Истражувањa

Восочните фигури ги трошат парите за музеите

Вредните национални поставки не можат да дојдат на ред од трошоците за музеите од Скопје 2014

Музејот на Македонија е нашиот Лувр и Прадо, и неговите потреби треба да бидат приоритет, вели за БИРН, професорот по етнологија на ПМФ и претседател на македонскиот огранок на организацијата Син штит за заштита на културното наследство, Даворин Трпески. Музејот е објект со најголема збирка предмети што се меѓу највредните и најзначајни во земјава.

За Лувр и Прадо, сепак, би било незамисливо да имаат затворена галерија поради падната таваница, половина кат испразнет поради влага, траги од протекување на покривот и стар необновен под.

Сместена во срцето на Старата скопска чаршија меѓу Мустафапашината џамија и Куршумли ан, оваа градба изградена во 1970-тите години некогаш беше гордост на градот. И денес таа е мошне ценета меѓу архитектите поради својот модерен стил и современите решенија за музејско изложување. Бетонски призми доминираат над музејското плато, но архитектите Мимоза Томиќ и Кирил Муратовски се погрижиле тие да не го нарушат чаршискиот амбиент.

Овој музеј нема апарат што ќе троши струја од неколку стотици илјади денари месечно за постојано да одржува соодветна температура и влажност во него што го нарекуваат „чилер“. Таква опрема имаат објектите на кејот на Вардар, како Музејот на македонската борба и Археолошкиот музеј, нови објекти од проектот „Скопје 2014“. Во Музејот на македонската борба, таа машина не служи за да заштити стари предмети од минатото, туку за да ги одржува восочните фигури специјално направени за Музејот.

За сето тоа време, во Музејот на Македонија огромни ѕидови стојат празни. Управата морала да ги извади големите стари килими што стоеле таму, предмети зачувани од народното творештво, за влагата да не ги оштети. Ткаенината е мошне чувствителна на неповолни услови. Галеријата на икони, со една од највредните колекции во државата, е затворена веќе две години поради паднатиот таван.

Мали, ама трошаџии

Дотраеноста на зградата веќе предизвикува значителни трошоци за поправки, тековно одржување, комунални услуги и греење. Меѓу 100 и 200 илјади евра годишно од буџетот се плаќаат за одржување зграда, која во добар дел не се користи. Тие пари не се доволни за да се подобрат условите, туку само за да се спречи значително влошување од сегашната состојба.

„Имаме одобрено три милиони денари за изработка на 19 основни проекти за сите позиции коишто ќе покажат во кој обем, со која динамика и со колкав буџет ќе се реновира објектот. Но не знам кога ќе ни бидат префрлени и кога ќе започнеме со таа сложена постапка“, вели Јован Шурбановски, в.д. директорот на оваа институција.

Шурбановски се зачуди од информациите дека трошоците за тековно одржување и за комунални услуги на Музејот на македонската борба и на Археолошкиот музеј во некои години се поголеми од тие во неговата институција. Иако редовно функционираат само седум-осум години, тие трошат и по девет милиони денари (150.000 евра) за одржување годишно.

Разликата во сумите е уште поголема ако се знаат димензиите на објектите. Музејот на Македонија има изложбен простор од над 6.500 квадратни метри, а другите два музеи се трипати помали, со поставки на две до две ипол илјади квадрати. И покрај тоа што се нови и мали, тие годишно трошат исто или повеќе пари од централниот музеј.

„Во принцип нема логика нова зграда да троши повеќе пари од стара, но тоа не мора да значи дека објектот е неквалитетен. Можеби е инсталирана скапа и софистицирана опрема што предизвикува големи трошоци. Доколку и ние имаме таква опрема, веројатно трошоците за одржување би ни биле значително поголеми“, додава тој. 

Маслото на платно во влага, восокот на суво

Директорот Шурбановски во испразнетиот дел од музејот, каде што порано стоеле големите килими | Фото: БИРН

Никој не сака да отвори војна меѓу музеите. Тие, сепак, се културни институции. Но, сите се свесни за фактот дека државата отвори нови установи што се скапи за одржување, притоа целосно занемарувајќи ги проблемите и потребите на старите.

„Очигледно дека тука станува збор за луксузирање на едни на сметка на основните потреби на други“, вели поранешниот министер за култура, Роберт Алаѓозовски, денес национален координатор за култура во Владата.

Восочните фигури во Музејот на македонската борба, додава тој, немаат никаква музејска и уметничка вредност или историска функција, а задржуваат пари.

„Петстотини илјади денари за струја месечно можеби треба да се потрошат за да се заштити некое уметничко богатство, но не за нив. Има вредни слики што се чуваат без соодветни микроклиматски услови, а ние ладиме восочни фигури. Па, дури и да била комерцијална целта на нивното поставување, приходот не ја оправдува инвестицијата“, смета Алаѓозовски.

Директорката на музејот, Даниела Николова вели дека нема избор.

„Тие восочни фигури се сопственост на државата и се оставени на моја одговорност. Јас не можам да дозволам да се оштетат“, додава таа.

За Археолошкиот музеј, Алаѓозовски вели дека се употребени 12 видеобима за да создаваат некакви ефекти, а многу институции немаат видеобим за основните потреби, да одржат презентација.

Како министер, Алаѓозовски вели дека се обидел да ги реши овие проблеми со рационализација, но како национален координатор можностите му се ограничени.

Ќе се даваат ли пари за корекции во нова зграда?

Археолошкиот музеј е нов објект во кој веќе се крпат дупки | Фото: БИРН

Поголем број музеи во земјава не ги задоволуваат ниту основните европски стандарди за чување културни добра, а исклучоците се ретки, вели Даворин Трпески. Еден од клучните проблеми е што предмети се чуваат во згради што не биле изградени за да бидат музеи, туку биле преадаптирани.

„Меѓу тие што се направени наменски се Природонаучниот музеј и Музејот на Македонија, како и новите музеи во центарот – Музејот на македонската борба, Археолошкиот музеј и Музејот на холокаустот. Па, и покрај тоа, и таму се јавуваат проблеми, особено видовме што се случува во музеите покрај Вардар поради локацијата и водите таму, имаат депоа што не можат да ги употребуваат поради влагата“, додава Трпески.

За зградата на Археолошкиот музеј, во која се сместени и Уставниот суд и Државниот архив, се потрошија речиси 43 милиони евра и таа беше најскапа од проектот „Скопје 2014“. Во просек по четири милиони евра за секој од десетте ката, осум надземни и два подземни.

Дел од овие пари се дадени за подземно ниво, кое не може да се користи поради влагата и непристапноста. Товарниот лифт е расипан, и со тоа пристапот е ограничен. „Власта не можела да ја лоцира фирмата што го поставила за да го поправи“, вели Алаѓозовски.

Второто подземно ниво требало да биде депо, но било незамисливо да се користи за тоа, бидејќи ќе ги уништело предметите. Директорката на музејот, Славица Бабамова вели дека таму ги чувале само алатите, па ниту за нив не биле соодветни условите.

За Бабамова, тоа што музејот е сместен заедно со две други институции над него е хендикеп, бидејќи сите тие имаат сосема различни потреби. Но, барем во еден случај тоа се покажало како предност. Кога во 2015 протекол покривот, водата пробила во канцелариите на Архивот, кои се најгоре (вредниот архивски материјал е два ката подолу). Државниот архив платил околу 30.000 евра за да го поправи, според  податоците што ги добивме оттаму.

За Археолошкиот музеј се употребени 12 видеобима за да создаваат некакви ефекти, а многу институции немаат видеобим за основните потреби, да одржат презентација

И Археолошкиот музеј има апарат чилер, кој функционира со многу мал капацитет. Восочните фигури биле преместени во едукативно катче во првото подземно ниво каде што се позаштитени од температурните разлики. Бабамова објаснува дека ако треба да се смени чилерот, тоа би бил трошок од околу 100.000 евра.

За да се преуреди музејот и да се отстранат сите вградени недостатоци, исто така би им биле потребни многу пари, на пример за да се подобри противпожарната заштита. Има многу дрвени елементи во музејот што го зголемуваат ризикот од пожари зашто се лесно запалив материјал.

Згора на сѐ, мермерните плочи во холот се одлепувале и паѓале бидејќи биле залепени врз гипс картон. Вработените во музејот ги залепиле со поцврст лепак, но за трајно решение треба проект и пари.

„Во нов објект, ние крпиме. Не можеме да ги решиме проблемите. А не верувам дека државата би била расположена да дава пари за зграда што е стара пет години, знаејќи во каква состојба се другите музеи. Но, проблемите може да се наталожат и за 10-15 години да имаме многу неповолна состојба“, вели Бабамова.

Во археологијата секогаш има потреба од поголеми вложувања, особено во земја со голем број наоѓалишта како Македонија. Затоа Бабамова вели дека е штета што се трошат пари за тековните потреби и за недостатоците на зградата, наместо тие да се вложат во дополнителни истражувања, публикации или зголемување на едукативната функција на музејот.

Без одржување, ризиците се големи

Музејот на Град Скопје доби најава за реновирање откако го сардисаа градилишта | Фото: БИРН

Како се дозволи да се направат музеи што на културата ѝ враќаат помалку отколку што се вложува во нив? Според Трпески, клучни биле процедурите во стартот, за основање на новите институции.

„Факт е дека релативно мал број луѓе носеа одлуки во врска со тие музеи. Да се правеше тоа во рамки на една постапка, во која јавноста, особено стручната, ќе беше повеќе вклучена, ќе избегневме голем број од проблемите“, додава Трпески.

Според Шурбановски, не треба да се дозволи музеите да западнат во толку лоша состојба за да им биде потребна комплетна реновација, бидејќи тоа е сложен и ризичен процес.

„Не е исто да се одржува или реновира театар и музеј. Театарот е пред се ансамблот, не е објектот. Ако објектот во кој е сместен театарот поради некои причини нема услови за работа, театарот може да продолжи да функционира, во други објекти, дури и со претстави на отворено, додека не се решат проблемите. Но музејот е самата зграда. Секој објект во кој се сместени предмети кои се заштитени како културно наследство и самиот објет е заштитен со закон. И ако овие објекти не се третираат на тој начин, настануваат проблеми“, објаснува тој.

Како што додава, целосното реновирање на музејскиот објект, подразбира и дислокација на предметите во објекти што имаат соодветни услови за чување, што е дополнителен трошок и практично неизводливоНепрофесионално е кога предметите како заштитено добро и во фрагилна состојба, заради нивната старост,  се предмет на чести дислокации.

Најголем ризик може да биде несигурноста во финансирањето. Таков пример е Народниот музеј во Србија, кој се реновираше повеќе од десет години бидејќи со менувањето на властите во Србија се кратеа и финансиите. Цела деценија тој беше затворен за јавноста, што, според Шурбановски, е недозволиво за една музејска институција.

Меѓу објектите што се запоставуваа додека се градеа новите музеи од Скопје 2014 беше и Музејот на град Скопје. Овој музеј има петпати помали тековни трошоци од Археолошкиот и од Музејот на македонската борба, иако има приближно еднаква изложбена површина како нив, од 2.283 квадрати.

Но, тој практично останал без депоа затоа што техничката опрема станала стара и неупотреблива. За тоа време се граделе депоа на двата музеја до Вардар, кои се под нивото на водата и до денес не се искористени.

„Музејот (на Град Скопје) има неупотребен простор, кој е во девастирана состојба, а нема доволно галериски простор. Недостигот од галериски простор и неговата несоодветност од архитектонски и технички аспект оневозможува да се поставуваат во тој простор големи и атрактивни изложби што ни се нудат или кои самите би можеле да ги подготвиме“, вели Емил Алексиев, куратор во музејот.

Тој се надева дека реновирањето што го најави скопскиот градоначалник Петре Шилегов вредно еден милион евра ќе реши некои проблеми со изложбениот и со јавниот простор во музејот, но депоата и натаму ќе останат проблем. Тој нагласува дека оваа најава од градот доаѓа откако и градските и државните власти дозволија музејот да биде „сардисан“ од градилишта и да загуби дел од својот надворешен простор и старите перони како составен дел на Старата железничка станица.

„Тој проект речито говори за општествениот недостиг од култура, грижа за традицијата и свест за сопственото минато. Говори и за алчноста и за човечката глупост. Наместо тој огромен простор врзан за објектот на Старата железничка станица да биде реновиран и ставен во јавна употреба со културни содржини, како што е одамна планирано, старите перони и најголемиот дел од Старата железничка станица, кои беа во урнатини (чекајќи подобри времиња и некое поколение подобро од нас за да биде обновена станицата) е израмнет со земја и избришан од колективната меморија на граѓаните на Скопје“, заклучува Алексиев.

 

Подготовката на оваа истражувачка сторија е поддржана од Иницијативата за демократија на Западен Балкан, програма на Фондацијата за демократија на Вестминстер. Содржината на оваа истражувачка сторија не ги одразува ставовите или мислењата на Фондацијата за демократија на Вестминстер или Британската Влада.