Среде лето и годишни одмори и на два месеца пред изборите, во електронските сандачиња на еснафските здруженија на медиумите, на граѓански организации, академската заедница и на поединци, деновиве им стигна имејл-покана од Министерството за информатичко општество и администрација-МИОА.
Со текст на една страница, Министерството кани организации и поединци да номинираат претставници во, како што пишува, „Националниот совет за реформи во медиумската сфера“.
Судејќи по времето, овој тајминг по сè изгледа се должи на тоа што советот треба да почне да функционира од септември, па тие што сакаат да се номинираат, ќе имаат можност тоа да го направат уште неколку дена, затоа што рокот за номинирање е 20 август.
Како што рекоа од Владата за БИРН, Советот ќе биде советодавен и ќе нема хиерархија. Работата и организацијата му е доверена токму на Министерството што ја иницира оваа идеја, МИОА.
Фокусот главно се медиумските реформи, или како што поопширно објаснија од Владата, „отворено да се дискутира за реформите што Владата планира да ги спроведе во следниот период“.
Оваа реформска агенда, која почнува наесен, има за цел „зголемување на медиумските слободи, обезбедување услови за професионално медиумско работење…“
Советот, практично, би бил професионална поткрепа во идното донесување на одлуките за реформите во медиумите.
За Владата тоа е „поширока релевантна консултација со засегнатите страни, институциите, медиумите, граѓанското општество, академијата, експертите и јавноста“.
Ја прашавме како поконкретно ќе функционира овој совет за медиумски реформи, но во одговорите беше речиси исцитиран и проширен текстот од поканата за номинирање членови.
Нема ограничување за бројот на членови на Советот, зашто, како што рекоа, „намерата е да не се ограничува бројот, туку да се изберат сите заинтересирани или номинирани кандидати што ќе ги исполнат наведените критериуми“.
За пријава во овој нов национален совет потребни се два документа: СV и писмо за номинација, во кои треба да се наведе искуството на „кандидатот“ за член од медиумската сфера.
Во поканата не се крие дека целта на формирањето е да се разговара и за основање медиумски фонд за продукција на домашни содржини и за поддршка на медиумските работници.
Оваа летна најава за формирање ново советодавно тело за медиумите доаѓа откако пред неколку месеци, поточно, пролетва, премиерот изјави дека владата размислува да отвори посебен фонд за медиуми за финансирање проекти од јавен интерес, а дополнително и да го измени членот 102 од Законот за аудио и аудиовизуелни услуги за да ги врати јавните кампањи во приватните медиуми.
Но, идејата не заживеа.
Еснафските здруженија ЗНМ и ССНМ беа категорични против можноста за враќање на мала врата на владините пари за кампањи во медиумите поради лошото искуство со клиентелизмот и де факто купувањето на уредувачката политика на медиумите, пракса што на големо беше присутна во изминатите години.
Целата на оваа постапка, пак, на формирањето ново советодавно тело се случува додека изборот на членови за програмскиот совет на МТВ е заглавен со месеци во парламентот, како и изборот на членови во програмскиот совет.
Засега е нејасно дали советот во најава ќе има некаква врска токму во овој избор или, пак, ќе се однесува пошироко, на медиумските реформи.
Медиумските реформи, особено оние на националниот радиодифузен сервис со години се во „статус кво“ позиција.
Едни такви реформи стојат како препорака во Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси на Антикорупциската комисија.
Таму ДКСК препорачува да се воспостави законска обврска институциите од јавниот сектор и општините јавно да ги објавуваат склучените договори од кој било вид со сите медиуми и да се зајакнат критериумите за доделување државна помош за печатените медиуми.
Билјана Петковска, директорката на Македонскиот институт за медиуми, вели дека ќе номинираат претставник во советот, иако во оваа фаза не им е докрај јасно што конкретно ќе работи ова тело.
„Се надевам дека процесот на тие реформи ќе биде искрен и дека во периодот што следува, владата ќе објави повеќе информации“, вели Петковска за БИРН.
Дејан Георгиевски од Центарот за развој на медиумите, организација која учествувала во работните групи уште во 2005 година кога се правеле измени во тогашниот Закон за радиодифузна дејност, вели дека посредно го добил имејлот со кој се бара номинација на членови во Советот.
Оценувајќи ја идејата како одлична, сепак, вели, нејасно е дали советот ќе ѝ предлага идеи на владата или обратно, дали владата ќе го „користи“ советот како професионална поткрепа за нејзините идеи.
Смета дека подобро би било ако владата јавно го објавела огласот за номинирање членови, наместо тоа да се одвива „тивко“ и по имејл.