Вести

Во МПЦ-ОА ќе се дискутира за законската обврска за завршна сметка

Епископот Климент рече дека расте притисокот во јавноста за оваа тема

По истражувањето на БИРН, кое покажа дека Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) и Исламската верска заедница (ИВЗ), со години ја избегнуваат законската обврска за завршна сметка, од Црквата најавуваат дебата на оваа тема. Тоа, во емисијата Топ тема, го рече епископот Климент, кој воедно е и портпарол и секретар на оваа верска институција.

БИРН, кон крајот на мај ја објави базата „Верски имоти под лупа“, во која се сумирани сите недвижности што ги поседуваат двете најголеми заедници МПЦ-ОА и ИВЗ.

Нашето истражување откри дека овие институции, иако располагаат со голем имот и имаат приходи, не ги пријавуваат, не поднесуваат завршни сметки, а државните институции, како Управата за јавни приходи и Централниот регистар им прогледуваат низ прсти.

„Притисокот од јавноста расте и можеби тоа ќе отвори потреба од една дискусија во однос на тоа како понатаму за завршната сметка што треба да ја пријавуваме“, рече епископот Климент.

На потпрашањето дали во МПЦ-ОА размислуваат за исполнување на законските обврски и поради тоа што сите треба да бидат еднакви пред законот,  тој додаде „секако дека тоа треба да се регулира и треба понатаму да се размислува за ефектите од таа еднаквост пред законот.“

Инаку, верските заедници се регистрирани според Законот за верски заедници и религиозни групи, но сметководството и обврските кон државата ги исполнуваат исто како и невладините организации, односно според Законот за сметководство на непрофитни организации. Тоа значи дека мора да поднесуваат завршни сметки ако имаат имот и приходи на годишно ниво поголеми од 2.500 евра, лимит кој многукратно го надминуваат.

Според податоците и пресметките на БИРН, ако се соберат само парите што мора да им поминат низ сметките за да се исплати плата на вработените, МПЦ-ОА месечно треба да има најмалку 54.000 евра, а ИВЗ околу 97.000 евра. Пресметката е направена ако сите вработени имаат минимална плата.

„Верски имоти под лупа“ за првпат откри и дека МПЦ-ОА располага со над 14.000 имоти низ државава, а ИВЗ со над 5.300 имоти запишани во Катастар. Голем дел од нив не се цркви или џамии, туку станува збор за станбени, деловни, комерцијални објекти, земјишта, шуми… Некои од овие имоти тие ги издаваат под наем за што земаат пари, но ниту во тоа државата нема увид поради фактот дека не поднесуваат завршни сметки.

Податоците за вкупните недвижности покажаа дека Црквата има контрола врз 143 милиони квадратни метри, или имот два и пол пати поголем од државата Сан Марино, а имотот на ИВЗ се протега на 13 милиони квадратни метри.