Орбан и македонското прашање

Минатиот викенд, Унгарија беше најголемата или барем една од најголемите држави во Европа, а богами и во светот. Таков впечаток можеше да се добие од интересот што го покажаа најголемите, средните и помалите држави за унгарските избори, дури и со директно вмешување во изборниот процес.

Сепак, што беше тоа што Унгарија, релативно мала централноевропска земја, со нешто под десет милиони жители и без излез на море, ја стави во центарот на светската геополитичка карта и ги натера трите светски сили САД, Русија и Кина отворено да застанат зад еден кандидат, а бриселските европски институции, вклучувајќи ги тука и двете најважни држави во Европската Унија, Германија и Франција, да застанат зад неговиот противкандидат, кој на крајот и убедливо ќе победи?

Популистичка икона

Премиерот во заминување, Виктор Орбан, поради својата трајност и неговата таканаречена поливекторска надворешна политика, односно долговечноста на неприкосновеното владеење со Унгарија и неговото потпирање на Путин, Трамп и Си Џипинг, успеа да изгради сопствен бренд на некаков фундамент на таканаречената десничарска популистичка интернационала.

Затоа преку него и се прекршуваа бројни прашања што, реално гледано, никогаш не би се допреле до една толку мала земја како што е Унгарија. Преку него, всушност, Унгарија одеднаш станува релевантна држава за голем број глобални теми.

На пример, кој било да разговара за американско-европските односи, за европско-кинеските односи, за европско-руските односи, за европската десница, за европскиот популизам, за европскиот фашизам… нема да го заобиколи Виктор Орбан. Тој, едноставно, е препознатливо лице кај десноориентираните гласачи ширум светот: од Аргентина, преку САД, па сѐ до Јапонија.

Со други зборови, Маѓар не го победи Орбан на геополитичките прашања, туку на внатрешен план. Првенствено разоткривајќи ја корупцијата, партизираната и заробена држава

И тоа многу повеќе, отколку што неговата држава Унгарија се препознава како таква или како некаков пример на реално успешно десничарско и суверенистичко државничко управување.

Ајде да кажеме вака, интересот на Трамп за опстојување на власта на Орбан е во натамошното слабеење и дезинтеграција на ЕУ. И затоа се оние речиси непримерни интервенции само неколку дена пред изборите со посетата и отворената поддршка на заменикот на Трамп Џеј Ди Венс и личното обраќање на Трамп преку спикерфонот на Венс на симпатизерите на Орбан на нивниот централен предизборен митинг.

За Кина и Русија, пак, Орбан е еден вид „тројански коњ“ за ширење на нивното влијание на европско тло плус за Русија е и еден вид „корисен идиот“ за блокирање или намалување на помошта за Украина. За ЕУ, пак, важат спротивните мотиви – отстранувањето на Орбан е отстранување на уште една (голема) пречка во консолидацијата на Унијата и, секако, намалување на влијанието на „архетипските“ непријатели во ликот на Путин и Си Џипинг.

Зошто тогаш Виктор Орбан доживеа политичко цунами на домашен терен? Имавме можност да читаме по медиумите дека Петер Маѓар, харизматичниот водач на опозицијата, во овие две години, откога постои неговата партија Тиса, повеќекратно ја прошпартал Унгарија.

Повеќепати посетил стотици и стотици села и населени места. Поминал стотици и стотици километри… Со други зборови, Маѓар не го победи Орбан на геополитичките прашања, туку на внатрешен план. Првенствено разоткривајќи ја корупцијата, партизираната и заробена држава, задушувањето на медиумските слободи и слични аномалии, карактеристични за авторитарните режими.

Блиски врски

Се разбира, корупцијата е, сепак, ставена во преден план. Унгарија е класифицирана како најкорумпирана држава во Европската Унија. Конечно, и самиот Маѓар, долгогодишен член на партијата на Орбан, се разијдува со него по разоткривањето на големиот педофилски скандал, при што главниот виновник, верен партиец, е помилуван од власта.

Интересно е колку овие долготрајни „суверенистички“ режими, речиси без исклучок, се заглибени во коруптивната кал. Почнувајќи од оние најголемите, Кина, Русија, Белорусија, Турција, па сѐ до нашето најблиско опкружување.

Во таа смисла, не е воопшто чудно што најголеми сојузници на Орбан во регионот му беа Србија, односно Александар Вучиќ, и Република Српска, поточно Милорад Додик. Додуша и ние не сме многу подалеку, уште од времето на премиерот Никола Груевски, кој, ете, во бегањето од законот, најде прибежиште токму кај својот пријател Орбан.

Најпознат случај во македонско-унгарската коруптивна историја е оној на македонскиот Телеком. Уште при неговото продавање на унгарскиот Маѓар телеком, инаку подружница на Дојче телеком, во јавноста се говореше за можна корупција. Нешто подоцна, благодарение првенствено на американските истражни органи, се откри милионска корупција.

За волја на вистината, сѐ уште не е познато каква политика ќе води Петер Маѓар, ама затоа е познато дека таа дефинитивно ќе биде проевропска, односно кооперативна кон ЕУ и нејзините одлуки

Деценискиот судски процес не даде ефективни резултати, така што денес случајот е застарен и македонската држава нема повеќе право да ги гони обвинетите унгарски директори Атила Сандреј и Золтан Кишјухас, како и Германецот Ролф Плат.

Поточно, во 2023 година, по повеќе од една деценија, првостепениот суд ги осуди овие тројца директори на затворска казна од по осум години, како и да ѝ платат отштета на македонската држава. Но, истата година беа донесени оние фамозни измени на Кривичниот законик, така што уште пред Апелација да се произнесе по жалбената постапка, случајот застаре.

Во тој контекст, не е на одмет да се каже дека унгарската компанија 4иГ, инаку прилично блиска до Виктор Орбан, веќе доби лиценца да биде трет мобилен оператор. Оваа компанија, како што се вели, пројави интерес да биде трет мобилен оператор веднаш по смената на власта, односно по доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт.

Унгарската историја на државна корупција е нашироко позната. Најпознат случај е купувањето на хрватската нафтена компанија ИНА од страна на унгарскиот државен нафтен гигант МОЛ. За овој случај, хрватскиот премиер Иво Санадер е осуден на 18 години затвор, од кои одлежа 11 и лани беше пуштен на условна слобода.

Но, да се вратиме ние на Македонија. Унгарската стратегија не само тука, туку и во другите балкански држави, најчесто е фокусирана во создавање своевидна медиумска мрежа, преку која ќе го шири своето политичко влијание. Влијанието се остварува на начин што се избира една политичка опција што е блиска до ставовите и практиките на Орбановиот Фидес и таа се форсира преку нивните медиуми, со што се создава „благопријатна“ клима за нивно натамошно пенетрирање во политичкиот живот на државата.

Во македонскиот случај, таа опција секако е ВМРО-ДПМНЕ. На крајот на краиштата, тоа може да се види со оној фамозен државен кредит од милијарда евра, што му беше ветен на Христијан Мицкоски уште додека беше лидер на опозицијата, односно пред последните парламентарни избори. Не можам да тврдам, но ако не е единствен случај во светот, тогаш секако е еден од преседаните, водач на опозиција да добие кредит за државата уште пред да биде избран.

Во таа смисла, јас можам да го разберам разочарувањето на владејачката партија со заминувањето на Виктор Орбан од политичката сцена. Орбан, во времето на ВМРО-ДПМНЕ, практично беше единствениот пријател на Македонија. Ова политичко пријателство се базира токму врз десничарските суверенистички и изолационистички политики, кои, ако можам така да кажам, се манифестираат преку удирање „контри“ на бриселската администрација на Европската Унија.

Без него, Македонија, ако го иземеме Александар Вучиќ во Србија, останува прилично осамена во своето инаетење кон ЕУ. Дури и Јанез Јанша да успее да го добие премиерското место во Словенија, тој ќе раководи со ужасно слаба влада, што претпоставува дека фокусот нема да му биде насочен кон Западен Балкан.

А Роберт Фицо во Словачка е далеку и неговите аспирации кон некакво пошироко влијание се прилично скромни, да не кажам непостоечки.

За волја на вистината, сѐ уште не е познато каква политика ќе води Петер Маѓар, ама затоа е познато дека таа дефинитивно ќе биде проевропска, односно кооперативна кон ЕУ и нејзините одлуки. Какви реперкусии ќе има тоа врз бившиот премиер Никола Груевски и неговото евентуално враќање во земјава е некоја друга тема, за некоја друга пригода.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија