„Каква промена чудна и голема е станала само кај македонската селанка, таја којашто беше најзаостанала, најпоробена. До вчера не смееше да застане при мажите кога тие зборуеја, а денес во тие исти македонски села седи како рамноправна членка во народно-ослободителните одбори“, забележала партизанката и уредничка Веселинка Малинска, во воведот на „Македонка“ – првото македонско женско списание, кое почнува да се печати во 1944 година.
Зад него стои АФЖ, Антифашистичкиот фронт на жените од Југославија, кој списанието го покренува како свој орган и осум години го следи периодот на забрзаната еманципација, кој никогаш подоцна нема да се повтори.
Историја, која безмалку ќе беше изгубена, ако осум децении подоцна, две жени не тргнеа во потрага на она што останало од архивите на „Македонка“.
„Знаевме дека постои како списание. И знаевме дека има неколку броеви во Народната универзитетска библиотека (НУБ)“, вели во интервју за БИРН, Јана Коцевска, коавторката на проектот „Архиви на невидливите.“
Инспирирана од тековните феминистички и активистички случувања, таа, во изминативе години, низ женска призма ја истражува периодиката издавана на македонска територија.
Но, работите не одат ни брзо, ни лесно. Списанијата што ги чува НУБ се во очајна состојба, а згора на тоа, во библиотеката има само дваесетина од 83 броја. Дури и такви какви што се, истражувачките решаваат да ги дигитализираат, но скопската библиотеката бара да ѝ се плати такса за секоја снимена страница.
Затоа се обраќаат до библиотеката во Белград, во надеж дека можеби таму е нешто зачувано од оваа историја.
„Бев запрепастена колку беа отворени за соработка. Една жена ги скенираше сите списанија за околу месец и половина, и имаме вкупно 1.500 страници од сите списанија“, со восхит раскажува Коцевска, свесна дека оваа работа треба да ја направат македонските институции, кои останале целосно незаинтересирани за проектот.
Како резултат на ова, „Македонка“ добива своја дигитализирана верзија, подоцна анализирана и во зборникот посветен на неа, кој беше промовиран месецов.
Најзаостанатите жени на југот на федерацијата
Следно било да нурнат во содржините на „Македонка“, за да откријат како течела еманципацијата на македонската жена под цврстата рака на Комунистичката партија и АФЖ.
Замислено како пропагандно списание за тој период, „Македонка“ ги документирала приказните за партизанките што се бореле против фашистичкиот окупатор, за описменувањето на селанките и нивниот нов живот, за успесите на жените ударнички, но и за „фрлањето“ на зарот и фереџето на муслиманките, чиј живот од корен се менувал.
Главната цел била описменување на жените, во регионот кој важел за „најзаостанатиот“ во федерацијата. Едвај 15 проценти од жените во Македонија знаеле да пишуваат.
И сето тоа било туркано од партијата на власт, која имала свој идеал за тоа како треба да изгледа жената во социјализмот.
„И сега да, ќе се рече дека е АФЖ е партијата, дека е државна творевина, ама историјата претходно кажува колкав индивидуален влог имаат повеќето што биле вклучени и некако ја презеле работата во свои раце. Така што, дури и да се зборува за еманципацијата како за нешто наметнато одгоре, може да се забележи, а и во `Македонка` се гледа, искрената активистичка вклученост на луѓето“, укажува Коцевска.
Ама во домот, нештата тешко се менувале. Патријархатот продолжува да владее, па како што ќе забележи истражувачката, во осум години „Македонка“, се појавува едвај еден критички текст, во кој се зборува за тоа дека грижата за децата треба да биде подеднакво поделена на двајцата родители.
„Да, жените добиваат еднаква плата, вклучени се на работните места, еднакви се… меѓутоа кога ќе се вратат во домовите, тие се оние што се грижат за децата, што треба да зготват ручек, да средат дома, да наместат…“.
„Македонка“ престанува да се печати во 1952 година. Анализите на Коцевска покажале дека подоцна излегува во форма на друго списание под името „Просветна жена“, па „Жена“, за на крајот во 1990-тите да продолжи како „Згодна“. Ова за неа е одличен приказ за ретроградните случувања во општеството, во борбата за женските права.
„Жените многу добиле во овој период (непосредно по војната н.з.) и токму затоа не треба да се заборава оваа историја. Треба да се изучува, да биде дел од курикулум во училиште, што не е случај, меѓутоа никако не треба да се идеализира и да се гледа романтично. Треба да се даде критички осврт на тоа што се случувало, да се научи дека навистина може да се прават промени и да се гледа кон иднината со знаењето што ќе го добиеме од ова списание“, вели Коцевска.
Одење наназад
Македонските феминистки не го негираат фактот дека за успехот на АФЖ е заслужно тоа што била дел од политичката структура во времето во кое постоела. Ова не е случај со денешните женски организации, за кои Коцевска е свесна дека ја немаат моќта на некогашната антифашистичка женска организација.
И самата е дел од феминистичките организации што соработуваат во целиот регион и учат едни од други. Од таа соработка, практично се појавила и идејата да прочепкаат низ архивите во кои е скриена женската историја.
Сега, вели Коцевска, дури и поддршката што им се дава на феминистичките организации, е главно декларативна и зависна од квоти.
„Гледаме дека жените што се внатре во партиите немаат одврзани раце да туркаат политики што се родово сензитивни и што ќе водат кон напредување на родовата еднаквост. Напротив, сите мора да ги слушаат налагањата од страна на партиите. И секогаш на тие политики, кои ги вклучуваат родовите начела, важни за воспоставувањето родова еднаквост во едно општество, се гледа како на нешто небитно.“
Оттука и не е зачудена што жените се избришани од историјата, главно се претставувани како жртви и обично портретирани по волја на власта.
Како лош пример го посочува проектот „Скопје 2014“, каде што жената е претставена исклучиво како светица или мајка. Дури и во паркот, во центарот на Скопје, посветен на жената-борец, се изнедрија нови скулптури во кои нема жени, а старите, за жените од НОБ, веќе се запуштени.
Поради сето тоа, се забораваат многу жени, кои е важно да останат врежани во колективната меморија. Како што се, на пример, Роза Плавева и Накије Бајрам, во феминистичките кругови нарекувани „македонските Роза Луксембург и Клара Цеткин“.
Коцевска е сериозно загрижена што децата на училиште не учат за жените што направиле промени во општеството, а многумина од младите воопшто и не знаат за постоењето на АФЖ.
„Според мене, тоа е еден голем пораз. Многу е опасно затоа што се брише целата историја и понатаму настанува една апатија, каде што младите луѓе воопшто не ни сметаат дека е возможно да влезат и да бидат чинители на промени во општеството. Не се ни охрабруваат на еден таков чин“, вели феминистката.
На прашањето, пак, кој е виновен за тоа, кратко ќе рече – патријархатот.
„По сè изгледа дека ќе треба нешто порадикално да се случува, да се излезе на улиците, да се најде начин за конечно да се отвори посуштински дијалог со носителите на одлуки и конечно да се сфати дека мора да се даде пристап на жените во носењето на одлуките“, децидна е таа.