Додека судиите од Кривичниот суд се подготвуваат да го оценат обвинението за трагедијата во дискотеката „Пулс“, во соседната зграда на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција уште се собираат доказите за втората истрага што се води за Кочани.
Обвинителката од специјализираното одделение за кривични дела што ги сториле полицајци, шест и пол месеци собира докази за нивната одговорност за случајот.
Oсомничените како службени лица вработени во СВР Штип и полициската станица во Кочани не направиле целосна и детална проверка за издавање согласност за добивање лиценца за „Пулс“, во делот на безбедноста во сообраќајот и јавниот ред и мир.
Во оваа истрага има триесетмина осомничени, исто како и во предметот на Скопското обвинителство, на кој работеа тринаесетмина обвинители, предмет за кој веќе има обвинение.
Прашавме зошто првата истрага заврши за три месеци, а втората се води двојно повеќе.
Од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција одговорија дека „причината за подолготрајното водење на постапката е фактот што во предметот постапува еден јавен обвинител.“
Три обвинителства водат три предмети за пожарот во „Пулс.“ Скопското обвинителство го застапува обвинението пред Кривичниот суд. Обвинителството за гонење организиран криминал води истрага, а кочанското обвинителство предистрага за овој случај.
Првата наредба за спроведување истрага во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција била отворена три дена по трагедијата, односно на 19 март. Тогаш првично биле осомничени седуммина. Веќе во април осомничени се десетмина полицајци, а уште 13 полицајци се осомничени во јуни годинава.
Во оваа истрага се користат истите докази што се предложени и во обвинението, кое се наоѓа на оценка пред Кривичниот суд во Скопје, а се обезбедуваат и нови.
БИРН праша и дали ова Обвинителство ќе постапи слично како и нивните колеги во Скопското обвинителство, кои сите 35-мина осомничени и уште три фирми ги товарат за истото кривично дело „тешки дела против општата сигурност.“

Обвинителите кои работеа на првата истрага за пожарот во Кочани | Фото: БИРН
Од Обвинителството за гонење организиран криминал велат дека засега истрагата се води за ова кривично дело, но оставаат простор и за евентуална промена на квалификацијата.
„На крајот од постапката, по извршена анализа на доказниот материјал, ќе биде донесена одлука дали ќе се покрене обвинение и за која правна квалификација, во зависност од доказите“, велат оттаму.
Според Законот за кривична постапка, ако истрагата се води повеќе од шест месеци, согласност за понатамошното водење на истражната постапка треба да се бара од Вишото јавно обвинителство. На нашето прашање дали ваква согласност е побарана, не добивме конкретен одговор, туку дека Обвинителството ги почитува законските рокови.
Оттаму велат дека сите осомничени им се достапни.
Ниту еден од осомничените не е во притвор, туку тие во постапката пред Обвинителството се обезбедуваат со поблаги мерки, како што се одземање пасоши, привремено јавување во судот и слично.
Јавното обвинителство соопшти дека паралелно со овој предмет се води и трета постапка, односно предистрага во кочанското обвинителство, со која се испитува евентуална одговорност на вработени во Управата за јавни приходи и за други институции.