Ако пред 30 години било незамисливо една трансродова жена да прими државна награда за човекови права во македонското Собрание, годинава тоа станува реалност. Државната награда, иницирана во 2019 година, го носи името на Мето Јовановски, основачот и првиот претседател на Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Три децении подоцна, организацијата својот јубилеен роденден го одбележува во едно поинакво време, иако е присутно горливото чувство дека кога се работи за унапредувањето на човековите права, државата со тешки чекори оди напред.
Меѓутоа, во временска рамка од три децении, разликите се видливи, потврдува и Неда Здравева, сегашната претседателка на Хелсиншкиот комитет, иако многу од процесите не оделе лесно, туку „два чекора напред, еден назад“, честопати и обратно.
Со неа разговаравме во една од просториите на ЛГБТИ Центарот за поддршка, кој е основан од Хелсиншкиот комитет и сместен во истата зграда во скопско Дебар маало.
Првиот таков центар, кој пред 12 години почна со работа во скопската чаршија, беше каменуван само неколку часа по отворањето. Уште полошо помина за прославата на неговиот втор роденден, кога кафулето во кое беа гостите беше демолирано од непознати сторители и неколкумина беа повредени. Полицијата никогаш не ги пронајде сторителите.
На овие настани потсетува и Здравева, но овојпат во обид да илустрира колку е важна заштитата на човековите права на сите луѓе подеднакво, што, всушност, е и главната премиса од која се води Хелсиншкиот комитет.
„Непостапувањето на органите на прогонот во тој случај е показател дека вие не сте подготвени да ги штитите подеднакво сите граѓани и сечиј имот да го штитите подеднакво. `Тоа нема никогаш да ми се случи мене`, е нешто што е опасно како систем на вредности, бидејќи ако во некој случај полицијата не постапувала како што треба, нема да постапи и кога ќе треба вас да ве заштити“, реагира таа.
„Никогаш не било популарно да се биде поддржувач на Хелсиншкиот комитет“
Оттука, иако Хелсиншки во јавноста е често е перцепиран само како заштитник на правата на одредени, маргинализирани групи, реалноста е поинаква.
Тие, низ годините, реагирале за многу неправди, со што си „накалемиле“ и многу противници. Ако на почетокот на новиот милениум се залагаа за употреба на албанскиот јазик, доследни во реакциите беа и неодамна, кога реагираа на палењето на македонското знаме.
А бидејќи човековите права се широка област, реагирале и кога се работело за загадениот воздух, дивоградбите, против семејното насилство и говорот на омраза, за пристапот до правда, доцнењето на личните документи… за полициската бруталност, која на некој начин и одбележа еден цел период од нивното постоење.
„Единствената кауза, ова најодговорно го тврдам, што ја имал, ја има и ќе ја има Хелсиншкиот комитет за човекови права, е заштитата на човековите права. Ништо помалку, ништо повеќе“, децидна е Здравева.
Затоа, како што нагласува претседателката, организацијата секогаш покренувала важни прашања во јавноста, дури и тогаш кога сите или повеќето бегале од нив.
Ова нивно „одење со глава во ѕид“, си имало и своја цена, ама во некои моменти сметале дека е единствениот начин да се остане доследен во борбата за подобро општество.
И бидејќи Хелсиншкиот комитет е тим од луѓе, тоа за нив значело и многу изгубени нерви, здравје и стравови поради честите закани по нивната безбедност, искажани јавно или испраќани преку социјалните мрежи.
„Никогаш не било популарно да се биде поддржувач на Хелсиншкиот комитет и на проектите што ги има, поради тоа што во моментот кога ќе изразите некаква поддршка, сте знаеле дека можете да бидете соочени со тоа да ве покажуваат со прст бидејќи ги поддржувате `оние што не треба да бидат поддржани`“, искрена е Здравева.
Посебно е погодена од долгогодишното плетење на приказната за невладиниот сектор како предавници. Притоа потсетува и на притисоците со кои се соочуваа пред осум години, кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ, тогаш предводено од Никола Груевски. Во тој период, Хелсиншки, со уште неколку невладини организации како остри критичари на политиките на власта, беа дел од т.н. процес на „десоросоизација“, со кој на јавноста требаше да ѝ се докаже дека перат пари и работат за туѓи интереси.
Тоа значеше постојани посети од инспектори во организацијата, попречување на нивните редовни активности и силна кампања во јавноста. Ништо незаконско не беше пронајдено, но, сепак, направи огромна штета во тоа како и денес е перцепиран невладиниот сектор. Неговото слабеење, според Здравева, е опасно.
„Во моментот кога ќе го изгубите невладиниот сектор како постојан надзор независен од сите власти (законодавната, извршната и судската), во тој момент, кога нечија фотелја ќе стане прекомотна, во истиот момент народот почнува да губи.“
Можеби и затоа, на периодот по падот на власта на Груевски, гледа како на еден од подобрите во унапредувањето на човековите права. Главен исчекор се прави во слободата на изразувањето и транспарентноста, а и во нивните редовни извештаи, кои ги прават веќе три децении, за последниве неколку години не забележуваат груби и системски прекршувања на човековите права.
Тоа е истиот период во кој претставници на Хелсиншкиот и на невладиниот сектор генерално, седнуваат на иста маса со претставниците на власта, за заедно да направат позитивни промени во општеството.
Од истите тие тела и работни групи знаеле и демонстративно да излезат кога сметале дека нешто не е во ред.
Како на пример, кога се носеа последните измени на Кривичниот законик, со кои беа намалени казните и роковите за постапување во кривични дела направени од јавни функционери. Затоа и на прашањето за тоа како им оди соработката со институциите, ќе рече „нагоре-надолу“.
„Па така, ќе бидете добредојдени на маса кога се дискутираат законите, ќе бидете добредојдени и во судница кога мониторирате определени процеси, а, од друга страна, имате ситуација во која името не смеат да ви го споменат и да ве повикаат да учествувате во работна група, па ви се затвораат вратите на институциите пред нос поради тоа што сте се дрзнале да кажете нешто што на некој локален моќник не му оди во прилог“.
Аларм за реформите на правосудниот систем
Главната лекција што ја извлекле од работењето во овие 30 години, е дека „долготрајното и тврдоглаво вложување во промоција и заштита на човековите права и градење демократски институции, колку толку, го прави животот подобар во оваа држава“.
Без лажна скромност, во Хелсиншки сметаат дека заедно со останатите вакви организации имаат удел во подобрувањето на демократските капацитети на државата, иако на терен, во многу аспекти, нештата сè уште не функционираат како што треба.
„Дали како правен систем сме ги подобриле работите? Да. Збор нема. Граѓански устав, закони што го следат овој концепт ѝ обезбедуваат високо ниво на заштита, уставни промени, кои по Охридскиот договор одат во насока на подобрување на правата и можностите на немозинските заедници, законодавство што ги следи… Но, дали де факто на терен работите се значително подобри? Не се. Ние сè уште сме закопани во некои етнички ровови. Кога зборувам, ние, зборувам за секоја етничка заедница подеднакво“, остра е Здравева.
Ако треба нешто да издвои како константа во нивното работење, тоа се барањата за бесплатна правна помош или совети за граѓани што се обраќаат во нивната организација. Оваа бројка е голема, по неколку стотици годишно… неколку децении. За Здравева, тоа е и показател дека недостигаат механизми со кои луѓето ќе се чувствуваат комотни да ја бараат заштитата на своите права од државата.
Вели дека се трудат да одговорат на секое индивидуално барање, да бидат гласни, но и да контролираат што се случува внатре во институциите, независно колку тоа ѝ се допаѓа на власта.
„И не. Нашата намера не е некоја конкретна, оваа или онаа локална или централна власт, без разлика дали станува збор за извршна, законодавна или судска власт, да ја оцрниме. Не. Сакаме ова општество да биде општество на луѓе што се почитуваат меѓусебно. Државата да биде држава на функционални институции, кои своето работење го засноваат на Уставот, законот и ги почитуваат премисите на владеење на правото“.
Како професорка на Правниот факулет во Скопје, Здравева не успева, а да не забележи дека под радарот на јавноста се одигруваат многу процеси, кои може да имаат негативни последици. Во моментов, најзагрижена е за реформите на правосудниот систем и обидите на извршната власт за влијанија врз него.
„Тоа се процесите од изминатата година, за кои секој граѓанин треба да биде сериозно загрижен. Не можете да очекувате независност на правосудниот систем, ако имате политички структури што директно се мешаат во неговата работа и лесно кажуваат – еве овој ќе го смениме, оној ќе го ставиме…“, предупредува таа.
Истовремено е свесна дека, покрај сите промени во три децении, општеството е далеку од она што како визија го има Хелсиншкиот комитет. А тоа е да биде место во кое сите луѓе ќе можат јасно и гласно да го кажат своето мислење, да го изразат својот идентитет, да имаат подеднаков пристап до правда, независно од својата социјална или економска состојба…
Затоа, колку и да е парадоксално, Здравева вели Хелсиншки ќе го постигне својот успех во моментот кога оваа визија ќе биде исполнета, со што и ќе се исполнат условите за тој да биде затворен.
А во меѓувреме, „ќе продолжиме да бидеме тврдоглави“, завршува таа.