Истражувањa

Враќање во Косово: Србите кои повторно го прегрнаа својот роден град

Мал број на Срби се вратија во косовскиот град Призрен, но, иако заканите за насилство повеќе не постојат, повратниците денес се борат за егзистенција

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Но, не толку одамна, Призрен не беше непроблематично место за Србите. Од предвоената популација од околу 10.000 Срби, Јевтиќ е еден од околу дваесетмината, што се вратиле да живеат во градот по конфликтот.

Во цела поранешна Југославија, програмите за помош за враќање на малцинствата раселени во војните, имаа просечен успех. Примерот на призренските Срби покажува дека овие програми се соочуваат со тешкотии.

Во Призрен, дури и со огромни инвестиции и донации на меѓународната заедница за решавање на станбеното прашање, и покрај општинската соработка, но и фактот што овој град е познат по разновидноста и тријазичната култура (турска, албанска и српска/босанска), неразвиената економија на Косово го отежнува враќањето на Србите кои се подготвени да се вратат.

За време на војната во Косово, во 1999 година, Војската на Југославија и српските паравоени сили, насилно протераа над 800.000 косовски Албанци во Албанија и во Македонија и убија повеќе од 10.000. Веднаш по војната, кога југословенските сили се повлекоа, српските цивили го напуштија Косово, плашејќи се од одмазднички напади.

Србите кои на крајот на војната сè уште беа во Призрен, беа набрзина евакуирани во јуни 1999 година.

Фред Кокозели, вонреден професор на Универзитетот Свети Џон во Њујорк, тоа лето пристигнал во Призрен, каде работел за една меѓународна организација и бил сведок на она што се случувало.

Поголемиот дел од куќите во старата српска населба, Поткаљаја, која се наоѓа на ридот во центарот на градот, биле ограбени и изгорени до темел. Во атмосфера на неизвесност и хаос, која следела по повлекувањето на српските сили од Косово, претерано претпазливиот пристап на германските трупи на КФОР, не го спречиле насилството врз локалните Срби и Роми.

„Скоро секоја вечер куќа на ридот беше во оган“, вели Кокозели.

Во март 2004 година, низ цело Косово, повторно избувна антисрпско насилство. Во Призрен, според извештајот на меѓународната организација, Хјуман рајтс воч, сите српски домови што останале недопрени во Поткаљаја, вклучително и оние што биле обновени по нападите во 1999 година, биле запалени.

Во немирите била запалена и Богословијата во центарот на Призрен, како и многу цркви, од кои некои од XIV век. 36-те Срби кои се вратија во овој град, останаа без своите домови. Во урнатините на една куќа, беше пронајдено изгорено тело на еден Србин, а дел од нив, меѓу кои и родителите на Љубиша Јевтиќ, биле претепани.

По насилството, неговите родители се засолниле во касарната на германските трупи на КФОР, а потоа Јевтиќ ги префрлил во Краљево, Србија, каде неговиот татко, една година подоцна, починал од последиците на повредите што ги здобил. Неговата мајка останала инвалид, а траумата ја следела до крајот на животот. Таа починала неколку години подоцна и никогаш не се опоравила од шокот.

„Тешко ми е кога зборувам за нивната судбина“, ни вели Јевтиќ. „Кога татко ми реши да се врати во Призрен по војната, тој ми рече: ‘Таму ја преживеав Втора светска војна. Немаме ништо друго што ни припаѓа, тоа е и наше место“.

„Времето покажа дека сите можеме да живееме заедно“

Славиша Цветковиќ, една од ретките српски повратници во Призрен, во својата работилница. Фото: Даниел Петрик.

Насилството не било секогаш дел од приказната за Призрен. Јевтиќ смета дека историската аберација е симбол на мултиетничноста и повеќејазичноста во овој град.

„Гледај, на 200 метри ги имаш џамијата Синан-паша, црквата Свети Ѓорѓи и Католичката катедрала“, посочува тој. „Старите призренски Срби го зборуваа турскиот, подобро од српскиот јазик. Времето покажа дека сите можеме да живееме заедно“.

На неговата свадба, половина гости биле Срби, а останатите Албанци и Турци. „Сите пеевме српски, албански и турски песни“, вели тој. „Мислев дека сите сме среќни“.

Владе се вратил во Призрен со својата мајка во 2015 година. Се сеќава дека неговиот татко добро зборувал турски јазик. Како што вели, Албанците и Турците „би ви зборувале на српски јазик, а вие би им одговарале на турски. Тоа беше разбирање. Тоа беше почит“.

Сунчица Цветковиќ, и нејзиниот сопруг, Славиша, се меѓу првите повратници во Призрен. Таа била член на српска фолклорна група во овој град 35 години. Со задоволство се сеќава на албанските, турските и ромските фолклорни настани на кои присуствувала.

„Сите во овие четири групи присуствуваа на настаните на другите“, вели таа. „Минатиот месец разговарав со Албанка која живее во Приштина и која играше во овие групи. Се присетивме на времето пред војната, кога бевме млади, кога сите се дружевме“.

Тие ги учеле песните и јазиците на другите, во училиште и на улица. Бидејќи Цветковиќ по војната со години живеела во Италија, делумно го заборавила албанскиот јазик. Таа покажува со прстот кон Славиша, кој седи со нас во собата, и вели: „Но, тој зборува и албански и турски“.

По кратката пауза, таа додава: „Навистина беше братство и единство“.

Пречекот во Призрен нè охрабри“

Љубиша Јевтиќ (во средина) во слаткарница во Призрен. Фото: Даниел Петрик

Изгорените куќи во Поткаљаја стоеле празни и опустошени со години, како потсетник за насилството во 2004 година, сè до 2011 година, кога британската Влада и Данскиот совет за бегалци, со помош на српското здружение за раселени лица од Косово, Свети Спас, започнале со обновување на населбата.

Била остварена комуникација со раселените Срби, меѓу кои бил и Јевтиќ. „Моравме да докажеме дека го поседувавме имотот од пред војната, дека таму сме имале куќа и тие ги реновираа куќите на сите што решија да се вратат“, истакнува тој.

По неколкуте состаноци со претставниците на меѓународната заедница и со општинските власти, неколку Срби решиле да се вратат, убедени дека нивната лична безбедност, нема да биде загрозена.

Кога Јевтиќ, во 2015 година, се подготвувал да се досели во реновираниот дом на неговото семејство, неговиот нов сосед, Албанец, му посакал добредојде и му ветил оти лично ќе се грижи за неговата безбедност. „Овој пречек навистина нè охрабри, покажува дека односите сè уште можат да бидат добри“, потенцира Јевтиќ.

Иако првично се плашел, по враќањето, тој немал никакви инциденти.

Српските повратници започнале да се враќаат во Призрен во 2012 година. Овој процес и натаму трае. Десетици обновени српски куќи изградени од меѓународната заедница, денес повторно, во живописен традиционален стил, блескаат на падините на Поткаљаја. Но, повеќето од овие куќи, изградени за да се олесни враќањето на Србите во градот, се празни во текот на целата година или се продадени или изнајмени на локални жители, што не се од српската заедница.

Цветковиќ вели дека нема ниту 20 српски повратници. „Луѓето доаѓаат тука во текот на летото околу еден месец“, вели таа. „Но, што е со луѓето кои цело време се тука? Луѓето кои живеат тука цела година, како нас? “

Таа именува десетина повратници во населбата, а потоа го прашува својот сопруг Славиша: „Има ли уште некој друг?“, а тој одмавнува со главата.

Високата невработеност и слабата економија во Косово, се главната грижа за Србите кои размислуваат за враќање. „Откако ќе ги реновирате куќите, од што ќе живеете? После тоа, сè уште треба да јадете. Не е само да имате покрив над главата“, истакнува Јевтиќ.

Цветковиќ, исто така, ја дели оваа загриженост: „Сите овие sидови, овие куќи изградени со донации, не значат ништо, затоа што не можете да ги јадете ѕидовите“. Кога таа и Славиша се вратиле, се соочиле со голема сиромаштија, понекогаш дури и немале што да јадат.

„Никогаш не сме помислиле дека сме заминале“

Братот на Владе, Бане, се соочил со истото прашање, кога размислувал дали да им се придружи на својот брат и на мајка си. Лошите шанси за вработување, но и фактот дека не сакал да се потпира само на донациите, беа клучни за неговата одлука да остане во Србија.

„Ако дојдеме овде, ќе треба од нешто да живееме. Ние не сме стока што чека да добие нешто за јадење“, вели Бане. „Мора да учествуваме во општеството, да се вработиме, да придонесуваме“.

Тој, од самиот почеток по враќањето, се борел да најде работа, но додава дека дополнителен проблем со кој се соочуваат потенцијалните повратници е и тоа што нема образование на српски јазик. „Тие го прашаа Бане, неговата сопруга и нивните мали деца, дали сакаат да се вратат, на што Бане одговори: ‘Чекајте малку, моите деца одат на училиште. Дали има училиште во Призрен во кое можам да ги запишам моите деца, во кое ќе учат на нивниот јазик?. Не, нема’“. Затоа Бане решил да остане во Србија, иако често доаѓа во Призрен“.

За Љубиша, вистинското враќање би значело можност да се вратат цели семејства, да има деца во српската заедница, кои би можеле да учат во училиште на српски јазик. Засега, повеќето повратници всушност не живеат во градот цело време или се пензионери кои добиваат пензии од Србија.

И покрај тешката економска состојба, осаменоста што ја чувствуваат како малубројни претставници на некогаш просперитетната заедница и на трауматските сеќавања, повратниците во Призрен се враќаат поради длабоката љубов кон урбаната убавина, носталгијата по нивниот предвоен живот и чувство дека, пред се, се жители на Призрен.

Едноставно, Призрен е таму каде што се корените на Љубиша. „Ако некое дрво расте некаде 40 години, а потоа го извадите и го пресадите во Белград, тоа повеќе нема да може да расте, зарем не?“, ја објаснува тој својата одлука да се врати.

Љубиша го спомнува и малтретирањето, и предрасудите, со кои се соочуваат косовските Срби во Србија. „Тие се смеат на нашиот дијалект, но јас им велам, така мајка ми ме научи да зборувам. Никој не може да ми каже како ќе зборувам“.

Тој честопати се прашува дали косовските Срби имаат повеќе заедничко со Албанците и Турците од Косово, отколку со Србите од Србија.

Кога Владе зборува за Призрен, звучи како секој друг жител со длабоки корени во овој град. Го загрижува невработеноста и економијата, но и начинот на кој растот на градот и постојаната градба влијаат на душата на градот. И не го прашувајте за неговото „враќање“ во Призрен.

„Ние сме едно семејство кое никогаш не размислувало дека се вратило, бидејќи никогаш не сме мислеле оти сме заминале“, ни вели тој. Иако речиси 16 години бил надвор од Призрен, тој потенцира: „Ние го носиме Призрен со себе, каде и да одиме“.

„Времето го направи своето“

Населбата Поткаљаја во Призрен, во која живее Љубиша Јевтиќ. Фото: Даниел Петрик

Српските повратници кои сè уште не се пензионирани, се наоѓаат во тешка економска состојба. Славиша Цветковиќ работи како филигранџија, занает по кој Призрен е познат, и продава филиграни, додека Сунчица Цветковиќ, последните две години работи во кујната на познат ресторан во центарот на градот, со соработници Албанци.

Љубиша се обидува да ги претвори новоизградените, но празни српски куќи во Поткаљаја, во мрежа хостели, бидејќи туризмот во овој град е во подем, но и да убеди еден од своите синови, да се врати и да му помогне во работата.

Иако успеваат да се пробијат, тие се песимисти во врска со можноста да дојде до позначаен процес на враќање. Многу потенцијални повратници починале од старост или изградиле нов живот на друго место. Оние што заминале како мали деца, не се сеќаваат на старата урбана повеќејазичност и на заедничкиот живот, така што нема по што да бидат носталгични.

„Поминаа дваесет години“, вели Љубиша. „Лично, мислам дека времето го направи своето. Можеме да раскажуваме некакви приказни за враќање, но реалност е дека враќање нема“.

Иако значителното враќање на Србите е малку веројатно, тензиите продолжуваат да се смируваат, овозможувајќи повторно воспоставување на српските православни институции и зголемување на бројот на српски посетители, без разлика дали се поврзани со Призрен или не, кои би дошле да ги посетат старите градски знаменитости.

Црквата Свети Ѓорѓи и Богословијата во центарот на градот, редовно одржуваат настани што привлекуваат посетители од Србија и од околните српски места, како што се Новак, Штрпце и Велика Хоча.

Цветковиќ забележува дека откако таа и Славиша се вратиле, Србите и српскиот јазик, сè повеќе се прифаќаат. Голем број членови на босанската и на горанската заедница во градот, кои во повоениот период се плашеле дека заради нивниот јазик ќе ги сметаат за Срби, ја потврдуваат опсервацијата на Сунчица.

Откако е вратен, Љубиша се дружи со својот албански сосед кој го пречекал. Тие дури заедно патувале и во Србија.

Овој негов сосед, кој работи во центарот на градот, а кој побара од нас да остане анонимен, вели дека никогаш не размислувал дали да патува во Србија или не, затоа што знае дека нема предрасуди кон Србите. Тој додава оти во Призрен ќе го пречека секој Србин, без разлика дали тој е повратник или не, кој истото го чувствува кон Албанците.

Додека разговаравме, покрај нас помина српски свештеник, кого го следеа шест весели деца, кој разговараше на српски јазик. Се чинеше дека никој не ги приметува. Тоа беше нормален ден во Призрен.