Трговијата со луѓе е широко распространет современ феномен, а една од нејзините најчести облици е трговијата заради сексуална експлоатација – позната и како сексуална трговија – каде жртвите се претежно жени.
Но, за сексуалното ропство на жените и девојчињата во Босна и Херцеговина во 90-тите години, иако тоа ги има сите елементи на трговија со луѓе, никогаш не е дискутирано во овој контекст.
Истражувањето спроведено за извештајот, „Сексуалното поробување во Босна и Херцеговина и неговите врски со современиот концепт на трговијата со луѓе“, ги анализира пресудите донесени на судењата пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија и пред судовите во Босна и Херцеговина и во Србија.
Истражувањето се фокусира на сексуалното поробување во војната во БиХ, во контекст на трговијата со луѓе, која има за цел сексуална експлоатација, бидејќи и двете појави имаат многу заеднички карактеристики. Анализирани се случаите на трговија со луѓе во Србија помеѓу 2005 и 2018 година, за да се утврди дали обвинетите учествувале во некакви воени злосторства.
Првата пресуда во Хаг
Постојат различни проценки за бројот на жени и девојчиња кои доживеале некаков вид на сексуално насилство за време на војната во БиХ, и тие се движат од 20.000 до 50.000 жени и девојчиња.
Во однос на военоото сексуално насилство, војната во БиХ е позната и по постоењето на таканаречените, ‘логори за силување’ и по други форми на сексуално ропство, кои понекогаш ефикасно вклучувале и присилни бракови, но и присилна бременост, феномен што многу помалку е истражен. Бидејќи ниту една жена, која била жртва, немала никаква контрола над својот живот, може да се смета дека тие жени биле во ропска положба.
Најпознат случај, во кој е донесена и првата пресуда на МКТЈ, во која сексуалното ропство и силувањето се третираат како злосторство против човештвото, беше оној против командантот на Војската на Република Српска (ВРС), Драгоjуб Кунарац, и неговите подредени, Радомир Ковач и Зоран Вуковиќ.
Откако силите на босанските Срби, во пролетта 1992 година, ја освоиле Фоча, мажите Бошњаци биле задржани во локалниот затвор, додека жените и децата биле притворени на различни локации, каде што биле постојано силувани.
Војниците повремено ги носеле жените и девојчињата и во други приватни куќи и станови, каде биле силувани, сексуално експлоатирани и злоупотребувани. Некои жртви имале само 12 или 15 години. Сторителите продале три од овие жени и девојчиња на други војници.
Во Србија, злосторството – сексуално поробување, беше опфатено со случајот Скочиќ, кој беше гонет пред Оделението за воени злосторства на Вишиот суд во Белград. Во овој случај, припадниците на српската паравоена формација „Четниците на Сима“, беа обвинети за уништување на џамијата во Скочиќ, село во близина на Зворник, како и за убиство на 27 цивили, Роми, во 1992 година.
Обвинението тврдеше дека паравојниците држеле три жени во вистинско ропство, од кои две имале 13 и 15 години. Тие биле принудени да готват, чистат куќи, да перат војнички униформи и прават сѐ што ќе им било кажано, под закана за смрт. Во исто време, тие биле и тепани, силувани и сексуално понижувани. Три други девојки, кои претходно биле заробени во војната, биле држени во слични услови. Три од шесте жртви се омажиле за своите киднапери.
Елементи на сексуално ропство се вклучени и во пресудата што Судот на Босна и Херцеговина му ја изрече на Јосип Толиќ, член на Хрватскиот совет за одбрана (ХВО), со која тој беше осуден за нехуман третман и убиство на српски цивили во објектите за притвор во Оџак и Босански Брод. Толиќ беше прогласен за виновен дека зел неколку Србинки од објектите за притвор и оти потоа ги силувал.
Сторителите тврдат дека жртвите се согласиле
Што е заедничко за овие случаи? Прво, никој од обвинетите првично не ги призна овие злосторства. Одбраната обично тврдеше дека жртвите се согласиле на сексуален однос и дека сторителите не ги принудувале на тоа.
Некои обвинети изјавија дека биле во врска со жртвата, додека ја држеле во заробеништво. Кунарац дури тврдеше дека жената што ја силувал, всушност го завела.
Најекстремните исходи од овој вид на сексуална експлоатација се (присилните) бракови меѓу силувачите и жртвите, како во случајот Скочиќ.
Кога беа принудени да признаат дека се случиле „контакти од сексуална природа“, сторителите тврдеа дека тоа не било насилно, туку со договор. Тие, исто така, изјавија дека жртвите дале такви изјави затоа што биле изманипулирани од обвинителството – поширок дискурс за презентирање на гонењата на воените злосторства, како лов на вештерки, насочен кон етничката група на сторителот – или дека обвинителката се држела до одредено тврдење, затоа што таа во суштина била злобна.
Сексуалната експлоатација ретко доаѓала сама; таа одела заедно со експлоатацијата на работната сила на сексуално злоставуваните жени, кои морале да чистат, готват, перат алишта и да извршуваат други задачи додека биле во заробеништво.
Многу жени, Бошњачки, биле насилно „покрстени“ или нивните имиња биле формално или неформално сменети во српски имиња.
Одбраната обично се обидуваше да ја доведе во прашање веродостојноста на жртвите користејќи разни тактики, наведувајќи дека тие биле промискуитетни во периодот пред или по извршувањето на делото, како доказ дека жртвите се согласиле на сексуално злоставување. Сепак, промените во правилата, кои очигледно беа усвоени за да се следи практиката на МКТЈ, значи дека прашањата за претходните сексуални искуства на жртвите, веќе не се дозволени пред Судот на БиХ.
Сепак, иако Судот на БиХ го усвои пристапот на МКТЈ, тој продолжи да дозволува прашања во врска со сексуалното однесување на жртвите по извршувањето на злосторството. Тимовите на одбраната го искористија ова за да го зајакнат стереотипот на „идеални жртви“ кои изгледаат и делуваат на специфични начини, алудирајќи на тоа дека, ако тие не се вклопуваат во идеалната слика, нивното страдање не треба да биде препознаено. Адвокатите на одбраната, во случаите на трговија со луѓе, користеа слични стратегии.
Врската помеѓу воените злосторници и трговијата со луѓе
Постојат неколку документирани случаи на подоцнежно учество на осудените воени злосторници во БиХ, во трговијата со луѓе.
Интересно е што во осудителните пресуди за еден вид кривично дело, не се споменуваат осудителните пресуди за друг вид кривично дело. Ова е во спротивност со вообичаената практика на судовите, да ги наведуваат претходните осудителни пресуди, при што нивното спомнување или изоставување, делува како олеснителна или отежнувачка околност, при донесувањето на новата пресуда.
На пример, Станко Савановиќ, наречен Геза, беше уапсен во 2003 година, како член на криминалната банда предводена од Миливоје Зарубица, наречен Пуја, кога медиумите во тоа време го опишуваа како „балкански господар на трговијата со луѓе“. Зарубица и неговите соучесници регрутираа жени, претежно од Молдавија, мамејќи ги со привлечни понуди за работа што не вклучуваа сексуална работа и преку Србија ги префрлаа во Италија, каде беа принудувани на проституција.
Во Србија, Зарубица и неговата банда никогаш не беа осудени за трговија со луѓе, бидејќи таа не беше криминализирана во времето на злосторството. Наместо тоа, членовите на бандата добија симболични затворски казни за други злосторства, вклучително и за овозможување на проституција, силување, фалсификување документи и за лишување од слобода.
Потоа Савановиќ го смени презимето во Којиќ, а во 2010 година беше приведен во БиХ. Во 2012 година, Судот на Босна и Херцеговина го осуди за учество во геноцидот во Сребреница, како припадник на 10-от диверзантски одред на ВРС, заедно со Франко Кос, Властимир Голијан и Зоран Гороња.
Саша Липовац беше уапсен во Грузија, на пат кон Москва, во 2010 година, врз основа на барање од БиХ. Тој патувал од Азербејџан, каде поминал неколку години и дејствувал како член на група вклучена во трговија со луѓе, со цел експлоатација на работна сила.
Жртвите беа градежни работници, околу 700, главно од БиХ, но и од Србија и Северна Македонија. Во февруари 2017 година, по спогодбата за признавање на вината, Судот на БиХ го осуди Липовац на казна затвор, во траење од една година и девет месеци.
По Липовац беше издадена потерница во 2008 година, кога тој не се појави пред Врховниот суд во Бања Лука, во второстепената постапка за воени злосторства врз бошњачките цивили во селото Лисковац, во близина на Градишка.
Во август 1993 година, Липовац, заедно со уште четири лица, дошол во Лисковац и брутално убил тројца членови на семејството Ризвановиќ, ранил четиригодишно дете и неколку пати силувал 20 годишна жена. После тоа, жената и нејзиниот син биле застрелани во главата. Врховниот суд на Република Српска го осуди Липовац на десет години и шест месеци затвор за овие злосторства.
Судовите се фокусираат на сексуалниот аспект, а не на насилството
Обвинителствата понекогаш во обвиненијата не вклучуваа и обвиненија за сексуално насилство, за фокусот да биде ставен на „поголемите“ злосторства, како во случајот со паравоениот лидер, Милан Лукиќ.
Хашкиот трибунал го осуди Лукиќ на доживотен затвор за воени злосторства од големи размери и за злосторства против човештвото, извршени врз бошњачките цивили во Вишеград, во 1992 година. Но, хашките обвинители одлучија да не го обвинат и за неговата улога во силувањето и во другите злосторства на сексуално насилство врз жените, што неговите парамилитарци ги држеле во хотел во близина на Вишеград.
Во меѓувреме, сторителите и официјалните тела во земјите од поранешна Југославија ги негираа, минимизираа или релативизираа сексуалните злосторства, извршени за време на војната. Таквите злосторства се сметаат за особено „нечесни“ и не се вклопуваат во херојските дискурси создадени околу војните.
Иако жените и девојчињата беа главни жртви на сексуалното насилство во војните во БиХ, во Хрватска и во Косово, евидентирани се, документирани и кривично гонети и бројни случаи на сексуално насилство врз мажи и момчиња.
Сепак, сексуалното насилство врз мажите останува табу и за силувачите и за жртвите, бидејќи обвинителите и судовите се фокусираат на сексуалниот аспект наместо на насилството вклучено во злосторството – и додека судството на непотребно понижувачки и штетен начин се фокусира на овие сексуални аспекти, жртвите и натаму ќе се срамат да зборуваат за тоа што го преживеале.
Бидејќи ќе бидат прашани дали ги „охрабриле“, „се согласиле“ или „уживале“ во нападите, жртвите и натаму нема да пријавуваат такви злосторства или ќе се откажат од обидот да побараат правда.
Пред почетокот на работата на МКТЈ, домашните судови не гонеа воени злосторства на сексуално насилство.
Но, и покрај напредокот во гонењето и казнувањето на ваквите злосторства, истражувањата покажуваат дека, иако на многу сторители им се судело, многумина останаа непроцесирани.
Сведочењата на жртвите и транскриптите од судењето на мажите кои силувале жени во сексуално ропство, содржат многу имиња на лица кои не биле изведени пред лицето на правдата – што сугерира дека може да има и други неоткриени врски помеѓу извршителите на воено сексуално насилство и злосторствата кои вклучуваат трговија со луѓе.