Ракопис

„Водњанска“

Раскази: Улиците што ги нема

 

Раскази: Улиците што ги нема

Д-р М. Патарова не знаеше што побрзо да направи. Мораше да ја заврши специјализацијата, како знае и умее, толку пати ја одложуваше и продолжуваше, ако не специјализира сега – нема никогаш ни да биде гастроентерохепатолог; мораше да најде стан под итно; да смисли оригинален подарок за свадбата в сабота на својата најдобра другарка, да го испере резервниот бел мантил што со денови го носи во чантата, да си купи неколку пара хулахопки во неутрална боја за на работа, да не оди со скинати или со касторо-нијанса за со сите комбинации; да касне нешто веднаш, зашто во устата веќе ѝ се создаваше обилна неконтролирана плунка, веројатно набрзо и ќе падне во несвест; да се јави на мајка ѝ, 5 пати ја исклучуваше од сабајле; да ја стиши или сосем да ја изгаси својата фалшива љубов со музичарот, со „Тромбонбонот“, како што го викаше порано, кога помалку не го сакаше од сега. На излегување од Клиничкиот центар, токму кај таксистите на „Водњанска“ („Уф, Мајка Тереза’!“), ненадејно ја фати пороен дожд и сред сите тие обврски што ѝ тежеа преку ден, а ја ококоруваа во класична инсомнија ноќе, таа првин го отвори својот кутар, неугледен, испокршен и испокривен студентски чадор. „И чадор мора да си купам!“

Ја помина улицата кај „Хотел 7“, само подѕирна во аптеката „Виола“ да не случајно имаат и хулахопки и забрзано продолжи по удолницата сѐ до уличката „Бел камен“, каде што сврте лево, па пресекувајќи го малото раскрсниче помеѓу „Козара“ и „Васил Ѓоргов“ се упати кон белите високи згради да преспие кај братучетка ѝ, којзнае по кој пат. Тогаш на излогот на некакво продавниче за нешто забележа залепено ливче: ИЗДАВАМ СТАН. Имаше и телефонски број. М. во истиот миг заџбара во својата несредена чанта, го извади телефонот и наместо само да го меморира бројот, веднаш сврте на него.

a-vodnjanska_zr5

По само неколку дена, д-р М. Патарова сфати зошто толку брзо ѝ го издадоа прекрасниот супер опремен и модерен стан, за каков што мечтаеше со години, а каков не смееше ни да се надева дека ќе најде со месеци наназад, одбивана од сите подруми, мувли и поткровја што прокиснуваат и на понизок прелет на облак… Во соседниот стан живееше еден згоден младич со кого мораше да се дели тераса, но и буквално деноноќно – стравотно гласна музика која таа не можеше да ја поднесе. На првото „те молам“ на М., згодниот младич незначително ја намали:

„Какво ште кажеш да се напием

и всички глупави клишета да разбием.

О-о-о, да полудеем тази ношт“;

 

на второто поостро молење, само рече „добро“, си влезе внатре и си продолжи со иста јачина:

„Хоќу куќу да ми купиш,

да ме мазиш, да ме љубиш,

са мном ништа неќе да те боли

и твоја ќе мајка да ме воли“;

 

на третото полукарачко инсистирање на М., згодниот младич презриво ја погледна како ништо да не разбира, одмавна со главата и ја пушти уште погласно:

„Волиш ли ме кад сам мртав пијан,

волиш ли ме кад прави сам грубијан,

волиш ли ме кад около се курвам

и здравје због мене заувек изгубиш

Реци ми да ме волиш“.

 

Д-р М. беше немоќна и несреќна, не можеше повторно да бара стан, беше тотално несигурна со цела партија гастритиси, интолеранции и иритабилни колони, ги повторуваше нон-стоп, нередовно јадеше, на свадбата на најдобрата другарка не стигна ни да се појави, мантилот не го испра, хулахопки во неутрална боја не купи, четвртоци и четвртоци не беше појдена во Домот на АРМ барем скришно да го послуша „Тромбонбонот“,.. сепак, беа заедно од деца и иако го отсака неговиот љубовнички фалш, копнееше по прекрасните тонови на нивната друга блискост, на заедничките гимназиски и студентски денови… („Зошто кога ќе престанеме да ги сакаме своите љубовници не ни стануваат братучеди?“) Купи тампони за уши од „Виола“, некакви увозни германски „оро-пакс“ без никаков ефект, тропаше со садовите додека ги мие, лупаше по заедничкиот ѕид кога не можеше да издржи, но на крајот, пред самата одлука дека, сепак, ќе мора повторно да се сели, најде спасоносно решение: го пушти аспираторот на најсилно, на тројка, и рамномерното бучење во еден залак ги голтна хитовите на згодниот младич, дури и она „Волим укус твога ѓона / чак и кад на њему доносиш ми њу / јер важно је да си ми ту“ што изгледа најмногу му се допаѓаше, зашто ја пушташе повеќе од десетина пати на ден.

Малку по малку, песна по песна, попладне по попладне, М. совршено ги научи песните на Ивана, бугарската „поп-фолк пејачка“ како што пишува на интернет, чиешто вистинско име е Вања Тодорова Калудова, на Стојанка Новаковиќ-Стоја, „српска фолк, турбо фолк и поп-фолк пејачка“, на Аца Лукас, т.е, Александар Вуксановиќ кој уметничкиот прекар Лукас „го добил по името на еден сплав на Нов Белград“, и на Цеца Ражњатовиќ или Светлана Величковиќ, една од најголемите српски „фолк, етно, турбо-фолк и поп-фолк ѕвезди“… Сепак, веднаш штом ќе влезеше дома стискаше на On, па на 3 на аспираторот и никогаш не го исклучуваше, освен на излегување кога рутински притискаше Off, гасеше сијалици и ја заклучуваше двојната врата. „Ако прегори – веднаш ќе си купам нов! Не се оставам себеси без аспиратор ни пет минути!“

a_vodnjanska_zr9

Еден четврток, веќе гастроентерохепатолог, д-р М. Патарова, се врати од работа подоцна од вообичаеното време. Беше уморна, ама видливо задоволна и исполнета. Ги собу чевлите и вешто ги стави во шкафчето во ходникот, го извади белиот мантил педантно свиткан во чантата за да го препере, иако крцкаше од чистота, и се упати право во кујната од чијшто прозорец се гледаше „Водњанска“. „Уф, ‘Мајка Тереза’!“. Бегло се погледна во огледалото во ходникот и наместо својот лик, во него го здогледа ликот на пациентот кого веќе неколку дена речиси со сила го држеше на своето одделение, измислувајќи му најразлични испитувања… М. си се поднасмеа. М. знаеше што значи тоа… кога не можеш од ум да извадиш нечиј каиш на фармерките спуштен сосем малку пониско под папокот… Беше стравотно тивко во станот, дури толку што кога махинално ја подаде раката кон On на аспираторот, воопшто не го ни притисна копчето. „Зошто е олку глуво? Кај ли е отиден?“

Некој заѕвони и набргу М. го виде „Тромбонбонот“ врамен во влезната врата и ја почувствува бонбоната во неговото скришно љубовно име како горчлив вкус под јазикот.  Емотивната филхармонија помеѓу нив засекогаш беше замолчена. Бесшумно влезе во станот, подеднакво не препознавајќи ги ни неа ни нејзиниот прекрасен супер опремен и модерен простор. М. не знаеше што да направи со тишината, зашто и неа не можеше да ја поднесе! Ја подаде раката кон аспираторот и притисна On, па 3. Силно забуче. „Тромбонбонот“ махинално ги стави дланките на ушите и зачудено ја погледна.

– Не се оставам себеси без аспиратор ни пет минути! – му рече М.

„Тромбонбонот“ ја гледаше долго и чудно. Потоа засвире со пријатна и свечена звучна боја. Со повлечокот на очите најизменично произведуваше длабоки и високи тонови во срцата на двајцата:

– Дојдов само да ти кажам дека заминувам… Ако сакаш,.. можеш…

– Не можам да ги оставам своите пациенти – речиси нечујно одговори М. и повторно во огледалото во ходникот, нејасно, ама го виде ликот на специјалниот пациент.

Во мигот кога тишината помеѓу љубовните „братучеди“ не можеше веќе да се истрпи, од терасата во над сто десет децибели влета:

„Ај сад ми дај њен број

Да место тебе ја

Раскинем са њом!“

a-vodnjanska_zr4

Фотоилустрација: З.Р.