Ана Владисављевиќ, Загреб
Во отсуство на обвинетите, во Загреб започна судењето на 29 српски паравоени команданти и нивни подредени лица, за масакрот над хрватските цивили во селото Воќин, во 1991 година.
Судењето на 29 поранешни припадници на српски паравоени групи, обвинети за вмешаност во масакрот извршен во 1991 година во селото Воќин, започна пред Окружниот суд во Загреб. На сите обвинети им се суди во отсуство.
Обвинението ги товари парамилитарните команданти и нивните подредени, за учество во тортура и убиство на цивили. Како што се наведува, биле убиени вкупно 47 цивили и тројца воени затвореници.
Од август до декември 1991 година, Воќин и околните села биле под контрола на српски паравоени формации. Против локалното хрватско население, паравоените групи, меѓу кои биле и доброволци на единицата „Бели орли“ и на Српската радикална партија (СРП), познати како „Шешељевци” (именувани по лидерот на оваа партија, Воислав Шешељ), извршиле бројни злосторства.
Сите осомничени ќе бидат судени во отсуство – што е вообичаена практика во предметите на воени злосторства против Србите во Хрватска. Оваа практика ја критикуваа активисти од невладиниот сектор. Според обвинението кое БИРН го виде, повеќето од обвинетите денес живеат во Србија.
Истрагата за овие злосторства во Хрватска, пред да резултира со обвинението, траеше 24 години.
Случајот Воќин беше дел од обвиненијата против Слободан Милошевиќ и Воислав Шешељ пред МКТЈ.
Милошевиќ почина за време на судењето во 2006 година, додека Шешељ беше ослободен од сите обвиненија, со исклучок на обвинението за воени злосторства над Хрватите во Војводина.
Шешељ го посетил Воќин во ноември или декември 1991 година за да „го подигне моралот на војниците”, изјави сведок пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), но овој дел од обвинението беше отфрлен пред главниот претрес.
Злосторствата во регионот на Воќина не завршиле со повлекувањето на српските сили. Имено, по доаѓањето на хрватската војска (ХВ), во декември 1991 година, многу Срби кои останале во нивните села биле убиени или исчезнале.
Според студијата „Воени злосторства над Србите во Хрватска, 1991-1995“, која оваа година ја издаде Српскиот народен совет, ниту една хрватската воена единица законски не одговарала за злосторствата извршени врз Србите во Воќин.