Вести

ВМРО-ДПМНЕ ги крие трошоците на кампањата за една година власт

Партијата повеќе од два месеци не одговори на барањата за пристап до информации за кампањата

Со собир пред Владата и под слоганот „Доаѓа времето на Македонија! Ги градиме темелите на промените“, премиерот Христијан Мицкоски, во јуни ја одбележа првата година од мандатот на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Во отчетот пред јавноста не изостанаа фалбите изразени низ бројки – за изградени километри патишта, за покачени плати и пензии, за издвоени средства за бизнисите, општините, животната средина…

Но, кампањата што потоа под истиот слоган се пресели на социјалните мрежи и билбордите низ Скопје, овојпат финансирана од партијата, остана без некои клучни бројки – колку чинеше?

БИРН, преку барање за слободен  пристап до информации од јавен карактер, праша во ВМРО-ДПМНЕ колкав е вкупниот буџет за кампањата и колкав дел од него е користен за нејзиното објавување.

Повеќе од два месеца, ВМРО-ДПМНЕ не одговора на барањата на БИРН за пристап до овие информации, иако тоа е нивна законска обврска. Таа беше воведена во 2019 година, со носењето на новиот Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер, кога за првпат и политичките партии беа вклучени меѓу субјектите што треба да одговараат на прашања поврзани со нивните финансии.

Целта на оваа измена беше обезбедување поголема транспарентност за трошењето на партиските пари, бидејќи од буџетот се двојат многу пари за политичките партии. Годишно, за оваа ставка се двојат 0,15 отсто од државниот буџет, што значи дека само за годинава, за работата на партиите ќе бидат потрошени околу 7 милиони евра.

Ова се клучните пари за работа на партиите. Така кај ВМРО-ДПМНЕ, на пример, во 2022 и во 2023 година, околу 90 отсто од приходите дошле директно од државниот буџет, при што на партијата за овие две години ѝ биле исплатени речиси 1,2 милиони, па 1,6 милиони евра. Лани, пак, инкасирала 1,7 милиони евра јавни пари, ама имала и доста донации бидејќи се работеше за изборна година кога партијата се врати на власт, меѓу другото и со ветувањето дека транспарентноста е меѓу нејзините приоритети.

Сепак, оттаму одлучија да молчат за тоа колкав бил буџетот за нивната последна кампања, посветена на сработеното во првата година од преземањето на власта.

Прво молчеа на испратеното барање за пристап до информации од јавен карактер, а откако се пожаливме до ресорната Агенција, го игнорираа и нивниот налог за да ни го дадат бараниот одговор.

Тогаш комуникацијата од имејл, се префрли на телефон.

Од партијата тврдеа дека не го примиле имејлот со испратеното барање.

„Пратете го уште еднаш, ги менувавме службените лица за пристап до информации од јавен карактер“, се правдаа оттаму, иако барањето беше испратено и на офицерите за слободен пристап и на официјалната партиска имејл-адреса.

Новите службеници не беа поажурни, па комуникацијата продолжи со нови оправдувања. Последното беше дека се презафатени поради претстојните избори, за на крај да ни стигне СМС порака со најава „од понеделник ќе ги доставиме потребните информации.“

Понеделникот помина, единаесетти по ред од првото, и четврти по одново испратеното барање, но одговорот не стигна.

Старо-нови проблеми со партиската отчетност

Кампањата на ВМРО-ДПМНЕ почна на крајот на јуни | Колаж: БИРН

Ваквото однесување не е новина за партијата што сега е на власт. И кога беа во опозиција, во 2020 година, на барањата на БИРН за пристап до информации, за трошењата за партиските кампањи, се одговараше на сличен начин.

И тогаш комуникацијата одеше тешко, а уште потешко беше да се утврди дали партискиот офицер за информации воопшто го добил барањето, кое го праќавме и по пошта и преку имејл. Рокот за одговори беше пробиен, се бараа дополнителни прецизирања, за на крај да нè упатат информациите да ги побараме кај нив на сајт, каде што ги немаше.

За волја на вистината, проблем со транспарентноста имаа и другите партии од кои во 2020  година баравме податоци за нивните трошења поврзани со медиумските кампањи. По наше долго инсистирање, делумно одговорија само од СДСМ, партијата што во тој момент беше на власт.

Информации дадоа само за вкупната сума за медиумско рекламирање, но иако ги побаравме, не ги добивме договорите и фактурите што би го потврдиле нивниот одговор.

Ваквите постапки на партиите, заедно со последниот пример на криење на буџетот за неодамнешната партиска кампања „Доаѓа времето на Македонија!“, покажаа дека обврската за транспарентност обично се сведува на празна формалност наместо на вистинска отчетност.

„Секоја институција ќе го почитува Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер“ – стоеше во Платформа #1198 на ВМРО-ДПМНЕ, документот со кој пред изборите ги уверуваа граѓаните дека токму тие се вистинската партија што треба да ја добие власта.

А проблем со транспарентноста и отчетноста има и надвор од партиските сметки, односно во институциите што се водени главно од ВМРО-ДПМНЕ и од коалицијата на власт.

Последниот извештај на Центарот за граѓански комуникации за 2025 година, каде што се анализира т.н. активна транспарентност на министерствата и Владата, односно колку тие самите ги објавуваат јавните информации, забележа намалување во однос на минатата година.

Уште поголем пад има при давањето одговори на барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер, посебно кај министерствата што сега во однос на лани одговараат за двојно подолго време, за 23 наместо за 14 дена и веќе отворено не го почитуваат законскиот рок за давање одговори од 20 дена.

Ако, пак, се вратиме на искуството на БИРН, со барањето податоци од партиите – заклучивме дека рокот не се почитува, а одговорите може воопшто и да не стигнат. Но, интересот на политичарите постои, посебно кога се во прашање парите на конкурентските партии.

Тоа може да се види во изјавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен премиер,  Христијан Мицкоски. Во неодамнешното интервју за телевизијата Сител, тој фрли сомнеж за тоа како една друга партија, Левица, ги троши партиските пари, кои, како што и самиот потсети, главно се добиваат од државата.

За неговата партија, пак, инсистираше дека е транспарентна.

„Еве дојдете, видете во партијата“, повика тој.