Регион

Во Приедор одбележана годишнина од воените убиства на децата

Со симболична прошетка низ Приедор, неколку десетици луѓе го одбележаа Денот на белите ленти, во знак на сеќавање на воените жртви во овој северозападен град во БиХ, меѓу кои биле и 102 деца

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Претставници на босанските воени жртви, заедно со граѓаните кои дојдоа да ги поддржат, во неделата, со положување на бели рози и симболична прошетка низ градот, им оддадоа почит на децата убиени во ова подрачје за време на војната 1992-1995 година.

Комеморацијата беше во помал обем од вообичаеното годишно одбелжување на Денот на белите ленти во Приедор, каде за време на војната беа извршени големи злосторства, кои опфаќаа убиства, протерување и незаконско затворање на цивили во логори.

Во оваа област се убиени 3.176 луѓе, вклучувајќи 256 жени и 102 деца – од кои повеќето биле Бошњаци.

Поради пандемијата на корона вирусот, оваа година властите дозволија само 50 лица да присуствуваат на комеморацијата, организирана од активистите на групата „Бидејќи се грижам“.

Организаторите велат дека се носат бели ленти, затоа што властите на босанските Срби во Приедор, во мај 1992 година, издале наредба, која била емитувана на локалното радио, несрпското население, своите куќи да ги обележи со бели знамиња или чаршафи, и доколку излегува од дома, да носи бела лента околу раката.

„Поставувањето на чаршафи и бели ленти околу раката биле наредени за да се знае кој е кој, што беше знак дека некој не припаѓа на одредено население, дека е обележан и се извршија репресии какви што беа извршени“, изјави за БИРН, Фикрет Бачиќ, претставник на родителите на убиените деца во Приедор.

Активистите со години бараат да се изгради постојан споменик за жртвите, но локалните власти во Приедор не дозволуваат подигнување на споменик во центарот на градот.

Но, Бачиќ во неделата на медиумите им изјави дека конечно е постигнат договор за поставување на споменикот.

„Сега треба уште да се одлучи за локацијата“, нагласил Бачиќ, пренесува Телевизија Н1.

Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ, во саботата ги повика властите во Приедор „да ги забрзаат подготовките за изградба на споменик посветен на убиените деца“.

Во чест на убиените деца, присутните во рацете држеа бели рози. Фото: „Бидејќи се грижам“.

Активисти на групата „Бидејќи се грижам“, кои го организираа настанот во неделата. Фото: „Бидејќи се грижам“.

Комеморативна прошетка низ Приедор. Фото: „Бидејќи се грижам“

Бели рози беа положени во спомен на жртвите. Фото: „Бидејќи се грижам“.