Регион

Урнат споменик подигнат во чест на Хрвати, убиени во војната во БиХ

Жељко Комшиќ, хрватски член на Претседателството на БиХ, остро го осуди уривањето на споменикот на босанските Хрвати, убиени во селото Бришево, кај Приедор, во 1992 година.

Тој ова го нарече „вандалски чин и чин на омраза, насочен против малубројната група на повратници“  во босанскиот ентитет, Република Српска, стои во соопштението од Претседателството на БиХ.

Комшиќ ја повика власта и полицијата во Република Српска, да ги пронајдат сторителите, чиј идентитет сѐ уште не е познат.

Во спротивно, Комшиќ, како што е нагласено, „ќе го смета ова за чин, кој има за цел да испрати порака, дека на Хрватите не им е местото во овој ентитет“.

Според пресудите изречени во Хаг и од Судот на Босна и Херцеговина, силите на полицијата и на војската на Република Српска, во 1992 година, извршиле прогон на несрпското население во регионот на Приедор, кој резултирал со убиство на повеќе од 3.000 лица.