Ерна Мачкиќ, Сараево
На петтиот ВАРМ фестивал, кој беше отворен во среда во главниот град на Босна и Херцеговина, ќе бидат прикажани фотографии и филмови за војните низ целиот свет и за трагичните последици од војните во поранешна Југославија во 90-тите години.
Фестивалот се осврнува и на прашањето на бегалците, етничките поделби и дискриминацијата на малцинствата. Организатор на фестивалот е Фондацијата ВАРМ (WARM – War Art and Memory) формирана од група воени репортери и уметници, од кои поголемиот дел биле во Сараево за време на опсадата на овој град во деведесеттите години.
„Сѐ се одразува низ темите кои што се третираат, како што се бегалците, на пример изложбата на фотографии на Рохињ, која зборува за егзодусот на повеќе од еден милион бегалци во Бангладеш“, рече Реми Урдо, претседател на Фондацијата ВАРМ, на отворањето на фестивалот во Сараево.
„Особено оваа година, како и претходните, се третира војната во Сирија, низ четири филма кои зборуваат за трагичните последици од војната, која сѐ уште трае“, истакна тој.
Околу 350 дела од 200 автори од Балканот и од светот, ќе бидат изложени во Историскиот музеј и „Сараевскиот магацин“, кој е дел од Уметничката галерија на БиХ.
Менаџерката на Фондацијата ВАРМ во БиХ, Велма Шариќ, изјави дека на фестивалот ќе биде укажано на негирањето на злосторствата и геноцидот, што ќе биде нагласено со прикажувањето на краткиот филм „Што те нема“ на Аида Шеховиќ, која е автор на „патувачкиот меморијал на празни филџани за кафе“.
Таа додаде дека заедно со новиот партнер на ВАРМ фестивалот, Мисијата на ОБСЕ во БиХ, организира еднодневен семинар за сегрегацијата на младите луѓе кои се школуваат по системот „две училишта под еден покрив“.
„Потоа ќе имаме и панел за загрозената состојба на човековите права на малцинствата, во овој случај Ромите“, рече Шариќ.
Аднан Павловиќ, директор на филмската програма на фестивалот, изјави оти сите филмови кои ќе бидат прикажани оваа година, се произведени во 2017 година и претставуваат „најсвеж приказ на документарната сцена која се занимава со постконфликтот“.
Павловиќ ги спомна филмовите „Посилни од куршумите“, на либискиот режисерот Метју Милан, кој зборува за улогата на музиката за време на либиската револуција во 2011 година, како и филмот на Срѓан Шаренац, „Две училишта под еден покрив“.