Регион

Втор дел од анонимно доставени досиеја вратени во Хаг

Претседателот на Организацијата на воени ветерани на ОВК, Хисни Гуцати (десно) и адвокатот, Томе Гаши (во средина), на  прес-конференција во Приштина. Фото: БИРН

Втора серија на документи, од предметите за военитe злосторства, што анонимно ѝ биле доставени на Организацијата на воени ветерани на Ослободителната војска на Косово (ОВК), се вратени во Специјализираните совети на Косово (ССК), со седиште во Хаг.

Организацијата потенцира дека од ССК потврдиле оти станува збор за официјални документи на таканаречениот Специјален суд, пред кој на поранешните припадници на ОВК, ќе им се суди за воени и повоени злосторства.

Вториот дел од досиејата, биле вчера анонимно доставени во канцеларијата на Организацијата на воени ветерани на ОВК, откако минатата недела анонимно беше доставен првиот дел од докуменатцијата.

„Бевме тука заедно со нашиот адвокат, Томе Гаши, и по негов совет, им ги предадовме досиејата на луѓето од Специјалниот суд“, изјави за медиумите во Приштина, шефот на Организацијата на воени ветерани на ОВК, Хисни Гуцати.

„Ги прашавме од каде се овие досиеја, но тие не можеа да ни кажат од каде потекнуваат“, додаде тој.

Организацијата на воени ветерани ги повика медиумите да ги објават документите, без откривање на имињата на сведоците, и покрај наводното барање на Специјалниот суд, документите да се чуваат во целосна тајност.

Чувањето на идентитетот на заштитените сведоци во тајност, е клучна грижа на судот, бидејќи заштитените сведоци во судските процеси за воени злосторства пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, беа заплашувани.

Гаши за медиумите изјави дека документите треба да бидат објавени, со цел да се покаже дека Специјалниот суд е пристрасен, затоа што ќе им суди само на Албанците, а не и на Србите.

„Овој суд е генерално против Албанците, никаде во светот не се гони само една страна“, нагласи тој.

Но, правните експерти ги предупредија медиумите да не ги објавуваат документите, бидејќи откривањето информации за случаите под истрага, би било кршење на косовскиот закон за Специјалниот суд и на кривичниот законон на оваа земја.

Содржината на наводните досиеја засега е непозната и БИРН не беше во можност да ја потврди нивната автентичност.

Специјализираните совети и Специјализираното обвинителство на Косово, се дел од косовскиот судски систем со седиште во Холандија, во кои е ангажиран меѓународен персонал.

Се очекува тој да им суди на поранешните припадници на ОВК за злосторства што вклучуваат убиства, тортури и незаконски притвор, за време и по војната 1998-1999 година.

Тие беа формирани под притисок на западните сојузници на Косово, кои се плашеа дека судскиот систем на Косово не е доволно подготвен да ги истражи ваквите чувствителни случаи.

Косовските Албанци се против овој таканаречен Специјален суд и го сметаат за навреда на војната на ОВК за ослободување.