Регион

Време е да се спротивставиме на негирањето на геноцидот во Сребреница

Мораме да му се спротивставиме и на растечкиот тренд на негирање на геноцидот во Босна и Херцеговина, присутен во целиот свет

Јули 2020 година е месец во кој се одбележуваат две тесно поврзани годишнини – четвртина век од геноцидот во Сребреница и четвртина век од потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор, со кој заврши војната во БиХ.

Напишано е многу, а мора и ќе биде напишано уште повеќе за секој од овие два настани, за нивното значење за повоениот развој на БиХ, како и за соодветното место што го имаат во поновата историја, во периодот по Студената војна.

На пример, Меморијалниот центар Поточари кај Сребреница и организацијата, Сеќавање на Сребреница, со седиште во Велика Британија, прават огромна работа за зачувување на сеќавањето и едукација на помладите генерации за геноцидот во БиХ, најлошото злосторство на европскиот континент по Втората светска војна. И текстовите, како што е неодамнешната биографија на Ричард Холбрук, на авторот Џорџ Пакер, исто така, помагаат во (ре) интерпретацијата на значењето – и на грешките – на ангажманот на меѓународната заедница во БиХ, во текот на 90-тите.

Како и да е, се чини дека се работи за исклучок, а не за норма, кога станува збор за пишувањето и размислувањето за војната во БиХ. Наместо тоа, настаните од последните две години, или приближно толку време, болно се искристализираа – бошњачкиот хорор стана повеќе мит, ​​отколку историја. Среде оваа какофонија на дезинформации, коментарите на реакционерите и ревизионистите станаа погласни од искуствата на преживеаните и наодите на експертите.

Сеопфатна студија за овој феномен не може да се обликува во овој формат, особено ако се има предвид дека платформите како Твитер станаа вистинска депонија на ревизионизмот, кога пошироко станува збор за распадот на Југославија.

Но, некои работи се истакнуваат.

Во терористичките напади во Крајстчерч во март 2019 година, убиецот, во време на масакрот, беше видливо мотивиран од српскиот ултранационализам. Тогаш, станавме свесни за сознанијата дека европската крајна десница агресивно ги продлабочува врските со српските ултранационалистички и реакционерни групи низ целиот регион.

Во октомври 2019 година, познатиот ревизионист на геноцидoт и апологет на Слободан Милошевиќ, Пeтер Хандке, ја доби Нобеловата награда за литература, додека Нобеловиот комитет одби да го признае неговото децениско пишување и ораторство, во одбрана на каузата за „Голема Србија“.

Помалку видливо, но не помалку вознемирувачко, беше кога во јануари 2020 година, американскиот научник, Џесика Стерн, објави бизарен, речиси еротски извештај за нејзините разговори со еден од главните архитекти на босанскиот геноцид, воениот лидер на ентитетот Rепублика Српска, Радован Караџиќ. Нејзината книга беше остро осудена од страна на скоро целата балканска академска заедница – вклучително и на академиците, кои таа со задоволство ги цитираше во своето дело.

А тука е и тековниот обид на современата влада на Република Српска, да се вклучи во ревизионизмот на настаните во Сребреница, за кои беа регрутирани странски граѓани, вклучително и водечки експерти за холокаустот од Израел.

Се разбира, оваа последна точка не е сама по себе нов настан. Како што забележа Хикмет Карчиќ во врска со Милорад Додик, долгогодишниот шеф на српскиот националистички став во БиХ и главниот политички спонзор на оваа системска кампања на историскиот ревизионизам: „по неговото враќање на власт во 2006 година, создаде сериозен моментум и институционална поддршка за негирањето на воените злосторства на босанските Срби, како во Република Српска, така и во Србија. Оттогаш, ревизионистичката реторика се прошири надвор од националните и регионалните кругови, навлегувајќи во мејнстримот на академскиот и општествен дискурс“.

Но, ова очигледно не е повеќе балканска болест. Негирањето на геноцид во БиХ се рашири и на глобално ниво.

Можеме да се спротивставиме на напаѓањето на фактите

Меморијалниот центар во Поточари. Фото: БИРН

Прашањето е што може да се стори во врска со ова? Особено во ера на дезинформации и „лажни вести“, и во услови на зголемување на бројот на оние кои поддржуваат теории на заговор и параноично размислување во поголем дел од демократскиот свет – како можеме да ја зголемиме важноста на прашањето за негирањето на геноцидот и да ангажираме ресурси за борба против тоа негирање?

Јас тврдам дека токму во овој пламен на кризи, можеме да го бараме делот што буди надеж. Токму затоа што нападите врз фактите, вистината и основната човечка пристојност станаа глобални, сега се појавува глобална група на луѓе кои, за прв пат во последните неколку генерации, се спротивставува на ваквата политика.

Во последните три децении, луѓето во Босна и Херцеговина главно живееја со товарот на фанатизам и ревизионизам, задушени од „алтернативните реалности“ создадени од атавистички реакционери и шовинисти. Тие ги носат лузните од геноцидот на своето тело и во својот ум, но и лузните од културата на негирање што оттогаш се вкорени.

Затоа, треба да се стремиме да ги искористиме нашите искуства за да поучуваме – не само за фактите за геноцид во Сребреница и БиХ, туку и за тоа, како можеше вакво злосторство воопшто да се случат, како чинот на геноцид бара интелектуална и практична подготовка што почнува години пред неговото извршување; како убиството продолжува преку процесот на негирање; и како таквите практики не се уникатни за БиХ или за Балканот.

Бидејќи ова не е само приказна за Сребреница, ниту само приказна за десетици градови и села во БиХ каде се извршени идентични злосторства како дел од истиот политички проект, моралната и политичката тежина на геноцидот во БиХ – и постојаниот тренд кон неговото негирање – е етичка грижа на сите цивилизирани луѓе.

Денес, со десничарските и нелиберални движења, кои се повеќе се зајакнуваат во развиениот свет, со нови погроми на кои никој не им се спротивставува, од Сирија до Јемен и од Мјанмар до Синкјанг, мора да признаеме дека не можеме да се вратиме назад и да очекуваме дека на крајот нема да не обвие темнина. Како што нè учи познатата поема на Мартин Нимолер, за еволуцијата на холокаустот: кога ќе потфрлиме во соочувањето со злото, не само што стануваме оние што го овозможуваат тоа, туку со текот на времето стануваме и негови жртви.

Затоа, на 25-годишнината од геноцидот во Сребреница, ние, покрај оддавањето на почит, мора да направиме и нешто повеќе. Ние мора да се организираме против актуелните кампањи за бришење и негирање, кои сакаат да станат доминантни во дискурсот околу геноцидот во Босна и Херцеговина. Сепак, како дел од глобалниот обид да се одбрани демократијата и пристојноста, од заканите на фанатизмот и ксенофобијата, ние мора да градиме мостови и мрежи за да ги направиме поразбирливи лекциите и искуствата од настаните во Сребреница и во БиХ.

Не смееме да дозволиме настаните во Сребреница, да се случат повторно, ниту во БиХ, ниту на кое било друго место. Сепак, за да го обезбедиме ова, потребна ни е претпазливост и активизам, а не само пасивно сеќавање.

Јасмин Мујановиќ е политиколог и еден од основачите на подкастот за теми поврзани со Југоисточна Европа „Sarajevo Calling“. Неговата прва книга „Hunger and Fury: The Crisis of Democracy in the Balkansсега е достапна.
Ставовите изразени во овој текст се статови на авторот, и не ги одразуваат нужно ставовите на БИРН.