Регион

Црна Гора: Военото минато и годинава игнорирано

И покрај константните укажувања од Брисел, Црна Гора не покрена нови истраги за воени злосторства

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Црна Гора завршува уште една година без напредок во справувањето со своето воено минато, и покрај укажувањата на Европската унија и црногорското граѓанско општество, дека треба да се отворат нови истраги за злосторствата извршени во 90-тите години.

Кога Врховниот државен обвинител, Ивица Станковиќ, пред пет години ја презеде функцијата, тој вети дека ќе ги отвори архивираните истраги и ќе им даде предност на гонењата на воените злосторства.

Но, оттогаш, Специјалното обвинителство на Црна Гора, отвори само една истрага, во случај што им беше пренесен од Обвинителството за воени злосторства на Србија, кое со години собираше докази за овој предмет.

„Затоа, обвинителството не одговори на очекувањата на Европската комисија, за проактивен пристап во гонењето на воените злосторства“, вели за БИРН, Теа Горјанц Прелевиќ, извршен директор на невладината организација, Акцијата за човекови права.

Како дел од Југославија, Црна Гора директно учествуваше во војните во Хрватска и во БиХ, под водство на Слободан Милошевиќ.

Иако Црна Гора беше најмалата од сите поранешни републики и не водеше војна на своја територија, сепак, наследството од 90-тите останува товар за црногорското општество. Некои поранешни и сегашни црногорски политичари, имаа свои улоги во воените случувања, но се настојува овие факти да се скријат ‘под тепих’.

Од прогласувањето на независноста на оваа држава, во 2006 година, во Црна Гора се одржаа само осум судења за воени злосторства, извршени во Хрватска, Босна и Херцеговина и во Косово. Но, беа судени само сторители од пониско ниво.

Во декември 2019, поранешниот припадник на Војската на Југославија (ВJ), Владо Змајевиќ, беше осуден на 14 години затвор, за убиство на четворица албански цивили во Косово, во 1999 година. Тоа беше првата пресуда за воени злосторства во Црна Гора, од 2016 година.

Змајевиќ има долга историја на ментални заболувања, на пореметување на личноста, не толку кратко криминално досие, и нема никакво политичко влијание. Во јули оваа година, неговиот адвокат поднесе жалба до Врховниот суд за повторување на судењето, но одлука за ова барање, сè уште не е донесена.

Тамара Милас од невладината организација, Центар за граѓанско образование, истакнува дека досега, високите офицери одговорни за воени злосторства, успевале да го избегнат кривичното гонење.

„Црна Гора го носи товарот на воените злосторства, бидејќи ниту се гонети сите одговорни за воени злосторства, ниту е утврдена командна одговорност (за злосторствата на подредените војници)“, нагласува Милас за БИРН.

„Се спречува напредокот на Црна Гора кон ЕУ“

Главниот црногорски специјален обвинител за организиран криминал и тероризам, Миливоје Катниќ. Фото: ПР центар.

Во извештајот на Специјалното обвинителство на Црна Гора за 2019 година, се вели дека не се покренати нови истраги за воени злосторства. Сепак, се наведува дека во август 2019 година, специјалниот обвинител за организиран криминал, го сослушал поранешниот припадник на Војската на Република Српска, Ранко Радуловиќ, по барање на Обвинителството на Босна и Херцеговина.

Имено, во септември годинава, Обвинителството на БиХ го обвини Радуловиќ, кој има државјанство и на Црна Гора и на Босна и Херцеговина, за злосторства против човештвото, извршени врз бошњачкото цивилно население во и околу Фоча, за време на војната.

Оттогаш, црногорските власти немаат дадено нови детали за случајот.

„Судските институции … ги игнорираат повиците од граѓанскиот сектор и ЕУ, Црна Гора конечно да се соочи со своето воено минато“, додава Милас.

Во извештајот за напредокот на Црна Гора во оваа година, Европската комисија ги повтори предупредувањата дека воените злосторства треба да бидат висок приоритет за време на пристапните разговори.

Во извештајот се додава дека претходните судски одлуки содржеле правни грешки и недостатоци во примената на меѓународното хуманитарно право.

„Досега не се покренати обвиненија за командна одговорност, коизвршување и помагање“, се вели во извештајот.

Горјанц Прелевиќ посочува дека новата владејачка коалиција на Црна Гора, која дојде на власт, откако на парламентарните избори во август, ја победи Демократската партија на социјалистите на претседателот Мило Ѓукановиќ, може да промени нешто.

Новата администрација, предводена од експерти, на чело си премиерот, Здравко Кривокапиќ, вети реформи во судскиот сектор и соработка со ЕУ.

„За Европската комисија, решавањето на прашањата на транзициската правда, е еден од приоритетите во процесот на пристапување во ЕУ. Секоја година, Европската комисија во извештајот упатува исти критики, заради односот на Црна Гора кон процесирањето на воените злосторства, и од година во година повторува дека обвинителството мора да делува по сопствена иницијатива“, нагласува Горјанц Прелевиќ.

„Ова значи дека (прашањето за воените злосторства) го спречува напредокот на Црна Гора кон ЕУ и новата влада мора да види како да го реши овој проблем“, заклучува таа.