рацете покажа како со главниот актер Благој Веселинов избегале подалеку од новинарката на „Варајати“.

„И таа напиша ѕвездена критика, тоа беше неверојатен поттик.“

Иако во филмот во прв план е темата за марихуаната, Ставрески вели дека она што го прави „Исцелител“ прифатен насекаде во светот се сосема други две теми, а тоа е семејната љубов, односот татко-син и распадот на македонското здравство.

И двете теми се автобиографски врзани за него како автор на сценариото.

Хаосот во здравството го доживеал врз своја кожа кога имал посериозни проблеми со стомакот.

„Тоа беше едно брутално искуство. Сѐ е или со врски или со многу чекање, едноставно нема фер-плеј во нашето здравство.“

Вториот аспект од приказната, семејната љубов има многу врска со односот што го има кон својата мајка. Неговите се разведени и го чувала само мајка му.

„Односот на таткото и синот во филмот е многу сличен на мојот со мајка ми. Недоразбирања имало, ама секогаш тука била и љубовта. Тоа е една балканска или можеби медитеранска љубов, го има тоа и во Италија, на пример, родителот ем сака да те израсне и да те направи независен, ем не те пушта од раце и не ја дава контролата врз тебе.“

Од една страна марихуаната е озлогласена и за неа денес во Македонија можеш да лежиш во затвор рамо до рамо со убијци и со силувачи, меѓутоа постои и другата крајност, која е подгреана од сомнителни информации на интернет, дека марихуаната е речиси еликсир за долг живот и едно апче за сите болести.

Преку хуморот во филмот темата за марихуаната стигна до повозрасните и тие сфатија дека таа не е баук

„Многу размислував на оваа тема и ако некаде сум внимавал да има баланс, тоа е на ова прашање. Ги прикажав и двете крајности, ама важно ми беше јас да сум некаде на средина и на страна на медицината и на науката.“

„Затоа при крајот на филмот главниот лик Веле прецизно вели дека татко му е болен од рак и му помага за болки.“

Лекарите за тоа му честитале, ама поддржувачите на марихуаната во Македонија на почетокот му се налутиле, сметале дека им прави лош пи-ар со тоа што ги става во ист кош со лажните исцелители.

„Сепак, ‘Исцелител’ беше позитивен пи-ар за марихуаната. Преку хуморот во филмот темата стигна до повозрасните и тие сфатија дека таа не е баук.“

Добро е што филмот помина под радарот на политиката

„Се надевам дека ќе ја задржам независноста, бидејќи филмот мора да е критика“ | Фото: БИРН

До сега се изнагледавме филмови за илинденци, комити и други теми од историјата.

Ставрески и претходно зборувал дека дефинитивно не сакал да направи уште еден таков филм. Нашето прашање беше зошто децении наназад сме заглавени во тие историски теми.

„Веројатно многумина мислеа дека тоа е рецептот за успех, тајната состојка што светот ја бара од нашите филмови, во оваа наша дисфункционална држава како да има приказни само во историјата. Сакав да направам филм што ќе се занимава со сегашноста, тоа е актуелно и во соседните кинематографии, во романската и во бугарската.“

„Знаете како викаат, тоа што е добро за животот, не е добро за филмот и обратно. И во таа смисла ние тука имаме едно чудо теми. Корупција? Пфф! Таа кај нас е модус операнди.“

Дефинитивно ќе нема ‘Исцелител 2’. Можеби ќе снимам сличен филм, втор дел во една метафоричка смисла

Независноста, според него, е исто така дел од рецептот за успех на филмот.

„Актерите ги избрав на кастинг, без кој било да ми влијае.“

Ставрески вели дека никој не претпоставил оти „Исцелител“ ќе успее и затоа политиката многу не се ни обидувала да го присвои филмот.

„Некако им помина под радарот. Многу ми беше драго што ја избегнав близината со претходниот систем, иако имаше обиди да се сретнеме со тогашната министерка или со премиерот. Се надевам дека таа отменост и независност ќе ја задржам, бидејќи филмот мора да е критика.“

Поминале седум години од првиот збор што го напишал од сценариото за „Исцелител“, го режирал филмот и го монтирал трејлерот, дури и интернационалниот плакат за филмот е негово дело. Снимил 72 часа сиров материјал, што значи филмот буквално се исцедил од неговите живот и поглед кон светот.

Токму затоа е пред тешка одлука за вториот филм.

„Дефинитивно ќе нема ‘Исцелител 2’. Можеби ќе снимам сличен филм, втор дел во една метафоричка смисла, филм со истиот шмек. Имам развиено неколку приказни и среќа е што тие се направени пред успехот, зошто сега ќе ми беше потешко. Неколку од тие приказни ја имаат поетиката на ‘Исцелител’, излезени се од мене.“

„Треба да решам што ќе правам, дали да снимам сличен филм или нешто сосема различно што е исто така можно. Мора брзо да одлучам, ме чекаат конкурси.“

За Ставрески ангажираната уметност е одење по јаже, па затоа со прашањата малку го прошетавме по таа тенка линија.

Тој смета дека режисерот треба да се воздржува и да не ги става во прв план своите ставови, но и покрај тоа во „Ицелител“ во неколку наврати е на работ да го прекрши ова непишано правило. Нѐ интересираше зошто баш „Скопје 2014“ морало да биде една од темите за којашто директно се изјаснува во филмот.

„Ако направиш лош филм, вели тој, колку и да сме дале пари како држава, можеме да му фрлиме две лопати на тој неуспех и да продолжиме понатаму.“

„Што ќе правиме со ‘Скопје 2014’? Јас го избегнувам плоштадот, не можам да го гледам тоа купатило со плочки. Не можам да им го објаснам на пријателите од странство и целата работа ја терам на хумор.“

Што ќе правиме со „Скопје 2014“? Јас го избегнувам плоштадот, не можам да го гледам тоа купатило со плочки

„Тоа е сцената во која актерите се седнати под мостот ‘Гоце Делчев’, во тој широк простор како да се во едно распаднато Токио, кое не е пипнато со години, ама јас тоа го сакам повеќе од сиот кич на другата страна од реката.“

За Македонија тој вели дека едно е сигурно, а тоа e дека ништо не е сигурно. Нѐ интересираше дали со политичката промена во држава сѐ уште стои на овој став.

„Не можам да проценам во која насока оди земјава. Толку е хаотична ситуацијата што многу зависи од различни позиции на моќ, а од друга страна сѐ уште немаме изградени институции. Сѐ е во градењето на институциите, самата демократија најмногу се базира на тоа.“

Тој вели дека и со сегашната смена на министерот Роберт Алаѓозовски тргнуваме од нула во културата.

„Тоа е проблемот. Не е нормално колку не можеме да се фатиме за една работа и да ја тераме со години, таа да има некоја обединувачка дејност.“

На Алаѓозовски му забележува дека сериозно го намалил буџетот за филм.

„Претходната власт со сите свои мани постојано го зголемуваше буџетот, не знам кој беше фан на филмот, можеби Никола Груевски.“