Пријателството и соработката меѓу македонската и грчката држава може да се зацврстат ако низ образованието се создаваат генерации што нема да го гледаат соседот како непријател. Ова го вели во интервју за БИРН, амбасадорот Виктор Габер, шефот на македонскиот дел од интердисциплинарна комисија на експерти за историски, археолошки и образовни прашања, чие формирање беше предвидено со договорот од Преспа.
Додека за политичарите главниот дел од работата заврши со постигнувањето, потпишувањето и со ратификацијата на оваа спогодба, за експертските тимови како тој на Габер работата тукушто почнува. Тој и неговите колеги треба да го спроведат напишаното во членот 8 став 5, според кој од учебниците во двете држави треба да се отстранат формулации што содржат иредентистички или ревизионистички елементи. Тие се состануваат со своите грчки колеги, ги разгледуваат образовните материјали и даваат забелешки. Треба да подготват заеднички препораки што ќе им ги достават на двете влади за усвојување.
Овој дел од договорот во јавноста предизвикува големи сомневања, дури и толкувања дека со него ѝ се дава право на Грција да ја пишува историјата што ќе ја изучуваат учениците во земјава. Габер целосно ги отфрла овие тврдења, постојано нагласувајќи дека не се преговара за фактите, туку за начинот на кој тие се пренесуваат на младите генерации.
„Секој си ја формирал својата историја врз основа на искуствата на генерациите од претходно. Сите сме наследиле одреден „притисок“ на претходните генерации. Ние не можеме да се ослободиме од тоа сознание. Тоа е богатство. Тоа е културата наша. Ние не можеме да речеме – тоа не постоеше. Но, можеме да кажеме дека тоа постоело, но во еден друг контекст да го опишеме“, ја објаснува Габер работата на комисијата.
Човечка историја како надополнување на националната
И во осмата деценија од животот, Виктор Габер е мошне зафатен човек. Го сретнавме рано наутро, бевме меѓу првите гости во кафулињата во скопски „Сити мол“, бидејќи остатокот од денот, а и деновите што доаѓаа, му беа полни со состаноци.
Поминал дел од својата кариера во Атина, а напишал и неколку книги за различни аспекти од македонско-грчките односи. Од септември минатата година е на чело на седумчлената македонска делегација што заедно со грчката треба да ги прегледа и да ги подобри образовните материјали од двете страни на границата.
Како професионален дипломат веќе четири децении, амбасадорот Габер прецизно одмерува што може, а што не може да се открие во јавноста во моментов, во врска со преговорите за еден многу чувствителен аспект од спроведувањето на договорот од Преспа.
За пластично да објасни како треба да изгледа промената на начинот на кој се изучува историјата, тој вели дека идејата е да ѝ се даде предност на историјата на животот, на обичниот човек, наместо на историјата на спротивставени народи.
Дава пример дека во Грција тоа веќе почнало да се случува. Во две емисии од серијалот за граѓанската војна што оди на националната телевизија ЕРТ, се раскажувало и за демократската армија и за учеството, организациите и жртвите на „Славомакедонците“, како што велат Грците.
„Ова досега беше незамисливо“, вели Габер.
Тој потенцира дека серијалот посебно става акцент на хуманиот дел и раскажува како народот ја доживувал целата таа трагедија, тој судир на две идеолошки компоненти.
„И затоа е потребно и во нивните учебници и во нашите да се има тој пристап каде што се гледа поширокото општество коешто учествувало. Коешто се жртвувало. Коешто има последици“, додава Габер.
Националното не треба да се остава на страна, но тоа е само еден од елементите на човечката трагедија, продолжува амбасадорот.
„Историјата, се вели, дека секогаш ја пишувале победниците, но јас не сметам така. Ја пишувала граѓанската или владејачката класа, на која во одреден момент ѝ одговарало идеолошки настаните од минатото да ги третира на одреден начин. Тој начин со развојот на цивилизацијата и со достигнувањата на науката се менувал“, нагласува Габер.
Рамката е готова, следува навлегување во материјалите
Нашата комисија, вели Габер, од почетокот била интердисциплинарна, со стручњаци од повеќе области, како историчари, археолози, социолози, политиколози. Грчката, која исто така брои седум членови, била главно составена од историчари. Но, и тие вклучиле професорка по социологија, што според него значи дека од нивна страна било прифатено од поширок агол да се разгледуваат темите.
А темите ги опфаќаат толкувањата на фактите, не самите факти. Додава дека не знае дали и грчката страна влегува со истата идеја, но верува дека таа ќе стои на целите што ги претставила – да најде заеднички решенија. Атмосферата досега била коректна и позитивна, а не ја нарушувале ниту недоразбирањата, за кои не можеше да открие во врска со кои теми се.
Досега имале 13 средби, размениле и по триесетина пакети учебници, и очекуваат наскоро разговорите да продолжат. Рокот во договорот е дека по новите учебници треба да се учи веќе од следната учебна година, но според Габер, досега се поставени рамките, а сега треба да почне конкретната елаборација на материјалите.
Комисијата треба да состави заеднички препораки што ќе им бидат доставени на двете влади за тие да ги спроведат. Ризикот дека и по целата нивна работа политичарите може да го отфрлат предлогот постои, но како што истакнува амбасадорот, тогаш ќе се продолжи да се преговара.
„Ако тоа се случи, ќе значи дека немаме сериозни политичари. Но, ние дипломатите сме секогаш тука за да избегнеме конфликти. Минатото не можете да го промените. Може дедо ми гледал бесилки. Дали треба и јас и моите внуци гледаме бесилки“, прашува тој.
Линии на зближување наместо црвени линии
Во процес како овој, смета амбасадорот, не може да се влезе со однапред утврдени црвени линии. Како условни црвени линии, според него, може да се земат стандардите на УНЕСКО и на Советот на Европа што се однесуваат на третманот на учебниците.
Двете земји како потписнички на меѓународни документи, а особено Грција како членка на Европската унија, имаат обврска при предавањето на одредени предмети да стават фокус на зближувањето на народите. Тука, пред сѐ, се мисли на историјата, географијата, археологијата и слично. Поради тоа, се очекува особено внимание да се обрне на различниот официјален третман на односите во 19 и 20 век и од македонска и од грчка страна.
„Мислиме дека има многу елементи за зближување, формулации кои на младите ќе им кажат – чекајте, не било сѐ крваво, туку имало и соработка, имаме заеднички елементи, на пример еден Григор Прличев. Добил златен венец. Во Атина. Затоа што опеал една трагедија на едно население во Западна Македонија. И тоа на јазикот што тогаш бил официјален на новата грчка држава“, вели амбасадорот.
Григор Прличев не е многу познат во грчката јавност, освен во научната, но бидејќи тој станал дел и од нивната историја, Габер смета дека треба да се изучува како елемент на поврзување. Има и други такви елементи, вели тој, но ќе се откријат кога ќе дојде време.
Како што објаснува, овој процес не е ништо ново, не го измислиле македонската и грчката страна по Преспанскиот договор. Низ истото веќе поминале Германија и Полска, Германија и Франција, кои, како што вели, нашле начин како нивните млади денес да се среќаваат и да се чувствуваат како „едно во целото“.