За предизвиците со кои се соочуваат семејствата и поединците во изолација, наметната поради пандемијата од корона вирусот, и за малите совети што може да го олеснат животот меѓу четирите ѕида во домот, разговаравме со психологот и професорка на скопскиот Филозофски факултет, Софија Георгиевска.
Интервјуто го водевме преку интернет, што поради безбедност, што поради фактот дека сега таа не оди на факултет и се обидува да го прави она на што многумина од нас сме присилени – менаџирање на приватниот и професионалниот живот од дома.
Веќе неколку дена држи предавања преку интернет и користи апликација за видеоконференција, преку која им се обраќа на студентите.
„Предавам од детската соба, а од другата страна ме слушаат 60 или 90 студенти, во зависност од предметот“, раскажува професорката Георгиевска.
Задоволна е од интеракцијата и од дисциплината на студентите.
„Не се целосно исти предавањата, сега предавам повеќе теорија на сметка на презентациите и на вежбите, ама мора да се прилагодам на ситуацијата.“
Пет минути тишина
Обидувајќи се да ги почитуваме мерките на здравствените власти и да се заштитиме од корона вирусот, многумина од нас завршија да работат од дома, некои семејства, пак, мораат да се самоизолираат зошто имале контакт со заразено лице, а доста работници од големите фабрики се на колективен одмор.
Многу двојки сега целиот ден го минуваат во домот со децата, кои поради мерките не одат во градинка или во училиште, а учениците треба и да се подучуваат – наставниците постојано испраќаат материјали по електронска пошта, а некои семејства живеат и со постарите родители.
Стравот и огорченоста нема никаква врска со Ковид 19, туку со конфликтите во партнерските односи
Сето ова создава метеж во домот, некаде можеби и хаос и брачните партнери во повеќето случаи се пред голем предизвик: да се заштитат од опасниот вирус, меѓутоа да не го нарушат и балансот во врската и во семејството. Присутен е и стравот од тоа дека семејствата ќе останат без пари зашто се случува намалување на платите во приватниот сектор, па дури и отпуштања, а има предлози за кратење на платите во администрацијата.
„Дури и за тие што имаат најсреќни и најстабилни бракови, социјалната изолација како мерка во борбата против ширењето на Ковид 19 задава сериозни предизвици и промени во начинот на однесување и на живеење“, смета професорката Георгиевска.
Како што вели таа, некои семејства уживаат во промените на рутините – па се случува мама или тато да ја преземаат улогата на наставник по дома, а други членови на семејството организираат маратони на игри со карти, монопол и слично.
Но, тука, потенцира професорката, се поставува прашањето како карантинот и социјалната изолација влијаат врз проблематичните бракови, затоа што за некого помислата да се биде 24/7 со својот партнер изгледа како најлошата работа што може да му се случи.
„Меѓутоа, нивниот страв и огорченост нема никаква врска со Ковид 19, туку со конфликтите во партнерските односи.“
Како и да е, Георгиевска е оптимист и вели дека постојат многу предизвици и опции во овој период.
Понекогаш сè што ви треба е тивок простор во вашиот дом само пет минути
„Комуницирајте, комуницирајте, комуницирајте“, децидна е таа и објаснува дека
тајната за секоја здрава врска е комуникацијата и оти тоа се однесува и во време на нормални околности, но и во време на корона вирус.
„Добро е да имаме на ум дека не е важно колку двојките комуницираат за време на социјална изолација од корона вирус, туку дека едноставно треба да се обидуваат да го сторат тоа. Еве, на пример, нека се обидат да се договорат кој ќе ги чува децата, кој ќе учи со нив математика, а кој македонски јазик. Барем да се обидат.“
Според неа, изолацијата за двојките што живеат во помали домови, може да направи партнерите да се чувствуваат како да немаат доволно личен простор.
„Најдобриот начин да се помине низ напната ситуација со вашиот партнер во текот на следните неколку недели може да биде да ставите слушалки и да медитирате или да седите тивко во еден агол од собата, кој ќе биде ваш личен простор.“
„Понекогаш сè што ви треба е тивок простор во вашиот дом само пет минути“.
Изолацијата поттикнува семејно насилство
Кога сме кај проблемите што ги предизвикува изолацијата, сега веројатно најтешко им е на луѓето кои и претходно се во проблематична врска, која вклучува семејно насилство, најпрво она физичкото, но не помалку проблематично е и она психичкото.
„За некој што е во насилна врска, социјалната изолација во време на корона е најлошото можно сценарио. Тоа претставува кошмар за жртвите од семејно насилство, првенствено поради фактот дека ќе бидат ‘заглавени’ со насилникот 24 часа“, вели Георгиевска.
Професорката се повикува на истражувања, кои покажале дека стресот и изолацијата водат до повисока стапка на семејно насилство.
Истражувања покажале дека стресот и изолацијата водат до повисока стапка на семејно насилство
„Откриена е врска меѓу природни непогоди и зголемени стапки на интерперсонално насилство, особено кај домаќинствата, кои имаат значителен финансиски проблем.“
Но, Георгиевска сака да потенцира дека тука, загриженоста не е во тоа дека карантинот ќе предизвика мирните партнери одеднаш да станат насилни.
„Наместо тоа, голема е веројатноста дека условите што предизвикуваат стрес – како што се губење на работното место и чувство на беспомошност – ќе го зголемат бројот и сериозноста на инциденти кај домаќинствата, кои веќе виделе циклус на насилство. Семејното насилство е непосредно поврзано со контролата на моќта и кога насилникот ќе ја изгуби контролата врз моќта, тие имаат тенденција да вршат насилство за повторно да ја добијат моќта во свои раце.“
Децата да го предводат учењето од дома
Можеби најтешката категорија за скротување во овој период се децата. На оние малите не можете да им објасните зошто не смеат да излезат надвор пред 11 часот, а оние поголемите, пак, присутни се на социјалните мрежи, читаат, следат и знаат оти тие се најмалку ризичната група во време на пандемија, па многу-многу и не се придржуваат до животот во изолација.
Од друга страна, времето поминато дома со родители што се зафатени со личните проблеми или со работните задачи што мора да ги завршат од дневната соба, ги врти кон таблетите и кон мобилните телефони, а во исто време може да бидат сведоци и на немили сцени и дури инциденти меѓу нивните родители.
Професорката Георгиевска советува партнерите да се фокусираат на своите деца, бидејќи доколку работата има предност, тогаш децата честопати се чувствуваат игнорирани или недоволно ценети.
Според неа, наместо родителите да се грижат дека децата не се ангажирани доволно околу училишните работи, треба да го гледаат наметнатиот прекин на образованието како можност за индивидуално учење предводено од децата.
Ако сте дома обидете се да издвоите време што ќе го поминувате заедно и време што ќе го поминувате одделно
„Едноставно, кажете им на децата дека денеска или утре не мораат да учат и не мора да го напишат домашното, нека си играат, ама дека до петок тоа мора да го сторат. И кога во петок ќе видат дека им се насобрало многу материјал, самите ќе се обидат поинаку да се организираат.“
Изолацијата не е помал предизвик ниту за луѓето што живеат сами. Лишени од многу контакти, пријателите, баровите и кафулињата не работат, не работат кината и театрите, социјалниот живот им е сведен на минимум.
„Иако до вчера ги критикувавме социјалните медиуми, денес се веројатно ресурсот кој ни овозможува да испиеме онлајн-кафе со нашите пријатели, да работиме од дома, да одржиме состанок. Ја поздравувам иницијативата на нашите и светските културни институции кои ни ги доближија своите претстави, филмови, книги, опери…“
Што се однесува до балансот меѓу работата и семејството во услови на карантин, Георгиевска вели дека за успех клучна е рутината, иако таа можеби е тешко да се воспостави кога целиот ден ви се случува во четири ѕида.
„Психолозите велат мозокот сака обрасци и мрази случајности, затоа направете своја рутина.“
„Децата особено напредуваат кога имаат поставено своја рутина, но тоа е корисно и за возрасните. Ова може да биде особено предизвик ако и возрасните работат од дома, па затоа обидете се да издвоите време што ќе го поминувате заедно и време што ќе го поминувате одделно. На пример, во 11 часот, сите ќе седнете и ќе пиете кафе/чај заедно.“
Евоцирањето спомени корисно за највозрасните
Последните мерки за безбедност буквално ги заковаа пензионерите за двоседот дома, тие не смеат да излегуваат по 11 часот, а притоа и прилично им се оневозможува контакт со внуците. Тоа можеби е добро од аспект на нивното здравје и се намалува опасноста од корона вирусот, меѓутоа многу од нив се сами и не се многу искусни во интернет-комуникацијата, па затоа речиси се отсечени од остатокот од светот.
Разгледување стари фотографии и евоцирање спомени, се само дел од техниките што можат да придонесат за зголемување на оптимизмот кај највозрасните
Професорката Георгиевска вели дека телефонските разговори, со кои помладите можат да им пополнат еден час на своите родители секако доаѓаат предвид и се препорачуваат, меѓутоа таа има и уште еден совет:
„Разгледување стари фотографии и евоцирање спомени, се само дел од техниките што можат да придонесат за зголемување на оптимизмот кај оваа категорија лица.“
Секојдневните постови по социјалните медиуми за групи млади волонтери, кои се подготвени да помагаат со достава на храна и лекови, кај Георгиевска го будат чувството на задоволство дека од оваа борба ќе излеземе како поголеми луѓе и дека сево ова е само еден сон кој од нас ќе ги извади силните страни, ќе нѐ направи похрабри и поиздржливи.