Актуелно

Владина прес-конференција за „Бехтел и Енка“ – проверка на факти

БИРН ги анализираше дадените изјави и ги спореди фактите

Откако БИРН го објави истражувањето „Од скандал во Ерменија до надзор на Бехтел и Енка во Македонија“, во кое откри дека дел од конзорциумот на италијанската ИРД, која го доби тендерот за надзор на коридорите 8 и 10д е и фирмата „Евро консалтинг“ на Бранислав Димитријевиќ, кој, пак, Ерменија го гони поради измама, во јавноста излегоа и други информации.

Телевизија Алсат прво објави, а потоа ВМРО-ДПМНЕ речиси секојдневно инсистира дека владата  во 2020 година донела Одлука со која им препорачала на сите институции да не склучуваат договори со шпанската „Ептиса“, која, исто така, е дел од конзорциумот со ИРД.

На сите наводи во јавноста, надлежните главно одговараа дека сè е според законот и дека процесот за избор бил транспарентен. Денеска отидоа и подалеку, па премиерот обвини „за хистерија“ безмалку за ништо.

БИРН ги анализираше изјавите дадени на денешната прес-конференција во Владата по повод потпишувањето на договорот за изградба на Коридорот 8 и Коридорот 10 д меѓу Министерството за транспорт и врски, Јавното претпријатие за државни патишта и конзорциумот „Бехтел и Енка“ и ги спореди со фактите до кои дојде во рамките на истражувањето

Артан Груби, вицепремиер:

Вие зборувате за „Ептиса“ од 2020 година, за целосно друг проект, кој нема никаква врска со коридорот 8 и 10 и Ве молам да се одржи кредибилитетот на овој проект и да не го поврзуваме со нешто што се однесува на железницата. „Ептиса“ го промени сопствеништвото, станува збор за нова компанија и не е таа од 2020 година за одлуката за која зборувавте вие. Има ново сопствеништво како компанија и е дел од конзорциумот со ИРД“.

Факт:

Според податоците од Централниот регистар, сопственик на македонската подружница на Ептиса е „Ептиса сервициос де ингенериа СЛ Шпанија“.

Во тековната состојба на вистински сопственици на субјект извадена денеска од Централниот регистар, сопственик на Ептиса сервициос де ингенериа СЛ Шпанија“ е кинеската ЈСТИ Груп со 99,8 отсто од капиталот. Тие се сопственици на „Ептиса“ од 2016 година. Промени во Централниот регистар за „Ептиса“ до денес – не се регистрирани.

Артан Груби, вицепремиер:

„Ептиса го демантираше тоа како компанија, дека никогаш не бил ангажиран од страна на компанијата, ниту бил дел од компанијата дотичниот господин. Ако имате какви било информации, доставете ги во јавното обвинителство, нека си постапат институциите“, одговара Груби на прашањето дали откога дознале дека Бранислав Димитријевиќ е „гонет во Ерменија за изградба на патишта ќе го раскинат договорот“.

Факт:

Фирмата „Ептиса“ не негираше дека Димитријевиќ е гонет во Ерменија, како што гласеше новинарското прашање упатено до првиот вицепремиер.

Шпанската компанија информираше дека имале „ минорна улога во спроведувањето на проектот во Ерменија и г-дин Димитријевиќ не беше ангажиран или вработен во Ептиса“.

Во официјалното соопштение на Ерменското обвинителство испратено до БИРН се наведува дека Димитријевиќ се товари во улога на „тим лидер на француското заедничко вложување „Савеж-Ептиса“.

Тоа значи дека Димитријевиќ можеби не бил ангажиран директно од Ептиса, но бил ангажиран од нивното заедничко вложување со „Савеж“. Дополнително, тој во 2015 држи говор при отворање на една делница од коридорот, како претставник на конзорциумот „Савеж – Ептиса“.

Дарко Спироски, управител на ИРД Скопје

За Евро консалтинг ако прашувате, ние кога склучивме договор, „Евро Консалтинг“ и „Електра Солушнс“ се нашата локална поддршка, и според информациите што ги имавме тогаш и сега, тој човек за кој претходно се разговараше, не е вклучен во сопственичката структура кога ние го склучивме договорот за конзорциум, кога ја поднесувавме понудата. Ете тоа ви е конкретниот одговор“.

Факт:

Според официјалните податоци, во ниту еден момент Бранислав Димитријевиќ не излегол од сопственичката структура на „Евро консалтинг“. Фирмата е формирана во 2002 година од Бранислав Димитријевиќ и од основањето до денес тој е целосен или делумен сопственик.

Според податоците од Централниот регистар, единствените промени што се склучиле во оваа компанија биле во 2021 година, кога синот на Бранислав, Зоран Димитријевиќ станува управител, како и во 2022 година, кога сосопственичка, заедно со Димитријевиќ, станува Елисавета Иванова.

Димитар Ковачевски, премиер:

„Цел ден се шири некаква хистерија и од проект од кој што имаме 1,3 милијарди евра проект, со обезбедено буџетско финансирање, со поддршка од Соединетите Американски Држави, кај нас главна тема е дали некој, некаде, во некоја друга држава, имал кривична пријава. Па, ако имал кривична пријава, веднаш нека му се поднесе и тука кривична пријава, нека го провери обвинителството. Ви благодарам“.

Факт:

Против Бранислав Димитријевиќ во Ерменија не е поднесена кривична пријава, туку обвинение за измама од голем обем, според член 178, став 3, точка 1 од Кривичниот законик на земјата. Според информациите што БИРН ги доби од ерменското обвинителство, тој е обвинет дека ја извршил таа измама (според податоците до кои дојдовме во вредност од 1,8 милиони долари) како тим лидер на француско-шпанскиот конзорциум „Савеж-Ептиса“, кој вршел надзор на развојот и спроведувањето на проектот патен коридор Север – југ во периодот од 2009 до 2018 година.

Суштинската разлика е во тоа што кривичната пријава обично означува почеток или отворање случај против некој осомничен, а обвинението има многу поголема тежина и подразбира дека обвинителството собрало докази против него за да го даде случајот пред суд, како и за да му изрече забрана за напуштање на државата, односно да издејствува од ерменската влада да ги затвори граничните премини за него. По бегството од Ерменија му е определен притвор во отсуство и тој се товари за уште две дела – незаконско излегување од државата и користење лажна патна исправа.