Душко Стојановски не e единствениот професор што ги поддржува средношколците во барањето да се укине екстeрното тестирање. Меѓутоа, наставникот по Македонски јазик и литература дефинитивно е најборбениот. Единствено тој ги придружуваше членовите на Средношколскиот пленум минатата недела пред Министерството за образование и оттаму прилично остро им викна на властите.
„Како очекувате овие повторувачи да разберат што е образовен процес?“, коментираше Стојановски гласно на микрофонот за да го чуе и министерот Абдулаќим Адеми.
Тој речиси четврт век предава и ја одржува драмската секција во скопската гимназија „Орце Николов“, а низ неговите клупи поминале неколку видни актерски и професорски имиња, па и по некој портпарол. Сега, по новата програма, на средношколците им предава и Компаративна книжевност како изборен предмет, делот од литературата што го усовршил на факултет.
Човек кој знае многу податоци, не значи дека е образован
Професорот од популарното „Орце“ не отстапува ни педа од ставот и тврди дека екстерното е сериозен проблем.
„Ова што сега го нарекуваат реформи, тоа е се всушност тотални расформи на образованието“, дециден е Стојановски.
Објаснува дека образованието е сложен процес во кој целта не е само да се стекне знаење од одредена област, туку тоа e комплетно следење на развојот на една личност.
„Зборот ‘образование’ на старословенски значи ‘оличносување’, процес во кој му се помага на младиот човек да се формира како здрава личност, а овие таканаречени реформи пречат во тоа.“
Професорот вели дека еден од проблемите на екстерното е тоа што со него се инсистира учениците да меморираат податоци.
„Човек кој знае многу податоци, не значи дека е образован и дека е формиран како личност. Ако немаме здрава личност, тогаш човекот може да ги злоупотреби податоците и научените вештини“, објаснува наставникот.
За него е голема глупост ученикот да има две оценки по еден предмет. По една од професорот и од екстерниот текст. Не верува дека со екстерната евалуација може вистински да се провери работата на наставниците.
„Да речеме, ќе дојдат мене да ме проверат со тоа што ќе ги прашаат учениците од колку романи е составена ‘Човечката комедија’ на Оноре де Балзак. Ама целта на знаењето по литература не е да научиме колку романи напишал Балзак, туку да видиме што е тоа што го прави да биде реалист и како тој ги претставува општествените проблеми.“
Забрането е да се мисли
Стојановски насетува оти другата цел на екстерното е да се дисциплинираат професорите и како што вели, да не смеат, многу-многу да отстапуваат од тоталитарното спроведување на една замисла.
„Изгледа дека денес е забрането да се размислува. Пример за тоа е токму министерот за образование. Тој не смееше да каже ништо за екстерното сè додека премиерот не му даде знак.“
Професорот е многу лут на премиерот Никола Груевски, зашто во говорот по повод празникот 8 Септември ги осудил наставниците и родителите како највиновни за лошиот успех на учениците.
„Еден премиер не смее да си дозвол да зборува така, тоа не може туку така да се фрли пред народот, без сериозна анализа“, револтирано раскажува професорот од „Орце“.
На Груевски му замерува и за изјавите поврзани со матурата, кога премиерот тврдеше дека секаде во Европа се полага Математика. Професорот смета оти Груевски не ја кажува целата вистина, бидејќи европските матуранти учат Основна математика и најсложени операции им се дропките, додека кај нас матурантите учат интеграли и изводи, што е речиси Виша математика.
„Премиерот премногу ја користи својата позиција за да ја извртува вистината“, вели професорот.
Тој е разочаран зашто Адеми не стоел на зборот дека заедно ќе го подобруваат екстерното, иако се чинело дека ставовите на учениците и на власта малку се доближиле по протестите и по кампувањето пред зградата на министерството. Не му верува на министерот дека воопшто составил работни групи, како што најави, бидејќи во спротивно ќе се знаеше дека некој наставник учествува во нив.
„Се заборава дека со екстерното се изгуби нечија енергија, а тоа е нешто што не може да се врати назад. Наместо професорите да се сконцетрираат на работата, која е педагошка, многу е специфична, бара посветеност и внимание – тие размислуваа дали ќе бидат казнети“, објаснува Стојановски кои се последиците од првичната замисла да се казнуваат професорите чии ученици нема да се покажат на екстерното.
Тој потсетува дека и во времето на СФРЈ имало еден вид на екстерно, меѓутоа тоа не било на товар на учениците, а делот за професорите се сведувал на обично советување.
Професорот е уверен дека реформите во образованието се одраз на целиот процес на уназадување на демократските вредности во државава. Раскажува дека минатата недела, на денот на протестот во гимназијата „Орце Николов“ имало силен инспекторски надзор со закани за казни, доколку не се запишуваат учениците што нема да присуствуваат на настава.
„Уставот е јасен, секој има право на протест и учениците излегоа да искажат незадоволство. И сега заради тоа треба да им пишуваме неоправдани?“, прашува Стојановски.
Заканите со инспекторите влијаеле врз останатите наставници да не ги поддржат јавно учениците, вели тој, меѓутоа смета оти нивна должност е да се бие оваа битка.
Власта по Орвел, народот по Чехов
Професорот Стојановски уверува дека лично не е засегнат од екстерното, бидејќи неговите учениците лесно ги совладувале тестовите, меѓутоа немал право да молчи.
„Секој што е нормален и засегнат за својата работа треба да се грижи. Треба да го победиме овој директен атак врз образованието и врз општеството. Ако ја изгубиме оваа битка, тогаш ќе немаме можност да создаваме демократија.“
Стојановски вели дека средношколските и студентските пленумци сфатиле оти во Македонија функционира само партиската книшка и дека утре ќе треба да се поклонуваат на некој помалку способен од нив. Тие, вели професорот, сфатиле дека или ќе се бунтуваат сега или ќе треба да ја напуштат државава.
„Овие средношколци и студенти се нашата последна демократска надеж и тоа е преголем товар за нив. Затоа велам дека ние возрасните сме виновни, ние ги доведовме до оваа ситуација и сега пак ги оставаме сами.“
Професорот вели дека реформите треба да одат во друга насока. Да се направат помали класови, да се скрати бројот на предметите и да се растоварат програмите.
„Образованието, како и секоја комуникација, бара да се познаваме. Само во помали групи можам да го запознаам ученикот и да видам што е добро кај него и тоа да го облагородувам, а што е лошо – да му помагам да го надмине. Сега имаме по 34 ученици во клас, едвај имињата им ги помниме. Тоа е најстрашно.“
Стојановски како добар познавач на литература вели дека кај нас во реалноста повеќе се препознаваат ликовите и случките од текстовите на Антон Чехов, отколку оние на Џорџ Орвел. Тој вели дека навистина нашата власт сака да функционира по принципите и по методите што ги опишува Орвел во романот „1984“, меѓутоа професорот ги препознава ликовите на Чехов меѓу нашиот народ.
„Чехов му се случува на народот во Македонија. Ние сме неговите ситни чиновници што ќе умреме зашто случајно сме го плукнале генералот, кој седел со нас кога сме кивнале. Функционираме преплашено и изгубено. Чехов и затоа пишувал, да видиме што ќе му се случи на човекот ако исклучиво го води стравот. Треба да се стремиме кон ослободената човечност и затоа ни треба вистинско образование“, поентира професорот со кусиот расказ на Чехов, „Смртта на чиновникот“, во кој чиновникот умира од страв, постојано извинувајќи му се на генералот, бидејќи го испрскал кога кивнал.