Иако донацијата платена преку трите телефонски линии изнесува 100 денари, Владата наплатува дополнителни 18 денари на секој што донира. Слична беше ситуацијата и со донациите за поплавите во Србија и БиХ, но тогаш Владата под притисок на јавноста се откажа од данокот и го пренамени како донација.
„Ви благодариме на за донацијата од 118 денари“, е пораката што ќе ја добиете доколку донирате на телефонските броеви за помош на настраданите во поплавите во Источна Македонија. Иако донацијата изнесува 100 денари, Владата наплатува дополнителни 18 денари ДДВ на секој што сака донира преку отворените телефонски линии.
Минатата година, кога од поплави беа зафатени Србија и Босна и Херцеговина, македонските граѓани само за еден ден собраа околу 120.000 евра преку донации од трите мобилни оператори. Владата и тогаш наплатуваше 18 отсто ДДВ за секоја уплатена донација.
Под притисок на јавноста, Владата на седница донесе одлука да се откаже од ДДВ-то што државата го добиваше од паричните донации и тие пари ги пренамени како нова донација.
Од Владата не добивме одговор дали и овојпат ќе се случи тоа или пак тие 18 денари од секоја донација ќе останат за државата.
Хуманитарната акција за собирање пари, вода за пиење и средства за хигиена започна вчера и ќе трае до 15 февруари 2015 година.
Од Црвениот крст информираат дека во моментов има потреба за донации од вода за пиење за населението во Струмица, Чешиново-Облешево, Штип, како и во други подрачја каде што водата не може да се пие поради излевањето на реките.
Најалармантна е состојбата со пелагонските општини, со оглед на тоа што реката Црна се излеа во атарите на три села во општината Могила.
Од Центарот за справување со кризи веќе предупредија дека ако продолжат врнежите со ваков интезитет, голема е веројатноста цела Пелагонија да се претвори во езеро.
На социјалните мрежи јавно се изразува незадоволството од наплатата на ДДВ за донациите што се плаќаат преку телефон и се бара Владата во целост да го укине данокот кога станува збор за хуманитарна помош.