Анализи

Вакцини: Не овој петок, другата среда

Многу најави и ветувања, малку вакцини

„Авансот е вратен, но кинеските вакцини ќе стигнат за скоро време“. Вака гласи последната вест околу ковид-вакцините што викендов повторно ги збуни граѓаните.

Од 1 јануари се изнаслушавме ветувања за февруарските пратки од Фајзер и од кинеската Синофарм, а откако стануваше сè појасно дека вакцините ќе доцнат, дали требало да се до-допрецизира договорот со Фајзер или, пак, ни се испречила кинеската Нова година, власта се одоброволи да ја нарача руската Спутник, иако претходно беше прилично резервирана, и покрај отворената понуда од Русите.

Мешаницата околу директните преговори со фармацевтските гиганти е последица на стратегијата што ја одбра власта потполно да се потпира на механизмите на Ковакс и на ЕУ, од кои очекуваше околу 1,6 милиони вакцини, а кои сега засега потфрлија.

Оптимистички во јануари

Околу Нова година, Фејсбук и Твитер се „дигнаа на нозе“, медиумите упорно прашуваа зошто каскаме зад соседите во набавките, додека политичките противници на власта ликуваа дека „Филипче питачи вакцини“, алудирајќи на првичниот договор Бугарија да ни донира дел од нејзините дози.

Власта немаше избор и експресно реагираше – ден пред Нова година на владиниот сајт осамна охрабрувачко соопштение.

„Република Северна Македонија во февруари ги добива првите дози на Фајзер вакцината. Денеска попладне е постигнат директен договор со компанијата.“

Пет дена подоцна, на 4 јануари, уште едно владино соопштение ги подгреа надежите.

„Република Северна Македонија ќе добие 800.000 вакцини од Фајзер. Министерот за здравство, Венко Филипче, во директни преговори со овој производител, обезбеди вакцини за цела 2021. Договорот беше дефиниран утрово во телефонски разговор на министерот и висок претставник на компанијата.“

Тогаш „падна“ и ветувањето дека во февруари ќе стигнат точно 5.850 дози од вакцината на Фајзер.

Истиот ден премиерот Зоран Заев првпат ја спомна можноста спасот од короната да се бара и на Далечниот Исток.

„Имаме најава и за договор со Кина за 200.000 вакцини“, изјави Заев на 4 јануари.

Тогаш немаше причина да се сомневаме дека договорот со Фајзер е склучен и дека „ене ги пратките, само што не дошле“. Меѓутоа, во меѓувреме дознавме дека треба да се менува Законот за јавни набавки, за полесно да се преговара со фармацевтските компании.

Затоа веќе на 16 јануари, од изјава на министерот Венко Филипче дознавме дека, ете, договорот, сепак, не бил потпишан. Во таа изјава, тој беше внимателен и не зборуваше за купени, туку за резервирани дози.

Но, не го доведе во прашање тајмингот кога ќе пристигнат вакцините – февруари сè уште е фикс.

 „Добро одат преговорите со компанијата Фајзер, за кратко време ќе го склучиме договорот и резервирани се дозите со таа динамика како што од Фајзер беше најавено – тоа се 5.850 дози во месец февруари, по 17.500 во месец март и април…“, кажа министерот во интервју за Сител.

Тие денови се подзаборави можноста за кинеска вакцина, а руската сè уште беше баук.

При крајот од јануари добивме официјална најава за набавка на 200.000 дози од кинеската Синофарм, со што на некој начин се потврдија сомнежите дека договорот со Фајзер нема да биде егзекутиран толку бргу како што првично се најавуваше

И кога скептиците веќе се посомневаа оти преговорите со Фајзер и нема така мазно и брзо да одат, Министерството за здравство даде нова надеж за брз дил:

„Процесот на директна набавка, како и договорот со производителот на вакцината Фајзер е во финална фаза“, писмено изјавија од Министерството за здравство, за БИРН, на 19 јануари годинава.

Во подолгата верзија на оваа изјава и понатаму февруари е месецот кога ќе ги видиме првите фајзерови вакцини во Скопје.

Истиот ентузијазам се чита и во владиното соопштение една седмица подоцна од 27 јануари.

„Министерството за здравство е во завршна фаза од директните разговори со Фајзер за набавка на 800.000 дози за сукцесивна испорака на договорените количества во следните месеци, од кои првите во февруари.“

Меѓутоа, тие денови, при крајот од јануари добивме официјална најава за набавка на 200.000 дози од кинеската Синофарм, со што на некој начин се потврдија сомнежите дека договорот со Фајзер нема да биде егзекутиран толку бргу како што првично се најавуваше.

Панично во февруари

Министерот Филипче сè порезеривран околу најавите | Фото: Роберт Атанасовски

Затоа во февруари изјавите на Филипче и на Министерството за здравство веќе беа резервирани и внимателни.

„Министерството ги заврши сите процедурални постапки во однос на договорот и сега чека Фајзер да допрецизира сегменти од договорот. Прецизен датум кога ќе стигне првата пратка вакцини сè уште нема“, се вели во одговорот испратен до БИРН на 3 февруари.

Малата агонија околу оваа набавка ја подзаборавивме кога на 6 февруари Филипче го потпиша договорот со кинеската фармацевтска компанија. Тогаш не добивме точен датум за пристигнување на кинеските вакцини, ама крајот на февруари повторно беше во игра.

Според премиерот Заев, вакцините на Синофарм требаше да стигнат по кинеската Нова година.

„До крајот на месецов (н.з. февруари), вакцината ќе стигне во земјава“, потврди премиерот на 12 февруари.

Во тој момент веќе имавме нова вест околу фајзеровата вакцина, која и не звучеше претерано оптимистички.

На 11 февруари, Филипче рече дека драфтот на договорот треба да пристигне во следните денови, меѓутоа дел од неговата изјава звучеше на нешто што може да се окарактеризира како подготвување на публиката дека вакцините, сепак, ете, можеби нема да пристигнат во февруари.

„Секој разговор ни укажуваат дека се под навистина голем притисок, дека навистина имаат притисок од буквално сите земји, дека многу внимаваат на сите овие договори што се обврзувачки кон државите…“, изјави министерот.

Во настапите на министерот Филипче никогаш не може да се почувствува паника, меѓутоа таа се забележа во двете контрадикторни изјави на Заев во врска со руската вакцина. Премиерот прво на 19 февруари ни објасни дека руската вакцина нема да ни треба, оти сме нарачале доволно количини од други производители, а два дена подоцна, на 21-ви се премисли

Надежта дефинитивно се изгуби со изјавата на министерот од 21 февруари, кога тој повторно, по којзнае кој пат ни кажа дека договорот со Фајзер „се очекува“.

„Секој ден одговараме на некои дополнителни прашања. Разбирливо е зошто компаниите сакаат да се заштитат во делот на безбедноста, во делот на осигурувањето дека количината ќе биде наменета исклучиво за државата.“

Во настапите на министерот Филипче никогаш не може да се почувствува паника, меѓутоа таа се забележа во двете контрадикторни изјави на Заев во врска со руската вакцина. Премиерот прво на 19 февруари ни објасни дека руската вакцина нема да ни треба, оти сме нарачале доволно количини од други производители, а два дена подоцна, на 21-ви се премисли.

„Дадов насоки да се нарачаат 100.000 дози вакцини“, изјави Заев. 

Откако стана јасно оти во февруари нема да пристигнат нови вакцини, Филипче во петокот беше највнимателен во однос на реализацијата на договорите со сите три производители.

Рече дека сме во „последните денови кога се финализираат прашања во договорите“.

„Ова го кажувам со резерва затоа што секогаш излегуваше дека имаат некои дополнителни прашања што треба да се одговорат“, изјави министерот во петокот, цели два месеца по првичната оптимистичка најава дека „во февруари ги добиваме првите дози од вакцината на Фајзер“.