Кога престанува борбата против бетонизацијата на една локација во Скопје? Најчесто, кога ќе заврши и самата бетонизација што е предмет на таа борба, односно ќе се изгради, ќе се всели и ќе почне да функционира објектот против кој се реагира. Со други зборови – кога ќе се признае поразот.
Зачудувачки е што речиси нема населба во главниот град каде што не се одржал барем еден протест против изградба на зграда организиран од локални жители или од активисти против интензивен градежен развој и заштита на околината. А и покрај тоа, загубените тревници, игралишта, јавни и други простори низ Аеродром, Кисела Вода, Центар, Карпош и на други места, сведочат дека отпорот не даде речиси никаков ефект.
Поточно, ефектот може да се види во дневните весници, каде што деновиве се објави издадената градежна дозвола за втората висококатница од комплексот „Гранд“ што се гради во скопско Ново маало, спроти хотелот „Холидеј ин“.
Каде се греши? Како може по толку многу активизам против т.н. „урбана мафија“ да не се најде ефикасно решение за градежниот бизнис да не го нарушува квалитетот на животот?
Своевремено, вината најчесто се префрлаше на доцното реагирање. Имаше протести и реакции откако ќе се оградеше градилиштето и ќе пристигнеа багерите. Дотогаш веќе сите законски и административни процедури завршиле, се донел урбанистички план, во него се предвиделе објекти со одредени димензии, некој ги купил земјиштата на кои се нацртани тие објекти, уплатил комуналии и добил градежна дозвола.
Работите се сменија и борбата против интензивното градење веќе не е оставена на заспани соседи што имале непријатно будење од звукот на багерите некое утро. Уште одамна меѓу активистите за хуман урбан развој има луѓе што знаат да читаат и да толкуваат детални урбанистички планови, знаат да реагираат навреме, уште пред да почне да се гради, пред да биде продадено земјиштето или уште во најраните фази кога се црта планот.
Дел од тие луѓе се организираа во граѓански здруженија, други и во политички организации за директно да влијаат врз одлуките. Социјалните мрежи помогнаа нивните пораки и предупредувања да стигнат до поширока публика.
Колку тоа даде ефект? Еден од ретките примери каде што има позитивен развој е Расадник во Општина Кисела Вода. Се предвиде ДУП со стотина згради, а околните жители се организираа уште во раната фаза. Додадоа стручност на својот активизам, правеа елаборати, подготвуваа документи и со експертска аргументација се спротивставија на планското решение.
На крајот, ги искористија предностите на демократијата и побараа од кандидатите на локалните избори да се изјаснат за нивната иницијатива да се спроведе меѓународен конкурс за уредување на просторот кај Расадник. По промената на општинската власт, сегашниот градоначалник ја прифати иницијативата и го распиша конкурсот.
Дали овој позитивен развој ќе резултира со позитивен резултат на крајот, е сѐ уште рано да се каже. Треба да помине конкурсот, па да се подготви и да се усвои нов план. Сепак, овој пример покажа колку е важно да се реагира навреме, уште додека не се запечатени работите.
Скопското правило е дека ако има зграда во планот, кај и да е ќе ја има и во просторот. Очигледно овој бизнис е сѐ уште многу профитабилен, штом инвеститорите предаторски се грабаат за парцели, иако, судејќи според резултатите од спроведениот попис, околу 30 отсто од становите стојат празни. Во овој бизнис има сѐ, од мали опортунисти до големи корпорации и секој демне и си ја чека својата шанса. Урбаната џунгла не е џунгла само поради густината на зградите, туку и поради однесувањето на живиот свет во неа.
Во таков амбиент, во моментот кога некој ќе нацрта мало квадратче со молив или со компјутерска програма, и кога некој друг со гласање ќе ги потврди тие четири линии, објектот може да се смета за изграден. Како веќе да се истуриле стотици камиони со бетон и да се потрошиле илјадници тули, цевки, кабли и други материјали. Исклучоците се ретки, како на пример избришаниот хотел што требаше да се гради во тревникот пред Олимпискиот базен.
Таквиот амбиент натера многу луѓе во градот што се борат за негов похуман развој, по повисоки урбанистички стандарди и поголема заштита на околината, да научат како се читаат плановите и како се одвиваат процедурите за нивно донесување и промена. Ги научија правилата на играта и тогаш влегоа во неа.
Сепак, примерот со проектот спроти „Холидеј ин“ покажува дека ниту тоа не е гаранција дека може да се постигнат резултати.
За потсетување, издаденото одобрение за втората зграда од овој проект е резултат на одлуки и политики што се носени повеќе од 15 години, односно на т.н. активно и пасивно одлучување. Од идејата на владата во 2007 на тоа место да се прават облакодери (скопски Менхетн), преку нејзиното внесување во детален план, па промената на генералниот план, па неприспособувањето на деталниот план кон него (иако тоа е законска обврска), сѐ до продажбата на земјиштето, подготовката на проектот, уплатата на комуналиите и ставањето печат на дозволата.
Во меѓувреме имаше уште неколку фази како одбивањето на Министерството за транспорт и врски да го суспендира планот поради неусогласеност, како и долгата предистражна постапка во обвинителството, кое година и пол проверува дали се прекршени законите и дали може да се оформи предмет.
Слично како во Расадник, и во случајот со Ново маало се искористија предностите на демократијата, па дел од активистите влегоа во општинскиот совет и издејствуваа сите спорни планови, вклучувајќи го и овој, да се стават под мораториум и да почне постапка за да се сменат. И тука се реагираше рано, уште додека ништо не беше изградено и земјиштето не беше продадено. Во борбата уште од почетокот беа вклучени експерти што користеа стручни аргументи за да ги објаснат проблемите и да кажат какви може и треба да бидат решенијата, според законите и правилата.
Овој пример покажува дека до совршениот рецепт тешко ќе се дојде. Очигледно е дека мошне напреднаа методите што се користат во борбата за граѓаните, а не само бизнисот, да имаат контрола врз развојот на градот, но дека и тоа не е доволно, односно зависи од случај во случај.
Една од клучните лекции е дека загубените битки залудно се водат. Можат само да послужат како дополнително искуство, а времето и енергијата, кои се многу ограничени во овој тип активизам, е подобро да се насочат кон она што може да се спаси.
Скопје сѐ уште има многу згради што постојат на хартија, а не настанале во просторот. Места како Крњево, Илинденска, празни полјани на Партизанска, стари фабрики како „Треска“… Сите тие уште одамна се забележани од инвеститорите, некои дури и околчени. Затоа потрагата по тој рецепт не може да запре.
Единствено останува надежта дека ќе остане некое неизградено парче додека да се научат сите лекции.