Регион

Вучиќ: „Нема докази” за апсење, за убиството на браќата Битиќи

Александар Вучиќ. Фото: Бета, Саша Ѓорѓевиќ

Александар Вучиќ, на вчерашната седница на Собранието на Србија, изјави дека „нема докази за тоа кој го извршил убиството” на Илија, Агрон и Мехмет Битиќи, американски државјани од  албанско потекло, убиени во Србија во 1999 година.

Вучиќ рече дека никој не може да биде уапсен без докази, врз основа на она „што го пишуваат весниците и што го пишуваат нечии адвокати”, бидејќи „Србија е премногу сериозна држава”.

Семејството на браќата Битиќи, неколку пати го обвини Вучиќ, дека не ги исполнува ветувањата оти ќе биде направен напредок во решавањето на овој случај.

Семејството верува дека главен осомничен е Горан Радосављевиќ Гури, поранешен командант на полицискиот центар за обука во Петрово село, каде што биле пронајдени телата на браќата.

Радосављевиќ, денес висок функционер на владејачката Српска напредна партија на Вучиќ, накратко беше под истрага на српското обвинителство, но тој никогаш не беше обвинет. Тој негираше каква било вмешаност во овој случај.

Вучиќ во понеделникот нагласи дека Радосављевиќ не може да биде уапсен без докази.

„Луѓето се убиени, злосторството е извршено, но кога барате докази од некого, велат ‘што не го уапсите Гури’, а потоа им велиме ‘дајте ни докази’, и тогаш докази нема ”, рече тој.

Семејството Битиќи вчера го повика Вучиќ да изврши притисок врз поранешниот српски полициски функционер, Властимир Ѓорѓевиќ, кого Хашкиот трибунал го осуди за воени злосторства во Косово, да открие повеќе информации за овој случај, како и за скриените гробници од војната во Косово.

Тие се сомневаат дека Ѓорѓевиќ, кој наскоро може да се најде на слобода, бил вклучен во убиството на браќата.

Илија, Агрон и Мехмет Битиќи, се бореле во редовите на Ослободителната војска на Косово (ОВК), против српските сили. По војната биле уапсени од српската полиција, кога залутале на необележаната гранична линија меѓу Србија и Косово.

Кога ја одлежале казната, додека ја напуштале зградата на затворот во Прокупље, повторно биле уапсени, а потоа однесени во полицискиот центар за обука во Петрово Село и затворени во складиште.

Во вечерните часови на 9 јули 1999 година, непознати лица им ги врзале со жица рацете на браќата Битиќи и ги однеле до јама за фрлање отпад, каде биле убиени со истрели во тилот.

За време на судењето на двајца српски полицајци, кои на крајот беа ослободени од обвинението дека ги одвеле браќата во полицискиот центар за обука, сведоци изјавија дека Ѓорѓевиќ ја дал наредбата браќата да бидат одведени во Петрово Село.

Радосављевиќ изјави оти бил на одмор кога браќата биле убиени.

Во декември 2018 година, американскиот Стејт департмент, му забрани на Радосављевиќ влез во САД, поради негова наводна вмешаност во кршењето на човековите права во војната во Косово.

Тој тогаш изјави оти не сака да ја коментира одлуката на Стејт департментот.

„Им дадов изјави на истражните органи, зборував за тоа илјада пати, така што е бесмислено да зборувам за тоа воопшто“, рече тој за Радио Слободна Европа.