Цела седмица по фамозното „начелно правно мислење“ на Врховниот суд, само една работа е сигурна, а тоа е неизвесната судбина на добар дел од предметите на Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Дополнително, првиот човек на Врховен, Јово Вангеловски, неделава во интервју за „Телма“ навести дека судот повторно ќе ја актуализира дилемата дали „бомбите“ може да бидат докази во предметите на СЈО.
Со начелното правно мислење висат во воздух случаите за финансирање на ВМРО-ДПМНЕ и за изградба на Белата палата, бизнис „империјата“ на двоецот Мијалков-Камчев и предметите поврзани со првенците на ДУИ, Али Ахмети и Бујар Османи, како и уште неколку поголеми истраги.
Правните коментари околу ова мислење одеа по линијата на прашањето дали судот упаднал во надлежноста на Собранието и го толкувал Законот за СЈО.
Професорката од Правниот факултет, Гордана Лажетиќ, за „360 степени“ на ТВ-Алсат изјави дека ова е срам за Врховниот суд, а на истата емисија таа и поранешната врховна судијка, Милка Ристова, се сложија оти судот ја презел улогата на Собранието да толкува закони. Идентично мислење има и Вилма Русковска, шефицата на Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Нивната, меѓутоа, и аргументацијата на другите критичари е дека најнапред треба да постои документирана различна судска пракса, па дури потоа Врховниот суд може да влета и да укаже како изедначено да се применува некој закон. Според нив, судот не постапувал различно во ниту еден од предметите на СЈО и затоа Врховен немал основа за мислење.
Претседателот на Врховен, Вангеловски се согласи дека не постои различна судска пракса, меѓутоа аргументираше дека судот всушност превенирал таа да се случи во иднина. Тој отфрли и каква било можност дека Врховниот суд упаднал во работата на Собранието и го толкувал законот.
„Законот е јасен, нема никаква потреба од толкување“, рече Вангеловски на интервјуто.
Тој потребата од интервенција на Врховниот ја објаснува и со „гласот на народот“ и рече дека обични луѓе му приоѓале со коментар за случаите што СЈО ги отвораше по 30 јуни 2017.
„Зар смеат овие (н.з. СЈО) да водат нови постапки, кога им истече рокот“, му велеле познаниците и случајните минувачи.
Тивок СДСМ СЈО рони
Новинарските анализи, пак, внимателно газеа кон срамежливиот заклучок дека сето ова е завршница на политичкиот пазар околу Преспанскиот договор, кој премиерот Зоран Заев еуфемистички го нарекува „помирување“.
Циниците би рекле дека уште еден закон за амнестија би бил претежок товар за плеќите на Заев, зашто реално би требало да протурка трета непопуларна амнестија во втората година од своето владеење. Првиот закон за амнестија се однесуваше на околу 800 затвореници чии казни беа намалени, а вториот за дел од актерите во собранискиот инцидент на 27 април.
Токму затоа, улогата во последната етапа до целосно „помирување“ му припаднала на Врховниот суд, кој и во блиското минато не се воздржуваше од контроверзни одлуки во корист на луѓе што ги гони СЈО, а згора на сѐ чаршијата говори за „флуентна комуникација на Вангеловски со Заев“.
Главниот аргумент за политичкиот пазар е ланската промена на Законот за судови, која овозможила и адвокатите да иницираат постапки за правни мислења пред Врховниот суд. Законската промена е усвоена по предлог на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која е најпогодена од истрагите на ова обвинителство.
Сомневањата за некаков пазар или партиски договор ги засилува и претпоставката на министерката за правда, Рената Дескоска, која прво се огради дека не била министер за правда кога се сменил законот, но, сепак, остави можност дека:
„Решението е излезено како некаков компромис во делот на преговорите меѓу власта и опозицијата за да се постигне согласност од две третини во Собранието.“
Можноста што се отвори со договорената законска измена ја искористиле двајца адвокати што бранеле обвинети од СЈО Димитар Дангов и Еленко Миланов. Поради сличноста на иницијативите тие се споени во една. Миланов, го застапувал Никола Груевски во предметите што ги води Катица Јанева.
Ако и се очекуваше опозицијата да молчи, зачудува тоа што владејачкиот СДСМ фронтално не го нападна ова мислење на Врховниот суд и не го накити со сите „сваровски“ епитети, како што правеше во минатото. Не нѐ потсети и дека Вангеловски е кум на поранешниот собраниски спикер од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Вељаноски, што досега рутинирано го правеше.
Молкот во СДСМ е симптоматичен и зашто највисокиот суд досега бил лесна политичка мета на оваа партијата, најмногу поради неговите постапки што овозможија екс разузнавачите Горан Грујевски и Никола Бошкоски да избегаат од државава, а бизнисменот Сеад Кочан да се спаси од притвор и да се врати во земјава.
Владејачката партија сѐ уште нема официјално соопштение во врска со „начелното правно мислење“, а да не зборуваме дека немаше ниту прес-конференција на портпаролот Костадин Костадинов во негов стил, пред судската зграда.
Тој се изјасни дури откако новинарите го прашаа.
Единствената критика од власта дојде во форма на изјава од министерката за правда, која застана зад толкувањата дека Врховен не требало да се вмешува, бидејќи немало различна судска пракса.
Неочекувано благи се реакциите на власта имајќи предвид дека постојат аргументи кои социјалдемократите може да ги користат во одбрана на предметите на СЈО.
Во минатото, Врховниот суд вообичаено долго расправал пред да донесе вакво правно мислење, меѓутоа во четвртокот, според нашите сознанија, седницата траела дваесетина минути и говорел само еден судија. На ваквите седници, судиите понекогаш барале и правна помош од научници, меѓутоа овојпат ниту тоа не се случило.
Изненадувачко е и големото мнозинство со кое Врховниот суд го изгласа ова начелно правно мислење, нешто што претходно не му успеало на Јово Вангеловски за друга иницијатива поврзана со случаите СЈО.
Од вкупно 19 судии, двајца не биле присутни на седницата, а само двајца биле против, што значи дека дури петнаесетина биле сложни во ставот дека СЈО не е овластен тужител во добар дел од предметите што ги покрена.
Не толку одамна, Вангеловски не можеше ни приближно да го собере ова мнозинство и да ги отфрли „бомбите“ како докази во судските постапки. Оваа постапка сѐ уште не е завршена, а Вангеловски на Телма најави дека тоа „ќе се случи годинава“.
Мијалков и Камчев пред излегување од домашен притвор
Според првите анализи, конкретна корист од правното мислење на Врховниот суд најбргу може да имаат осомничените во истрагата „Империја“, на чело со бизнисменот Орце Камчев и поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков.
И на двајцата набргу им се навршуваат три месеци во притвор, што во Шутка, што дома, и доколку СЈО сака да им го продолжи притворот, ќе мора да се обрати до Апелациониот суд. Одлуката на овој повисок суд, притворените ќе може да ја обжалат токму пред Врховниот, кој се очекува да се повика на начелното правно мислење и да го укине притворот.
Има две толкувања за тоа врз кои истраги и обвиненија во иднина ќе влијае начелното правно мислење и двете толкувања различно ја доживуваат вечерта на 29 спроти 30 јуни 2017, кога СЈО со комбе однесе кутии материјали во судот и комплетираше 17 обвиненија.
Датумот 30 јуни 2017 е 18 месеци подоцна од моментот кога Заев ги предаде „бомбите“ на СЈО.
Првото и поприфатено толкување е дека само обвиненијата покренати по овој датум ќе паѓаат кога ќе дојдат до Врховниот суд. Тоа се двете обвиненија што го носат името „Талир“ и истрагите што ги вклучуваат двоецот Мијалков-Камчев и првите луѓе на ДУИ, Али Ахмети и Бујар Османи.
Второто толкување му припаѓа токму на адвокатот Еленко Миланов, кој смета дека паѓаат во вода и оние обвиненија поднесени до 30 јуни 2017 и дека треба да преживеат само случаите „Транспортер“ и „Шамарите во Центар“.
Тој, рокот од 18-те месеци го брои од датумот на предавање на предметите од Јавното обвинителство во СЈО, што е за дваесетина дена порано од предавањето на „бомбите“.
Поранешните врховни судии и правните експерти излезот го гледаат во собраниско толкување на законот, кое, според нив, би било приоритетно во однос на начелното правно мислење на Врховниот суд.
Кривичниот суд ги послуша советите и побара Јавното обвинителство да обезбеди собраниско толкување на Законот за СЈО и државниот јавен обвинител, Љубомир Јовевски, да се произнесе кое обвинителство може во иднина да постапува како овластен тужител во предметите поднесени од СЈО.
На таа линија е и коментарот на Вангеловски, кој на интервјуто за Телма рече дека повеќето предмети се далеку од застарување и оти во Македонија постои овластен тужител што може да ги продолжи предметите доколку има докази, мислејќи на регуларното обвинителство.
А, ако може да се суди според неговиот настап во интервјуто за Телма, Врховниот суд не се откажал од идејата да пресече дали „бомбите“ може да бидат докази во постапките, што може да биде последната шајка во ковчегот во кој ќе се закопа СЈО.