Џамијата Алаџа во Фоча, источна Босна и Херцеговина, ремек-дело на отоманската архитектура, која се наоѓа на листата на светското наследство на УНЕСКО, која во 1992 година беше целосно уништена, во саботата, откако беше реновирана, свечено беше повторно отворена.
Хусеин ефендија Чорбо, кој беше последниот имам во оваа џамија, пред таа да биде уништена, вели дека 27 години се надевал дека Алаџа повторно ќе се отвори за да им служи на муслиманите во Фоча, град кој се наоѓа во ентитетот, Република Српска.
„Речиси 19 години, секој ден одев во џамијата Алаџа, бидејќи јас работев таму како имам од 1973 година, а кога добив вест дека е целосно уништена … тоа беше еден од најлошите денови во мојот живот”, изјави за БИРН, Хусеин ефендија Чорбо.
„Денес моето срце е полно со среќа, со надеж дека Алаџа ќе стане централно место за сите верници од ова подрачје и повторно ќе стане вистински бисер, како што беше порано” додаде тој.
Џамијата Алаџа е изградена помеѓу 1550 и 1551, и поради нејзината архитектура, конструкција, вгравираните и насликани геометриски и цветни декорации, таа е познато и како „шарена џамија”.
Насликаната орнаментика е во типичен османлиски класичен архитектонски стил, а бидејќи била првата џамија од ваков вид во БиХ, нејзиниот дизајн го презеле и многу други џамии, кои подоцна биле изградени.
Ова е една од причините зошто југословенските власти го ставиле овој објект под заштита на државата во 1950 година.
Меѓутоа, на 2 август 1992 година, во текот на првата година од војната, силите на босанските Срби ја дигнаа оваа џамија во воздух. Таа е една од многуте џамии во БиХ, кои беа уништени за време на војната.
Во октомври 2018 година, Обвинителството на БиХ подигна обвинение против Горан Мојевиќ, поранешен припадник на силите на босанските Срби, за учество во поставување на експлозив и предизвикување на експлозија, во која целосно била уништена џамијата Алаџа.
Мојовиќ беше обвинет за злосторства против човештвото во врска со уништување на културни, религиозни и историски споменици.
За време на отоманскиот период, во Фоча биле изградени 17 џамии; 5 биле уништени за време на Втората светска војна, а 12 за време на војната 1992-1995.
Споменик на уништувањето
Градежните работи за реконструкцијата на џамијата Алаџа, започнаа во октомври 2012 година, со заеднички напори на генералната дирекција на Вакафот на Република Турција и на Вакафската дирекција на Исламската заедница на БиХ.
Муфтијата на горажданскиот регион, Ремзија ефендија Питиќ, кој, исто така, учествувал во проектот за реконструкција на џамијата, вели дека церемонијата на повторното отворање на Алаџа, е настан од исклучителна важност за локалната исламска заедница.
„Повторната изградба на овој божји дом беше проект која бараше многу, на многу начини. Успеавме благодарение на нашиот драг бог, нашата волја, нашите напори и на поддршката на нашите пријатели. Благодарни сме им на сите кои, на каков било начин, придонесоа да го довршиме овој огромен проект и ова е нашиот најдобар рамазански подарок на сите наши верници“, изјави Питиќ за босанската новинска агенција Фена.
Деловите од оваа уништена зграда, кои не можеа да се искористат за реконструкцијата, ќе останат пред џамијата, како споменик на нејзиното уништување во 1992 година.
Сенаид Заимовиќ, директор на Вакафската дирекција на БиХ, објаснува дека реконструкцијата била извршена „што е можно поавтентично”.
„Ние имаме цртежи кои датираат од времето кога била изградена џамијата, ги најдовме во архивот на градот Истанбул и архивот на вакафската дирекција на Република Турција”, изјави Заимовиќ за БИРН.
Тој информира дека вкупните трошоци за обнова на џамијата, биле нешто повеќе од два милиони евра.
Велимир Костовиќ, началник на полициската управа Фоча, нагласи дека церемонијата на повторното отворање е важна за сите жители на Фоча, без оглед на нивната верска припадност.
„Џамијата Алаџа секогаш, на некој начин, беше симбол на Фоча. Во текот на целата оваа организација немавме никакви сериозни инциденти и се надевам дека и ова свечено отворање ќе помине во тој тон“, истакна Костовиќ, за босанската новинска агенција Патрија.
Според пописот на населението во БиХ од 2013 година, во Фоча живеат 18.288 жители, од кои најголем дел се Срби, додека само 1.270 се Бошњаци, а 55 Хрвати.
Податоците од последниот попис спроведен пред војната, во 1991 година, покажуваат дека во Фоча, од вкупно 40.513 жители, 20.790 биле од бошњачка националност.
Во овој град, според досегашните судски пресуди, силите на босанските Срби извршиле масовни прогони и убиства на Бошњаците и формирале логори во кои жените и девојките биле силувани и држени во ропство.
Судот на Босна и Херцеговина и Хашкиот трибунал донесоа повеќе од десет пресуди, со кои беа осудени припадници на Војската на Република Српска, за злосторства во Фоча.
Џамијата Алаџа не е првата џамија во БиХ, обновена со финансиска помош на Турција.
Џамијата Фердахија, од времето на Отоманската империја во Бања Лука, која со векови била една од градските знаменитости и во војната била уништена од силите на босанските Срби, повторно е отворена во 2016 година.
Самата свеченост беше проследена со строги безбедносни мерки, а на неа се гледаше како на можност, српските власти во Бања Лука, да проектираат слика на повоена толеранција. Настанот помина без инциденти и покрај етничките тензии во Република Српска во тоа време.
Во таа пригода, тогашниот бошњачки член на Претседателството на БиХ, Бакир Изетбеговиќ, во својот говор испрати порака за мир: „Откако Ферхадија денеска ја отвори својата врата за верниците, ние треба да продолжиме да ги отвораме вратите едни кон други”, порача Изетбеговиќ.