Вести

Владата понудила спогодба – Рамковски ја одбил, ќе го чека Стразбур

Државата му понудила спогодба на Велија Рамковски – компензација за долгиот притвор и нарушување на пресумпција на невиност во случајот „Пајажина“ за кои се жалел пред Европскиот суд, но тој ја одбил. Соочени со тоа дека државата ќе го загуби случајот Владата ќе ги менува законските одредби за притворот

Велија Рамковски и неговите соработници во случајот „Пајажина“ беа осудени на повеќегодишни затворски казни | Фото: Роберт Атанасовски

Велија Рамковски и неговите соработници во случајот „Пајажина“ беа осудени на повеќегодишни затворски казни | Фото: Роберт Атанасовски

Европскиот суд за човекови права во Стразбур ја прифатил апликацијата на Велија Рамковски и неговата ќерка Емел Рамковски, кои се жалеа на должината на притворот, на необразложените решенија и нарушената пресумпција на невисност, по што Владата му понудила спогодба, но тој ја одбил, дознава БИРН.

Според информациите со кои располага БИРН, адвокат овластен од Рамковски и неговата ќерка Емел, поднел апликација во судот во Стразбур, заведена под број 33566/11. Во неа се бара судот да констатира дека им се повредени правата на таткото и ќерката Рамковски уапсени и притворени во акцијата „Пајажина“.

Аргументите на Рамковски се дека биле држени во притвор без образложени причини во решенијата, а Кривичниот совет на скопскиот суд, продолжувајќи го притворот сугерирал и вина, со што ја прекршил пресумпцијата на невиност.

Затоа, тие бараат Европскиот суд да констатира повреди според два члена од Конвенцијата: член 5 (право на слобода, непостоење на причините за притвор) и член 6 право на фер судење, судот, разгледувајќи ја апликацијата, ја дозволил нејзината допуштеност и побарал Владата да се изјасни за случајот.

Стразбур прашува за „Пајажина“, „Пепел“ и „Фаланга“

Според коресподенцијата со која располага БИРН, Судот во Стразбур, на 3 јули 2014 испратил писмо до македонската Влада, каде што бара одговори на властите за (не)законското постапување на судовите во случаите на: Бајруш Сејдију, Велија и Емел Рамковскаж и за уште неколку лица од случајот „Фаланга“

Според коресподенцијата со која располага БИРН, Судот во Стразбур, на 3 јули 2014 испратил писмо до македонската Влада, каде што бара одговори на властите за (не)законското постапување на судовите во случаите на: Бајруш Сејдију, Велија и Емел Рамковскаж и за уште неколку лица од случајот „Фаланга“

Според коресподенцијата, со која располага БИРН, судот во Стразбур, на 3 јули 2014 испратил писмо до македонската Влада, каде што во еден предмет бара одговори на властите за (не)законското постапување на судовите во случаите на: Бајруш Сејдију од Куманово против Република Македонија (случајот „Пепел“) , Велија и Емел Рамковска (случај „Пајажина“) и за уште неколку лица опфатени во предмет за трговија со артефакти (случај „Фаланга“) .

Наоѓајќи дека жалителите се македонски државјани, повредите на кои се жалат се исти или слични, притворот, начинот на определување и образложенијата, судот трите предмети ги споил во едно и бара одговори од Владата зошто постапувале така судовите.

Прашањата што Судот ги поставува се однесуваат на тоа дали апсењата на Велија Рамковски, Бајруш Сејдији и другите обвинети се во согласност со членот 5 став 3 од Конвенцијата? На пример дали одлуката на Апелациониот суд во Скопје од 21 април 2011 година, кој одлучувал по жалбите за должината на притворот на Емел и Велија Рамковски што беше поднесена три месеца претходно, во февруари, може да се третира како „брзо“ одлучување, какво што е значењето на членот 5 став 4 од Конвенцијата?

Следното прашање, на кое судиите од Стразбур бараат објаснување е наводот на жалителите дека со решението на Кривичниот совет од 22 март 2011 година се изнесени заклучоци и сомневања со што е нарушена нивната пресумпција на невиност. Дали во овој случај е почитувано нивното право според член 6 став 2 од конвенцијата?

Покрај овие прашања овој Меѓународен суд за човекови права јасно укажува и на констатираните повреди. Затоа ја упатува Владата пред да го даде одговорот да ги погледне ставовите на Европскиот суд, образложени за притворот во случаите „Миладинови и други против Република Македонија“, содржани во одлуките: 46398/09, 50570/09 и 50576/09, од 24 април 2014 година, како и „Василкоски и други против Република Македонија“, пресудено под број 28169/08 од 28 октомври 2010 година.

Имено, Судот во Стразбур во овие и во други случаи утврди дека притворот во Македонија долго траел, а судиите не давале поединечно образложение за секој обвинет во предметите од организиран криминал каде што имаше од 20 до 50 обвинети.

Рамковски одбива спогодба, Владата го менува законот

Костадин Богданов: Ние веќе предложивме измени во делот на притворот и речиси во 7-8 дела во Законот за кривична постапка ќе има измени

Костадин Богданов: Ние веќе предложивме измени во делот на притворот и речиси во 7-8 дела во Законот за кривична постапка ќе има измени

По поставените прашања од Судот државата понудила спогодба, потврди за БИРН од одбраната на Велија Рамковски . Станува збор за потег дозволен со статутот на Судот, страните да се спогодат за исплата на компензација (штета) но тоа не било прифатливо за Рамковски.

– Јас бев во затвор, се видов со Велија Рамковски, му ја пренесов пораката од државата за спогодба, но тој ја одби. Решен е да чека повредите во неговиот случај да ги констатира судот во Стразбур со пресуда- потврди за БИРН, член на адвокатскиот тим на Рамковски ангажиран да го застапува пред домашните судови.

Државата исто така потврди дека била контактирана од страна на судот во Стразбур, потврдувајќи ја веродостојноста на документите со кои располага БИРН.

– Владиниот агент и Бирото кои ја застапуваат Македонија пред Судот за човекови права во Стразбур го подготвуваат одговорот што треба да го доставиме до судот до крајот на ноември. – изјави за БИРН владиниот агент Костадин Богданов.

Тој вели дека во меѓувреме ги контактирале телефонски странките и им понудиле спогодба, но до сега нема одговор од нив, па тие мора да достават одговор до судот во рокот кој истекува за неколку дена.

– Според правилата на судот, нашиот одговор треба да им биде доставен на странките, на што и тие имаат право на одговор. Кога ќе се постигне правилото на два одговори, за кои е потребно време од уште 45 дена, тогаш судот смета дека се исцрпени сите форми за комуникација и ќе ја почне процедурата на судење – објаснува владиниот агент Костадин Богданов.

Според неговите проценки, одлуката на Судот на Стразбур за овие случаи би можела да се очекува на крајот од 2015 година, бидејќи јасно е дека нема да се искористи можноста за спогодување.

– Сепак, Владиниот агент нема да чека судот да донесе одлука и да ги констатира повредите за да интервенираме во законодавството, ако повредите се од таква природа. Ние веќе предложивме измени во делот на притворот и речиси во 7-8 дела во Законот за кривична постапка ќе има измени. Владата го усвои нашиот предлог и го задолжи Министерството за правда да ги направи измените. Тие се однесуваат на обврската обвинителот да докажува дека некое лице треба да остане во притвор, а не како до сега обвинетиот да го прави тоа, како и во делот на роковите за итност по кои треба да се изјаснуваат судовите кога одлучуваат за притворот – открива Богданов во разговорот за БИРН.

Велија Рамковски и неговите соработници во случајот „Пајажина“ беа осудени на повеќе годишни затворски казни. Пресудата е правосилна, но за неа пред Судот во Стразбур одбраната подготвува нова апликација за повредите кои биле направени во текот на судењето.