Истражувањa

Верски имоти, световни приходи – ИВЗ и хотел со пет ѕвезди

Eкономската активност на ИВЗ се движи од изнајмување мали дуќанчиња до милионски проекти

Десетици деловни простори, станови и угостителски објекти низ земјава се водат како имот на Исламската верска заедница (ИВЗ), покажа неодамна објавената база на БИРН, за имотите на верските заедници.

ИВЗ, пак, од јавноста не крие дека „вложува, купува нови имоти и издава дел од постојниот имот под закуп, со цел развој и финансиска одржливост“.

Но, овие економски активности не ги пријавува во државата – односно во Управата за јавни приходи и во Централен регистар.

Првата институција, УЈП,  која ги пресметува даночните обврски за правните лица, нема увид во стопанските активности на оваа верска заедница, бидејќи ИВЗ во последниве 15 години не поднела ниту една годишна сметка во Централниот регистар.

Но, увидот во катастарската база, во судскиот регистар, но и прошетката до некои од објектите што се најдоа во базата на БИРН, покажуваат дека економската активност на ИВЗ не е мала, па освен што вклучува издавање десетици мали дуќанчиња по чаршиите и пазарите низ земјава, стигнува и до милионски проекти.

Меѓу нив е хотелот со пет ѕвезди во срцето на Чаир, кој допрва ќе се гради.

Луксуз на верски темели

Престижниот комплекс со ископани темели на парцелата на ИВЗ ( долу десно)| Фото: Принтскрин од видео на инвеститорите на комплексот

До неговата локација се стигнува низ тесните улички во Серава, густо населена населба, каде што куќите се стиснати една до друга и натрупани без некаков ред.

На единствениот поголем ненаселен простор во околината, од речиси 19.000 квадратни метри, сега никнува огромен станбен комплекс. Две згради се завршени и веќе се вселуваат, а според најавите на инвеститорите – градежната компанија „Рајана Инженеринг“ и холдингот Малиќи – ќе се градат пет, со над 500 станови. Но, фотографијата од проектот, која е објавена на нивниот веб-сајт прикажува и хотел, на чие место, кога ќе се отиде на терен, се гледаат ископани темели.

Токму тоа е хотелот со пет звезди, кој треба да ѝприпадне на ИВЗ врз основа на договор за соинвеститорска градба склучен во 2018 година со фирмата „Рајана Инженеринг“, сопственост на бизнисменот Дритон Шуки.

Со договорот, во кој БИРН имаше увид, ИВЗ на оваа фирма ѝ ја продава парцелата добиена со денационализација, задржувајќи мал дел од околу 2.000 м². Меѓутоа, за тоа не добива пари, туку „Рајана Инженеринг“ треба да изгради хотел со пет ѕвезди, кој ќе остане во сопственост на верската заедница, во рок од три години по издавањето на градежната дозвола.

ИВЗ, во октомври 2019 година ја најави изградбата на хотелот „Исра“, без да открива детали за договорот | Фото: фејбук-објава на ИВЗ

Со оглед на тоа што продажбата е заклучена на половина милион евра, тоа практично би значело дека ИВЗ во Чаир продала 16.602 метри квадратни, по цена од 30 евра за квадрат. Истовремено, за оваа сума е невозможно да се изгради луксузен хотел, кој ИВЗ уште пред шест години го најави како седумкатница од 5.000 квадрати.

БИРН, пред неколку недели побара одговори од ИВЗ за тоа како тече изградбата на хотелот, и кои се нивните планови со него, но одговор сѐ уште не добивме. Единствено, во кусиот разговор со нивниот генерален секретар Ирсал Јакупи, беше посочено дека тој не знае што се случува со хотелот, за кој нагласи дека е проект на претходното раководство, како и дека „ќе разговара со адвокатите“ запознаени со случајот, за да ни испратат одговори.

Планот на ИВЗ, пак, според изјавите од претходното раководство, е хотелот да се вика „Исра“, а парите од него да ги користат за образовни цели на заедницата.

Парцелата од околу 19.000 квадрати, пак, верската заедница ја добила со денационализација, пет години пред да влезе во бизнис-зделката. Се работи за простор што претходно го користело ЈП „Комунална хигиена“. Првично парцелата била уште поголема, ама дел од неа не можел да биде вратен, бидејќи веќе биле изградени приватни куќи и трафостаница, за што ИВЗ добила паричен надомест од државата.

Базата на имотот на верските заедници на БИРН покажа дека ИВЗ поседува дел од уште еден елитен хотелско-апартмански комплекс. Се работи за „Лејксајд“ во Охрид, каде што во нејзина сопственост се два апартмани од по 110 квадрати, кои се наоѓаат на самиот брег на Охридското Езеро.

Во Катастарот, како сопственост на ИВЗ со намена „хотел“ се водат уште два имота, во Боговиње и во Теарце. Сепак, пребарувањето на БИРН и за двете локации, покажа дека всушност се работи за придружни објекти во состав на локалните џамии.

Верска мисија, деловна визија

Дуќани на ИВЗ (десно) во Старата скопска чаршија | Фото: БИРН

Ако тргнеме од фактот дека квадратот и закупнините се најскапи во Скопје, претпоставките се и дека ова би требало да биде најдоходовниот имот. Според податоците во катастарот и базата на БИРН, во главниот град, ИВЗ поседува околу 9.000 м2 деловен простор и десетпати поголем станбен простор, кој значително ќе се зголеми со изградбата на хотелот во Серава.

Најголемиот станбен објект е куќа од над 600 квадратни метри, во скопско Драчево. Објектот во 2022 година бил предмет на извршување, поради долгот што го имал неговиот тогашен сопственик, па била понудена на продажба за нешто над 180.000 евра. Сега како нејзин сопственик се води верската заедница.

Градскиот пазар во Дебар, заедно со објект што го користи синџир супермаркети, е најголемиот деловен објект на ИВЗ, од 2.339 квадратни метри. Тие се сопственици и  на земјиштето каде што е сместен женскиот пазар во Тетово.

Од поголемите станбени објекти може да се издвои и куќа во Чаир, близу училиштето „Тефејуз“, но и просторот од неколку стотици квадрати, на приземјето на домот „Ибни Пајко“, на влезот на Скопската чаршија. Повеќе дуќани има и низ самата Чаршија, а од обиколката на терен, може да се види дека активно работат.

Меѓу нив се и дуќаните околу Сули ан, кои се издаваат за бутик, златарница, часовничар, за продажба на мобилни телефони…Верската заедница се обидела да издејствува државата преку денационализацијата да ѝ го врати и објектот на Сули ан, ама тоа не е случило со образложение дека се работи за заштитено културно наследство. Затоа, пак, во 2021 година, ИВЗ го добила просторот залепен со него, на Албанскиот театар за деца и млади, институција формирана од Владата, само една година претходно.

Како што објаснува Зарије Јонузи Челику, директорката на детскиот театар, просторот сега го користат благодарение на тоа што Општина Чаир склучила договор за закуп со ИВЗ.

„Договорот е до 2026 година, со најава дека ќе биде продолжен“, вели Јонузи Челику, појаснувајќи дека не знае повеќе детали за неговата содржина.

Од друга страна, на платформата за отворени финансии, во изминатите пет години нема исплати од општината, за кирија за овој театар.

Редовни исплати за закуп верската заедница добива од Управата за водење на матичните книги. Во објект на ИВЗ е сместена една од нивните подрачни канцеларии во Струшко.

ИВЗ поседува комплекс од триесетина дуќани во Гостивар, со вкупна површина од 668 квадрати, а има повеќе дуќани и во Тетово, Струга, како и во битолската чаршија.

Ова не се единствените пари од државата што легнале на сметката на исламските муфтиства. Во изминатите 15 години, по разни основи, општините и државните органи ним им исплатиле над 400.000 евра.

Пред пет години, пак, Државната комисија за спречување на корупцијата излезе со уште една, многу поголема бројка. Врз основа на документ добиен од Министерството за финансии тврдеа дека на ИВЗ ѝ е исплатена и државна обврзница од над девет милиони евра, како компензација за имот кој не можело да биде вратен со денационализацијата.

Судски битки за имот, денационализација и долгови

Хотелот во Охрид каде што ИВЗ поседува два апартмани | Фото: БИРН

Најголем дел од имотот ИВЗ го добива со процесот на денационализација, кој почна во 1990-тите, а дел од овие постапки сѐ уште се влечкаат по македонските судови. Во јавноста, пак, ставот на ИВЗ е дека се незадоволни од тоа како се одвиваше овој процес, поради што пред неколку години, се жалеа и на исламофобија.

Ако се погледнат судските документи, ќе се забележи дека ИВЗ ревносно се бори за имотот што смета дека ѝ следува. Во некои постапки, успеала да докаже дека е во право, во други, како што е враќањето на Сули ан, судот пресекол во полза на државата.

Но, ИВЗ има и доста успешни пресуди. Како во 2012 година, кога Муфтиството во Гостивар ја добило тужбата за иселување на лице, кое без да плаќа кирија, живеело во стан во центарот на градот, кој претходно ѝ бил вратен на ИВЗ преку денационализација.

Истото муфтиство, една година претходно, добило пресуда против седум физички лица, кои биле задолжени да ѝ исплатат над 12.000 евра на верската заедница, закуп за дуќаните што ги работеле во центарот на Гостивар, а се во сопственост на ИВЗ.

Во спор кој траеше скоро две децении, ИВЗ ја изгуби сопственоста над комплексот „Арабати баба теќе“ во Тетово, кој вклучува хотел, ресторан и други објекти. Сега, земјиштето е на ИВЗ, а објектите на „Тетекс“ – компанијата што ги градела.

Сепак, не секогаш обидите за заштита на сопственоста биле успешни, како кога ИВЗ водела постапка за отстранување на трафостаница поставена на нивна парцела во Конче, но судот утврдил дека немаат право на тоа.

Еднаш ИВЗ дури и се обидела да продаде имот во Дебар, кој се состоел од куќа со голем двор, но судот пресекол дека сопственик на имотот е државата, ИВЗ била само негов корисник, па договорот го прогласил за ништовен.

Покрај објектите, ИВЗ поседува и доста земјоделско земјиште. Не крие дека и од него има економска полза, бидејќи го изнајмува под закуп на локалните земјоделци, исто како што ги дава под кирија и становите и деловните објекти.

„Овие станови и простории се неотуѓив вакуфски имот, и ИВЗ не ги продава, туку ги дава под закуп (кирија) на физички и на правни лица, при што се внимава економската активност да биде во согласност со исламските принципи. Договорите за закуп се склучуваат на транспарентен начин, со јасни обврски и контрола од страна на релевантните тела на ИВЗ, со цел да се обезбеди одржлив приход што ќе го поддржи мисионското, верското и едукативното работење на Заедницата“, велат од верската заедница.