Најмногу пари од сите 80 општини во Македонија, годинава ќе потроши Карпош, додека пак, со најмал буџет располага Пласница. Град Скопје годинава планира да потроши вкупно 112 милиони евра, што е 15% од парите што вкупно ќе се потрошат на локално ниво од страна на сите локални самоуправи.
Вкупно во Скопје, Градот и општините ќе потрошат 268 милиони евра односно 36% од сите расходи планирани на локално ниво во земјата.
Меѓу првите десет општини што располагаат со најмногу пари се и Тетово со 32 милиони евра, потоа Куманово со 29 милиони евра, Битола со 26 милиони евра, скопската општина Центар со 24 милиони евра. Понатаму на листата следува уште една скопска општина, Чаир, со буџет за годинава од 22 милиони евра, општина Прилеп со 19 милиони евра, и Струмица и Охрид со буџети нешто поголеми од 18 милиони евра.
Сите 80 општини и Град Скопје годинава планираат да потрошат вкупно околу 735 милиони евра, што е четвртина од државниот буџет и 8,1% од бруто домашниот производ (БДП).
Гледано според бројот на жители, пак, ниту една од општините со најголеми буџети не е и најголем трошач по жител.
Прва на листата со буџет од 1.440 евра по жител е општината Новаци. Буџетот на Македонски Брод за годинава е 815 евра по жител, а меѓу првите десет најголеми трошачи по жител се и општината Дојран со 788 евра, Македонска Каменица со 753 евра, Демир Капија со 745 евра, Сопиште по 715 евра по жител. Следуваат општина Карбинци која ќе потроши 651 евро по жител, Старо Нагоричане со буџет од 627 евра по жител, Кривогаштани со 603 евра и Ранковце со 569 евра по жител.
Најмалку пари по жител годинава ќе потрошат општините Сарај со 160 евра по жител и општината Арачиново со 139 евра, што е на пример десет пати помалку од рекордерот на оваа листа, општината Новаци.
Ако се анализира структурата на трошењето на општинските пари, произлегува дека третина од парите завршуваат за плати и надоместоци на вработените, уште толку за инвестиции во општинската инфраструктура и остатокот за други тековни потреби. Или попрецизно, од вкупно 735 милиони евра, општините годинава за плати и надоместоци на вработените ќе наменат 248 милиони евра, а за инвестиции во инфраструктура вкупно 254 милиони евра.
Најголем дел од општинската каса за плати одвојува Арачиново, која што дури 61,8% од парите ги троши за вработените. Во апсолутен износ, за плати и надоместоци Арачиново годинава ќе потроши 1 милион и 150 илјади евра. Со удел од 59% во вкупниот буџет, второ рангирана општина што троши најмногу пари за плати е Дебар. Потоа следуваат Виница со удел на платите и надоместоците за вработените во буџетот од 58,4%, Гостивар и Долнени со по 52,7%, Јегуновце со 52,3%, Кичево со 51,8%, Сарај со 51,3%, Струга со 51,1% и Студеничани која половина од буџетот годишно го троши на плати.
Најмалку пари за плати како удел во целиот буџет трошат општините Пласница која за оваа намена одвојува само 12,5% од парите, Новаци со удел од 13,3% и Илинден со 17,9%.
Create your own infographics
Во апсолутни износи, најмногу пари за плати, всушност трошат најголемите општини каде што има и најмногу вработени, па така лидер на таа ранг листа е Град Скопје со сума од речиси 21 милион евра, потоа следува Тетово со 14 милиони евра, Куманово со 13 милиони евра.
Ако, пак, се анализира сумата што општините ја трошат за плати споредено со бројот на жители, произлегува дека најмногу пари за плати по жител годинава ќе потроши Македонски Брод, и тоа околу 227 евра по жител. Во Новаци, годишната плата на вработените ги чини граѓаните на оваа општина по 192 евра, во Старо Нагоричане по околу 191 евро, во Дојран по 185 евра и во Долнени по околу 158 евра.
Кои општини имаат најмногу пари за инвестирање?
Колку што трошат за платите на вработените, толку пари од општинските каси годинава се предвидени и за инвестиции во локалната инфраструктура. Податоците од годишните буџети на општините покажуваат дека годинава за градежни работи, односно ставките 481 и 482 кои опфаќаат инвестиции во улици, патишта, автопати, мостови, пречистителни станици, капацитети за водоснабдување, енергетски капацитети и други градежни работи, локалните власти планираат да потрошат вкупно 254 милиони евра.
Create column charts
Најмногу пари годинава за инвестиции одвоил Град Скопје што е и разбирливо со оглед на неговата големина и ингеренции и тоа 44 милиони евра. На ниво на општини први се скопските општини Карпош со предвидени околу 16 милиони евра, Центар со 13 милиони евра и Чаир со нешто над 8 милиони евра. Најмалку пари за инфраструктура има општината Арачиново која за оваа намена во годинашниот буџет предвидела само околу 160 илјади евра. Со удел на капиталните инвестиции од само 8,8% во вкупниот буџет, оваа општина е на дното од листата според износот на буџетските пари за капитални инвестиции, а на врвот кога се рангира според трошоците за плати.
Најповолна структура на буџетските трошења анализирано според уделот на капиталните инвестиции во инфраструктурата во вкупните буџети има општината Пласница, која дури 71,3% од парите од општинската каса ќе ги инвестира. На листата со најразвојни буџети следуваат Новаци со удел на капиталните инвестиции од 61,7%, Кривогаштани со 58,8%, Чучер Сандево со 58,3% и општина Карбинци која 56,7% од парите планира да ги потроши за капитални инвестиции во локалната инфраструктура.
Најмногу пари за инвестиции по жител, односно 889 евра има на располагање општината Новаци. Инвестициите во Македонски Брод на пример, изнесуваат по 446 евра по жител, што е речиси 50% помалку од прворангираната општина. Во Сопиште локалните власти инвестираат по 385 евра по жител од буџетските пари, во Македонска Каменица по 378 евра, а во Карбинци по 369 евра по жител.
На дното и на оваа ранг листа е општината Арачиново која годинава има пари да инвестира само 12 евра по жител во локалните улици, патишта, водоводни и енергетски капацитети и други градежни објекти. Меѓу неславните последни на листата се и Виница со инвестиции од 26 евра по жител, Шуто Оризари со 31 евро и Сарај и Гостивар со планирани инвестиции по 35 евра по жител.
Со оглед на тоа што предмет на ова истражување се консолидираните буџети на општините, кои ги вклучуваат и дотациите и трансферите од Буџетот на Република Македонија и фондовите, со право може да се констатира дека големите разлики во буџетите на општините гледано по жител упатуваат на потреба од порамномерен пристап во поддршката на буџетските каси на локално ниво. Сегашната состојба укажува на големи разлики кои не се оправдани и говорат за слабите ефекти што ги дале досегашните мерки за рамномерен регионален развој.
Податоците за ова истражување Центарот за граѓански комуникации ги обезбеди преку барања за пристап до информации од јавен карактер кои беа доставени до сите 80 општини плус Град Скопје. Предмет на анализа се консолидираните буџети на општините, кои покрај даночните и неданочните приходи вклучуваат и капитални приходи, приходи од дотации и од донации, како и трансфери и заеми. За бројот на жители во општините користени се податоци од Државниот завод за статистика, од изданието „Население на Република Македонија (Преглед по општини и според статистички региони)“ од 31.12.2014 година.
Комплетните податоци во Excel формат се достапни овде.