Регион

„Возот на слободата“ на Туѓман: Прославување на победата на Хрватска и егзодус на Србите

Патувањето со Возот на слободата и говорите што Туѓман ги одржа во местата каде возот застануваше долж неговата маршрута, ги испитуваше МКТЈ

Две недели по победата на хрватската војска во операцијата „Бура“, спроведена на почетокот на август 1995 година, со што практично заврши војната во Хрватска, претседателот, Фрањо Туѓман, ги собра државните функционери во претседателската палата во Загреб, за да разговараат за неговите следни политички потези и за новата стратегија за промовирање на неговата партија, Хрватската демократска заедница (ХДЗ).

„Господа, сакав малку да разговараме, пред сѐ, за промотивната ориентација, со оглед на капитализацијата на ‘Бура’ и сето ова“, истакнал Туѓман, отворајќи ја седницата.

Тој најавил дека наскоро ќе се отвори железничката пруга Загреб-Сплит, која беше затворена за време на војната 1991-1995, бидејќи дел од хрватската територија беше контролирана од српските бунтовници, со помош на ЈНА и српските паравоени формации.

Туѓман им рекол на своите колеги дека сака, повторното отворање, да има „политичко значење“.

„Според мое мислење, тој воз треба да тргне од Загреб, да биде испратен од  Загреб, да биде пречекан на некои места и дочекан во Сплит со забава, митинг и слично“, нагласил Туѓман, стои во транскриптите од состанокот, до кои дојде Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија. (МКТЈ), а кои беа користени на судењето на хрватските воени генерали, Анте Готовина, Младен Маркач и Иван Чермак.

Како што Туѓман испланирал, големото отворање на пругата се одржа на 26 август, кога тој и други високи гости тргнаа со, како што го нарекоа, „Возот на слободата“, од Загреб на север, до Сплит на југ.

Возот на слободата по пат застана на неколку места, за Туѓман да ја слави победата, да ја пофали ХВ за ослободувањето на територијата од српските бунтовнички сили за време на операцијата „Бура“ и за да вети економски просперитет на Хрватска, која беше разорена во војната.

Хрватскиот политички аналитичар, Жарко Пуховски, вели дека тоа бил триумфален поход, кој тој го спореди со древната римска традиција на одржување церемонија за славење на воените успеси „за да се поврзе раководството со народот, во чувството на триумф над поразениот противник“.

Но, освен зборовите на восхитеност, изјавите на Туѓман вклучуваа и остри зборови за поразените Срби – а еден ден пред да започне патувањето на Возот на слободата, постари српски цивили беа убиени во операциите на специјалните полициски единици за чистење на теренот, за кои властите тврдеа дека имаат задача да го задушат преостанатиот вооружен отпор.

„Разорена, но убава“ Хрватска

Извештај за патувањето на Туѓман со Возот на слободата, со фотографија од собирот во Сплит, објавен во хрватскиот весник „Вјесник“, во август 1995 година. Фото: БИРН.

Со операцијата „Бура“, која започна на 4 август 1995 година, хрватските сили ја разбија Република Српска Краина (РСК), што бунтовничките Срби ja прогласија во 1991 година на дел од хрватската територија, иако Загреб претходно прогласи независност на државата.

Секоја година, годишнината од „Бура“ во Хрватска се слави како клучна победа и клучен фактор кој го обезбедил постоењето на независната држава.

Меѓутоа, во серијата напади за време и по операцијата, според податоците на Хрватскиот хелсиншки комитет, биле убиени над 600, претежно постари српски цивили, а околу 200.000 српски бегалци ја напуштиле ослободената територија.

Но, Хрватите беа еуфорични, а Тихомир Понош, историчар и истражувач кој работи во Архивот на Србите во Хрватска, за БИРН вели дека патувањето на Туѓман со возот, можело да има и попрецизно име доколку властите го нарекле Воз на победата, „затоа што тој навистина … ја симболизираше победата на Хрватска во август 1995 година“.

Туѓман и другите патници се качија во возот во Загреб на 26 август околу 20 часот. Во 20-те вагони на возот, се наоѓаа државни функционери и лидери на политички партии, хрватски повратници кои беа раселени за време на војната, бизнисмени, јавни личности и голема група новинари. Според плановите, возот требаше да запре во Карловац, Госпиќ, Книн и Сплит.

„Во тоа време, сакало да се покаже, не симболично, туку навистина, дека континентална Хрватска и Далмација се повторно споени“, објаснува Понош.

Во говорот на железничката станица во Загреб, пред поаѓање на возот, Туѓман ги повика министерот за сообраќај и државната компанија „Хрватски железници“, да им обезбедат бесплатни билети на хрватските пензионери.

„Нека видат и нека ја погледаат таа разорена, но убава Хрватска. Нека одат на хрватското море, на кое (за време на војната) странските туристи се плашеа да дојдат, но од следната година сигурно ќе се соберат од цела Европа и од целиот свет“, им рече Туѓман на насобраните граѓани.

Во тоа време, цената на билетот за Возот на слободата се сметаше за висока, бидејќи парите од билетите беа наменети за децата на војниците убиени во војната. За време на патувањето, беше одржана добротворна аукција на слики од познати хрватски сликари.

Гостите ги забавуваа славонски тамбураши и далматински музички групи.

По трасата летаа хеликоптери и борбени авиони, а според новинарот на весникот „Вјесник“, кој патуваше со возот, „сите патници се чувствувале безбедно“.

Понош вели дека патувањето било претставено како симбол на повторното обединување на териториите и на економската реинтеграција, како и на

економскиот подем „кој ние, додуше, не го доживеавме во следните години“.

Туѓман најави дека и останатите делови од територијата на Хрватска под контрола на српските бунтовници и градот Вуковар, исто така, ќе бидат вратени.

„Среќен им пат“ на Србите

Графика: БИРН/Игор Вујчиќ

„Вјесник“ објави дека Возот на слободата „го враќа животот, надежта и оптимизмот“. Меѓутоа, некои набљудувачи тогаш рекоа оти тоа јасно покажува дека некои хрватски граѓани, особено Србите што живеат во областа која беше преземена од бунтовниците за време на операцијата „Бура“, не се добредојдени во повоеното општество.

Пуховски вели дека „триумфалното“ патување требало да покаже дека во Хрватска нема повеќе „непријатели“.

Тој се сеќава дека Туѓман повремено, во своите говори во текот на патувањето, изјавувал оти „победниците мора да ги разберат ограничувањата на нивната победа“, но оти во неколку наврати тој бил „понесен од атмосферата, па се слушнаа и навистина грди зборови на сметка на победените, со елементи на омраза“.

На неговата прва станица во Карловац, каде што жителите на градот му  подготвија свечен пречек, Туѓман изјави дека српските бегалци „доброволно“ одлучиле да ја напуштат Хрватска по операцијата „Бура“, иако, како што рече, нивните човекови права се загарантирани.

„Нека им е среќен патот“, нагласи тој, со аплауз на присутните.

Третата станица на патувањето беше Книн. Ова беше особено симболично, бидејќи овој град беше упориште на српските бунтовници до „Бура“. Книн е познат и како главен град на средновековното Кралство Хрватска, што Туѓман го забележа во својот говор.

„Книн беше главен град на Кралството Хрватска … сѐ до 1522 година, кога беше освоен од турските османлиски освојувачи и додека не дојдоа со нив оние што до вчера беа во нашиот хрватски Книн. Но, денес, тој е хрватски Книн и никогаш повеќе нема враќање на она што беше, да ни шират рак среде Хрватска, кој го разоруваше хрватското национално битие“, им рече тој на насобраните.

Тој додаде дека по операцијата „Бура“, Србите што живееле во Книн „исчезнале за два/три дена, како никогаш да не постоеле“ и дека „немале  време да ги земат своите валкани пари, девизи, ниту гаќи“.

На почетокот на операцијата „Бура“, на 4 август 1995 година, Туѓман ги повика хрватските Срби што живеат во областите што ги контролираа бунтовници, а кои „не учествувале активно во бунтот“, да останат дома и „без страв за своите животи и имотот, да ја поздрават хрватската влада, со гаранција дека ќе им бидат дадени сите граѓански права“.

Сепак, Понош нагласува дека говорот на Туѓман во Книн покажал оти хрватските Срби веројатно не биле убедени во таквите ветувања. Наместо на нив да се гледа како на луѓе чии права ќе бидат загарантирани, на нив се гледало како на „рак што се ширеше во Хрватска, кој ја загрозува Хрватска и нејзиниот опстанок“, нагласува тој.

Понош додава дека се поставува прашањето дали Србите воопшто можеле да ја слушнат првата порака на Туѓман, бидејќи таа била емитувана преку хрватските медиуми.

Пуховски смета дека Туѓман ја испратил оваа порака до Србите, со цел да се  избегнат критики од меѓународната заедница.

Дури подоцна, во 1997-1998 година, хрватските власти почнаа да зборуваат за можното враќање на српските бегалци, но тие првично се однесуваа „како да беше јасно дека тие нема да се вратат“. Затоа Хрватите слободно „побрзаа“ да го узурпираат имотот на српските бегалци, нагласува Пуховски.

Понош посочува дека прашањето за 200.000 Срби кои ја напуштиле земјата, малку се дискутирало по победата.

„Такви прашања не беа поставувани во тоа време, или доколку некој ги поставеше, тој не беше премногу забележан во јавноста. И ако беше забележан, тогаш веројатно ќе беше прогласен за непријател или нешто слично“, објаснува тој.

„Оптимални безбедносни услови“

уинирани куќи во Грубори, каде што Србите беа цел на специјалните полициски сили, во август 1995 година. Фото: БИРН

Патувањето со Возот на слободата и говорите што Туѓман ги одржа во местата каде возот застануваше долж неговата маршрута, ги испитуваше МКТЈ на судењето на Готовина, Маркач и Чермак, кои беа обвинети за наводна вмешаност во заеднички злосторнички потфат, во рамките на кој, во текот на операцијата „Бура“, извршиле злосторства против човештвото над Србите.

Судскиот совет на Хашкиот трибунал истакна дека многу од говорите на Туѓман, вклучително и оние во Карловац и Книн, на 26 август 1995 година, „имале одредена, иако ограничена, важност за оценување на политиката на Туѓман, кон српското малцинство во Хрватска“.

Трибуналот, исто така, заклучи дека во времето на говорот на Туѓман во Книн, операцијата „Бура“ завршила, но дека хрватските воени сили и специјалните полициски единици сѐ уште биле активни, особено во регионот Краина, каде спроведувале операции за чистење на теренот.

„Понатаму, српското цивилно население во Краина остана цел на тие сили. Како што констатираше судскиот совет во поглавјата 4 и 5, во текот на август и септември 1995 година, хрватските воени сили и специјалната полиција, над српските цивили во Краина во 1995, извршиле голем број убиства, нехумани дела, дела на сурово постапување, на уништување на имот и грабежи“, се вели во првостепената пресуда.

Хрватските генерали беа обвинети за планирање, организирање или учество во убиства, прогони, депортации и уништување на имот, со цел „трајно отстранување на српското население од регионот Краина“.

Готовина и Маркач беа осудени со првостепената пресуда, додека Чермак беше ослободен. Осудителната пресуда на генералите беше преиначена во ослободителна, во жалбена постапка.

Меѓу злосторствата што ги истражуваше Трибуналот беше и инцидентот во селото Грубори, кај Книн, кој се случи на 25 август 1995 година, само еден ден пред Возот на слободата да помине во близина на ова место, кога специјалните полициски сили убија шест постари српски цивили, од кои најстариот имал околу 80 години.

„Подготвувајќи се за патувањето на претседателот Туѓман со возот … МВР  (Министерството за внатрешни работи) и МОРХ (Министерството за одбрана на Република Хрватска) спроведоа заедничка безбедносна операција наречена ‘Книн 95’“, стои во првостепената пресуда.

Евиденцијата на Хашкиот трибунал покажува дека на 23 август, неколку дена пред Возот на слободата да тргне по својата маршрута, хрватскиот министер за внатрешни работи, Иван Јарњак, донел одлука за почнување на операцијата „Книн 95“, со цел да се создадат „најоптимални безбедносни услови во целокупната област“ за патувањето на Туѓман, бидејќи тоа било од „исклучителна важност … за меѓународната репутација на Република Хрватска, за нејзините транспортни врски и економски развој“.

„Тоа (патувањето) се спроведува во многу сложени безбедносни услови, имајќи предвид дека околу 2/3 од трасата минува низ, до неодамна, окупираните области на Република Хрватска, а особено дека во некои делови од ослободената територија сѐ уште има разбиени остатоци од четничките паравоени терористички групи“, им напиша Јарњак на полициските функционери.

„И претставници на странски медиуми се присутни во тоа подрачје, кои  тенденциозно пишуваат за резултатите од операцијата ‘Бура’“, додаде тој.

Стјепан Жиниќ, инструктор за специјалистичка обука во специјалната полициска единица „Лучко“, сведочеше дека на 25 август 1995 година, единицата учествувала во операциите за „чистење“ на теренот, за да се обезбеди сигурен премин на Возот на слободата, во областа околу Грубори.

Хашкиот трибунал заклучи дека по убиствата на постарите Срби во Грубори, била измислена приказна оти антитерористичките единици на хрватската полиција се судриле со српски борци. Меѓутоа, никој досега не е осуден за злосторствата извршени во ова место.

Во 2019 година, Врховниот суд на Хрватска ја потврди пресудата со која поранешните полицајци, припадници на антитерористичката единица „Лучко“, Франо Дрљо и Божо Краина, беа ослободени од обвиненијата за воени злосторства во Грубори, поради недостиг на докази.

Судот наведе дека постоел цврст завет за молчење меѓу припадниците на единицата „Лучко“, и дека некои од нив дале лажни извештаи за операцијата, како што е извештајот за наводен вооружен отпор на преостанатите српски борци.

Понош забележува дека, иако военото злосторство во Грубори било поврзано со Возот на слободата, тоа не било единствениот таков инцидент по операцијата Бура. „Слични споредливи злосторства врз српските цивили, многу често постари луѓе, се случија и пред, и потоа“, нагласува тој.

Туѓман, Возот на слободата го сметаше за успех. За весникот „Слободна Далмација“ тој изјави дека возот понудил „доказ дека хрватската слобода дефинитивно е зајакната, во смисла дека никој повеќе не може да ја загрози од хрватска територија, како што тоа беше од Книн“.

Во јуни 1997 година, Туѓман организираше слично патување од Загреб до Вуковар, откако беше постигнат договор за постепена реинтеграција на Источна Славонија. Тој ја нарече својата втора екскурзија со воз, „Воз на мирот“, и во присуство на претставници на ООН, своите триумфални изјави, овојпат ги ублажи со реторика за соживот.