Истражувањa

Вештаци – моќно оружје или невидлива тарифа на правдата

Тешко се докажува корупција или влијание кај вештаците

Нивниот збор често е пресуден кога се дели правдата. Често нивните дела се половина пресуда. Без нив, споровите се одолжуваат. На пример, предметот Империја денес прави година дена од наредбата за вештачење, на чие мислење сѐ уште се чека.

Вештаците се носечки столб врз кој се потпираат пресудите.

Наодите на БИРН покажаа дека, иако постојано се шушка дека се податливи за влијанија и за корупција, тоа скоро никогаш не се докажува.

Оваа сфера во правосудството ретко е под лупата на јавниот интерес, а е затрупана со проблеми.

БИРН анализираше примери за сомнежи за корупција кај вештаците.

Последниот тег во терезијата на Јустиција

За ист предмет – спротиставени вештачења | Фото: БИРН

Крунски доказ. Ова е најкраткото и најчесто толкување за доказите што вообичаено се изведуваат последни пред судовите – вештачењата.

Судиите и обвинителите не се стручњаци за сите области за кои постапуваат и затоа улогата на вештите лица многу често е пресудна.

Вештачењата се последниот тег во терезијата што мери правда, но и првиот камен на сопнување, кога станува збор за објективноста и непристрасноста на вештаците.

Многу пресуди, особено кривични, се потпираат на вештачењата. И не само таму, туку и во стопанските спорови, во споровите за надомест на штета… Некои пресуди се речиси само цитати од вештите наоди.

„Империја“ – вештачењето како клучен доказ

Истрагата „Империја“, која треба да покаже дали осомничените переле пари преку фирми, опфаќа вештачење на документација за период од околу една деценија.  Обвинителството имше проблем да најде вештаци за овој предмет. Тврдат дека тоа е еден од последните и клиучни докази.

На пример, во наредбата со која се запира истрагата за една банка, обвинителката на крајот од наредбата, напишала: „Вештите лица констатираат дека сите преземени дејствија биле во согласност со законските одредби и истите биле поткрепени со реална материјална документација“.

Штом ги сослушала сведоците и го добила вештачењето, кое е во полза на осомничените, го затворила случајот.

Но, не е сè така едноставно.

Максимата „Кој те плаќа, тој те поседува“, меѓу судските кулоари важи и за вештачењето, особено во граѓанските предмети, кога вештаците ги ангажираат самите странки.

Судиите, токму затоа, често се во дилема бидејќи за еден ист настан странките им доставуваат различни вештачења. Тоа на прв поглед не е спорно, бидејќи можеби вештите лица примениле различна методологија и пристап и ценеле различни факти.

Но, многу често, вештачењата, не само што се противречни самите на себе, туку се и дијаметрално спротивни, па судиите наредуваат вештачења од повисок ред (т.н. супервештачења).

(Не)пристојна понуда

Според одлуките за пријавите до ДКСК нема корупција кај вештаците | Фото: БИРН

Сашо В. како судски вештак во 2018 година бил фатен како зема поткуп од сопственик на штипска винарија. Скопјанецот, како дел од тим на вештаци, по наредба за економско финансиско вештачење ги однел во винаријата сите примероци од вештачењето, кои претходно биле потпишани од другите две вешти лица.

Но, за да го стави својот потпис на вештачењето, примил 2.000 евра, по што се потпишал на сите примероци од вештачењето. Не знаел дека случајот претходно е пријавен и дека е под посебни истражни мерки.

Бил уапсен и на судење ја признал вината, па бил осуден на едногодишен затвор. Добил и забрана за вршење на професијата од една година. На пресудата не се жалел.

Вакви епизоди каде што вештак е фатен со обележани банкноти се многу ретки.

На линија со тоа дека корупција кај вештаците не се пријавува е и проверката на БИРН на записниците од седниците на ДКСК. Таа покажа дека антикорупционерите во изминативе две години не констатирале корупција кај вештите лица.

Но, затоа има многу други случаи што остануваат под сенката на сомнежот.

Прилепскиот бизнисмен Борче Чупетрески за БИРН раскажа дека бил измамен од вешто лице во предмет за банкарска измама. Во скопското обвинителство пријавил дека домашна комерцијална банка преку сметката на неговата фирма прави криминални активности со изигрување на Законот за банки.

Обвинителството отворило предмет. На ред стигнало вештачењето за предметот. Чупетрески добил непристојна понуда да му биде направено вештачење во негова корист и тоа токму од вештакот што го правел вештачењето.

„Имав директна уцена – „понуда“ да го насочи целото вештачење во моја корист, доколу – под услов му платам 15.000 евра во кеш. За да ја потврди или докаже понудата, ми испрати имејл од целокупното вештачење преку мојот адвокат“, вели бизнисменот.

За да нè увери во тоа што го зборува, ни го препрати и имејлот со вештачењето, од каде што на речиси 60 страници се гледа дека со мислењето се потврдува оти банката за која била поднесена кривичната пријава постапила надвор од нејзините овластувања.

Призна дека свесно ја прифатил понудата на вештакот.

„Поради мојата слаба финансиска ситуација и неможноста да ја исплатам бараната сума, платив само 6.000 евра. Вештакот зеде 6.000 евра и ми вети дека остатокот ќе ги бара по завршувањето на процесот и откако ќе ми биде исплатена штетата, која тој ја процени“, раскажа Чупетрески.

Но, на крајот, како што рече, пред јавниот обвинител било донесено сосема друго вештачење, што не му оди во прилог.

Ќе вештачел сметка на фирма каде што бил директор

Полицијата пријавувала вештаци за злоупотреби | Фото: БИРН

Вештаците положуваат заклетва пред судот дека чесно и совесно ќе одговараат на сите прашања кога ќе бидат повикани да сведочат за нивните вештачења. Но, многу често, нивните мислења се доведуваат под прашање кога спротивната страна ги испрашува.

Има и такви случаи кога уште пред да стигне предметот пред суд, има сомнежи за пристрасност во вештачењето, иако законите пропишуваат изземање.

Истражувајќи ја темата, БИРН дојде и до постара кривична пријава до Бирото за судски вештачења за вештак за материјално-сметководствено вештачење со кое се бара негово изземање.

Причината за изземањето првично била невидлива за Бирото за судски вештачења. Пријавувачите на случајот со извод од Централниот регистар почнале да му докажуваат на Бирото дека откриле оти нивниот вештак знаел дека една од фирмите каде што треба да вештачи е втор извршен директор, но, сепак, не се изземал од вештачењето.

По овој допис, Бирото одлучило да го изземе вештакот поради непристрасност во вештачењето, но останал сомнежот зошто тоа морале да го истражуваат пријавувачите, а не се изземало веднаш вештото лице.

Случајот бил пријавен во ДКСК, но одговорот оттаму гласел дека вештаците не се службени лица за да се утврдува судир на интереси.

Вештите лица ги има и во билтените на полицијата за можни злоупотреби, но ретко завршуваат со обвинителски и судски епилог.

Така е со кривичната пријава на полицијата до охридското обвинителство во 2019 година, кога беа пријавени двајца судски вештаци и надворешен соработник во Бирото за судски вештачења.

При изготвување на супервештачење за градба во селото Лескоец, Охридско, „неосновано донеле заклучок дека не можат да се констатираат пенали за непочитување на договорот за градба од фирмата изведувач“.

Поради тоа, инвеститорот го изгубил правото за надомест на штета, со што бил оштетен за износ од над 440 илјади денари. Обвинителството во прв степен ја отфрлило пријавата, потврдија за БИРН од таму. Се чека на второстепена одлука од Вишото обвинителство.

Супервештачења – за одложена и поскапена правда

Брзината на изготвувањето на вештачењата ги заглавува судењата | Фото: БИРН

Копјата во судот се кршат токму околу тоа чие вештачење ќе го убеди судот во исправноста на одлуката.

„Седум години чекам вештачење во предмет за измама“, ни рече судијка од Скопје, појаснувајќи дека бавноста на правораздавањето, меѓу другото, многу често се должи и на вештачењата, кои траат со години.

Анализата на БИРН покажа дека судската база пресуди е полна со примери каде што има спротиставени вештачења.

Во кривичните предмети тоа вообичаено се на обвинителот и оштетениот од една страна, и на обвинетиот од друга страна, кој во постапката стручно се нарекува технички советник.

Во такви случаи, кога има контрадикторни вешти наоди, судот определува супервештачење, кое го прави тим од тројца вештаци.

Така било во предметот што заврши кобно за 12-годишен велосипедист во близина на скопската Зоолошка градина, во кој имало дури четири вештачења.

Од Граѓанскиот суд во Скопје, за БИРН, велат дека стручното знаење на вештаците со кое судот не располага многу често поради супервештачењата води кон „непотребно одолжување на постапката“ и „непотребни трошоци“.

Заспаната Комора на вештаци

За пет години, одземена е само една лиценца на вештак | Фото: БИРН

Вештаците се една од ретките професии кои со години се без активно здружување откако поранешниот прв човек на Комората на вештаци и на СОЗР при Владата, Васе Доневски, заврши на обвинителна клупа поради злоупотреби за тендер на Службата за општи и заеднички работи во Владата.

Ова тело, за разлика од сите други комори на професионалци: адвокати, нотари и извршители, не само што не функционира, туку останува без глас за отворените проблеми во оваа област. А тие се трупаат: истечените лиценци, контролата на вештачењата и многу други.

Милиони евра за вештачења

Над 15 милиони евра исплатиле судовите, обвинителствата, Владата и други институции за период од 10 години за вештачења, покажуваат податоците на Отворени финансии. На поединечни вештаци и фирми што биле ангажирани од институциите им биле исплаќани по десетици илјади евра.

Комората, не само што е овластена да спроведува и дисциплински постапки за вештаци, туку и заклетвата за испит за вештак се полага пред член од тоа професионално здружение.

Во Македонија има 1.112 вештаци во официјалниот регистар на Министерството за правда. Законот дозволува вештачења во 20 области, од кои најчести се: финансиско- материјално, градежништво и архитектура, и сообраќај и машинство.

Сепак, за пет години, Министерството за правда одзело само една лиценца на вештак по предлог на дисциплинската комисија на Комората на вештаци во 2016 година. Вештакот бил од областа на земјоделството.

На прашањето на БИРН кои биле најчестите причини за одземање на лиценцата на вештите лица, од Министерството за правда одговорија: „Нестручно вршење на вештачењето и погрешно доставување на доказите“.

Од Министерството за правда, за БИРН, рекоа дека има нов нацрт-закон за вештачење. Очекуваат тој закон да адресира и дел од овие прашања.