Регион

Косово: Високи политичари, во Хаг

Преглед на 2020 година

  • 1
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Една деценија по извештајот на специјалниот известувач на Советот на Европа, Дик Марти, во кој беа изнесени наводи против припадници на ОВК, Специјализираните совети на Косово (ССК) со седиште во Хаг, кои произлегоа од тој извештај, оваа година направија решителен чекор и започнаа со судење на поранешни припадници на ОВК, за наводни воени злосторства и злосторства против човештвото.

Откако специјализираните обвинители сослушаа повеќе од 120 поранешни припадници на ОВК, Специјализираното обвинителство на Косово (СОК), во април, подигна обвинение од десет точки, против поранешниот претседател, Хашим Тачи, лидерот на Демократската партија на Косово, Кадри Весели, претседателот на Националниот совет на Социјалдемократската иницијатива (НИСМА), Јакуп Красниќи, и против шефот на пратеничката група на најголемата опозициска партија, движењето Ветевендосје, Реџеп Селими.

На 24 јуни, ден пред закажаната средба на Тачи, со американскиот претседател, Доналд Трамп, и српскиот претседател, Александар Вучиќ, во Вашингтон, обвинителите го објавија непотврденото обвинение против Тачи.

СОК истакна оти било потребно обвинението да се објави, заради постојаните напори на Тачи и на Весели, да ја попречат и да ја поткопаат работата на ССК, кои имаат мандат да им судат на поранешни припадници на ОВК, за наводни воени злосторства и политички атентати, изршени за време и веднаш по војната 1998-2000 година.

„Со ваквите постапки, г. Тачи и г. Весели покажаа дека нивните лични интереси се поважни од жртвите на нивните злосторства, од принципите на владеење на правото и од целиот народ на Косово“, соопшти СОК.

Во обвинението, според соопштението, се тврди дека „Хачим Тачи, Кадри Весели и другите осомничени со обвинението, сносат кривична одговорност за близу 100 убиства. Жртвите на кривичните дела од обвинението се стотици лица чиј идентитет е познат, меѓу кои има косовски Албанци, Срби, Роми и лица од други националности, како и политички противници“.

Тачи остро ги негираше обвинувањата и најави дека ќе поднесе оставка доколку обвинението биде потврдено.

Обвинението против Тачи се смета за пресвртница не само за Косово, туку и за односот на Западот кон оваа земја и неговите обиди да се продолжи со дијалогот за нормализирање на односите со Србија, кој се одвива со посредство на ЕУ. Тајмингот не можеше да биде подраматичен, а од таборот на Тачи истакнаа дека станува збор за заговор, за подривање на состанокот во Белата куќа.

Во август, Тачи повлече уште еден потег – тој поднесе предлог за уставни измени, кои се чинеше дека имаат за цел промена на мандатот на ССК и ограничување на обемот на нивните активности. Сепак, Уставниот суд го одби неговиот предлог.

Потоа, во септември, Здружението на воени ветерани на ОВК, објави дека им се доставени повеќе од 4.000 документи на СОК, вклучително и список на сведоци, што покрена прашања во врска со способноста на судот да ги чува предметите во тајност и да ги заштити идентитетите на сведоците.

Заштитата на сведоците, беше една од клучните причини, зошто седиштето на Специјалниот суд е надвор од Косово. Судот е формиран под притисок на ЕУ и САД и вработува меѓународен персонал, иако е дел од косовскиот судски систем. Претходните судења на поранешните припадници на ОВК, во Косово и пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, беа обележани со заплашување на сведоците.

ССК реагираше брзо по протекувањето на документите, а полицијата на ЕУЛЕКС ги уапси првите луѓе на Здружението на воени ветерани на ОВК, Хисни Гуцати и Насим Харадинај, кои беа префрлени во Хаг, каде ги негираа обвинувањата за попречување на правдата и за заплашување на сведоците.

Во ноември, СОК објави документи во кои се наведува дека Тачи и тројцата кообвинети, се обиделе да влијаат врз потенцијалните сведоци на обвинителството.

„Слободата има име“

Амблем на ОВК. Фото: Википедија комонс/Aдам Џонс

Откако судија на СВК го потврди обвинението против четворицата поранешни команданти на ОВК, Тачи на 5 ноември објави оти дава оставка на функцијата претседател, со цел „да го одбрани интегритетот на државата“.

Истиот ден, 52-годишниот Тачи, кој стана доминантна фигура во косовската политика по војната, беше уапсен и префрлен во Хаг. Тој, заедно со Весели, Красниќи и Селими, се изјасни за невин по обвиненијата.

Организациите за човекови права го поздравија обвинението. Хјуман рајтс воч истакна дека тоа е „позитивен чекор за правдата, бидејќи овие наводни злосторства висат над Косово веќе две децении“.

Беким Блакај, директор на Фондот за хуманитарно право Косово, кој ги следи случаите на воени злосторства, истакна дека потврдата на обвиненијата е сериозен чекор напред за СВК и за СТК.

„Овие две институции мора да одговорат на очекувањата на жртвите и да ја утврдат вистината за наводните злосторства, наведени во извештајот на Дик Марти“, рече тој.

Сепак, воените ветерани на ОВК беа лути во врска со обвинението. Уметници, ветерани и политичари започнаа кампања за поддршка на поранешните водачи на ОВК, под слоганот „Слободата има име“.

Во декември, пак, беа формирани два фонда за собирање средства, едниот за одбрана на Тачи, а другиот за одбрана на Весели. Овие средства беа основани надвор од неограничената државна финансиска поддршка на Косово, за обвинетите пред Специјалниот суд.

Албанскиот премиер, Еди Рама, исто така, го искажа својот став во јавноста, опишувајќи ги обвинувањата против Тачи и останатите како „измислици за чистотата на херојската војна (на ОВК)“.

Продолжија локалните судења за воени злосторства

Дарко Тасиќ, во Основниот суд во Призрен, во јуни, откако беше осуден за учество во масакрот во Мала Круша. Фото: БИРН

Дарко Тасиќ, во Основниот суд во Призрен, во јуни, откако беше осуден за учество во масакрот во Мала Круша. Фото: БИРН

Во Косово, гонењето на воените злосторства продолжи и во 2020 година, иако со бавно темпо.

Во март, поранешниот српски полицаец, Зоран Вукотиќ, кој веќе издржува казна за воени злосторства, односно за тортура врз затвореници, беше обвинет за силување на 16-годишно девојче за време на конфликтот во 1999 година.

Во април, Врховниот суд наложи повторно судење на поранешниот командант на ОВК, Ремзи Шала, кој минатата година беше осуден на 14 години затвор за киднапирање на Албанец, кој подоцна беше пронајден мртов.

Припадникот на резервниот состав на српската полиција, Дарко Тасиќ, беше осуден на 22 години затвор за учество во масакрот над 109 Албанци во селото Мала Круша, во 1999 година. Неговата казна беше преполовена во жалбена постапка.

Во декември, уште еден поранешен припадник на резервниот состав на српската полиција, Ненад Арсиќ, беше осуден на шест години затвор, за воени злосторства врз цивили, во Приштина, во1999 година.

Во Косово во тек се бројни судења поврзани со војната, но нивниот број може да биде уште поголем, доколку има соодветна правна соработка меѓу Приштина и Белград, истакна обвинителката, Дрита Хајдари, шеф на одделот за воени злосторства на Специјалното обвинителство на Косово.

„Оваа година покренавме многу случаи на воени злосторства извршени во Косово, но нема да можеме да ги финализираме без соработка меѓу Косово и Србија, на политичко ниво“, нагласи Хајдари за БИРН.