Свен Милекиќ, Загреб
Здруженијата на жртвите и семејствата на исчезнатите лица од конфликтот во 90-тите години, се надеваат дека Вучиќ, за време на неговата посета на Хрватска во понеделникот, ќе даде информации за исчезнатите лица. Тие веруваат дека Србија има информации и документација за локациите на масовните гробници во кои претежно се погребани лица од несрпска националност.
„Сè што знам е дека по 26, 27 години, не е лесно да се трага по најблиските; да не знам каде му се коските, каде е неговиот гроб“, вели за БИРН, Манда Патко, 75-годишна жителка на Вуковар.
Имено, нејзиниот сопруг, Стјепан Патко, кого Меѓународниот црвен крст го завел под бројот ХРЗ-115242-01, исчезнал во ноември 1991 година, само неколку дена пред Југословенската народна армија (ЈНА) и српските паравоени сили, по речиси три месеци непрекинато гранатирање, да ја преземат контролата врз Вуковар.
„Некој кој има некакви информации за него, ја држи устата затворена и не е заинтересиран да помогне, можеби затоа што не изгубил никој свој … или можеби не може да каже, поради своите сонародници кои го знаат истото што и тој”, вели таа.
Стјепан Патко е само еден на списокот од 1.945 хрватски државјани, чија судбина или место каде што се закопани, и натаму е непозната.
Според податоците на хрватското министерство на бранители, како исчезнати во војната 1991-1922, сѐ уште се водат 1.131 лице, од кои 85-90 отсто се Хрвати, додека 814 лица се водат за исчезнати од 1995 година, од кои 95 проценти се Срби, кои исчезнале по воените операции „Блесок“ и „Бура”.
Српските жртви најчесто се закопани во обележани заеднички гробници, во кои се наоѓаат и цивили и војници. Нивните семејства и здруженијата на жртвите веруваат дека хрватските власти не вложуваат доволно напори, кога станува збор за ексхумацијата и идентификацијата на нивните останки.
Голем процент исчезнати Хрвати доаѓаат од регионот околу Вуковар, каде досега се ексхумирани 42 масовни гробници. 444 лица и денес се водат за исчезнати.
Многумина во Хрватска веруваат дека Србија има информации за локациите на другите гробници, во кои се погребани исчезнатите лица од Вуковар.
„ЈНА водеше војна тука; ја имаа целата документација, која ја однесоа во Белград. Каде се овие документи, зошто се скриени и не се обелоденуваат, не знам“, вели Патко.
“Вучиќ треба да донесе податоци”
Александар Вучиќ во Глина во 1995 година
Откако Вучиќ минатиот месец ја прифати поканата на хрватската претседателка, Колинда Грабар-Китаровиќ, некои опозициски пратеници изразија скептицизам дека неговата посета ќе донесе вистински бенефиции за проблематичните односи меѓу двете земји и дека ќе помогне да се реши прашањето за исчезнатите лица.
Дополнителен проблем е и улогата на Вучиќ во војната. Имено, кога во март 1995 година, го посетил хрватскиот град Глина, кој во тоа време бил под контрола на хрватските Срби, Вучиќ изјавил: „Никогаш повторно тука усташка власт нема да може да дојде”.
Предраг Матиќ, поранешен хрватски министер на бранителите, кој бил борец во Вуковар, а кој по неговиот пад поминал девет месеци во логорите и затворите во Србија, во периодот 1991-1992, изјави дека не очекува многу од посетата на Вучиќ.
„Вучиќ треба да донесе податоци за исчезнатите лица, но тој нема да го стори тоа. И тогаш со право можеме да го прашаме, зошто тогаш дојдовте?“, изјави Матиќ за телевизијата Н1 во петокот.
„Треба да разговараме”
И покрај скептицизмот, голем број здруженија на исчезнати лица во Хрватска, ја поддржаа иницијативата на хрватската претседателка, да го покани Вучиќ, надевајќи се дека тоа ќе донесе некои резутати.
„Ние, како семејства, ја поддржавме средбата, а вистинскиот разговор во врска со прашањето за исчезнатите лица, е единствената причина на нашата (хрватска) страна, зошто би се разговарало со Вучиќ”, изјави за БИРН, Лилјана Алвир, претседател на Сојузот на здруженија на семејства на заробени и исчезнати хрватски бранители.
Алвир е од Вуковар. Таа сè уште го бара својот брат Роберт, кој во 1991 година, на 19-годишна возраст, им се придружил на хрватските сили во овој град.
Таа истакнува дека Грабар-Китаровиќ „мора да инсистира” Вучиќ да одговори на некои од овие прашања.
„Ако тоа не се случи, тогаш повторувам, нема изговор за овој состанок”, истакна таа.
Средбата ја поддржува и Споменка Кушиќ, претседател на здружението Хрватска мајка од Винковци, која смета дека „вистината за судбината на најблиските, за местото каде што се наоѓаат, … е прашање над сите прашања”.
Таа и денес трага по нејзиниот син Мирабел, кој исчезнал по падот на Вуковар, во ноември 1991 година.
Потенцира дека посетата на поранешниот претседател на Србија, Борис Тадиќ, на Вуковар, во 2010 година, не донела понатамошни резултати.
„Тадиќ, исто така, беше тука, но немаше резултати по ова прашање … И во Вучиќ не се надеваме премногу. Но, нашата претседателка разговараше со нас, ја поддржувавме нејзината иницијатива и сега чекаме да видиме што ќе се случи на крајот“, изјави таа за БИРН.
Патко, исто така, се сеќава на разочарувањето по посетата на Тадиќ, но има малку оптимизам кога станува збор за посетата на Вучиќ.
„Мораме да седнеме на маса и да разговараме, со секого”, објаснува таа и додава: „Мора да има некаков дијалог”.