Анализи

За две години Владата потрошила 4 милиони евра на кампањи

Од почетокот на 2013 до 2015 година за осум владини кампањи се потрошени четири милиони евра само од централната влада. Кога би ја поделиле таа сума на бројот на деновите, би дошле до 5 и пол илјади евра што дневно од буџетот се трошат за кампањи. 

Од кампањата за здрава исхрана | Фото: screenshot/youtube.com

Од кампањата за здрава исхрана | Фото: screenshot/youtube.com

Заедно со најавата за најновата владина кампања за „рационална употреба на лековите“, за која ќе се потрошат половина милион евра, во последните две години за вкупно осум кампањи се потрошени, односно ќе бидат потрошени, околу 4 милиони евра.

Кога овие пари би се поделиле со вкупниот број на деновите во последните две години, грубата пресметка би покажала дека секој ден за кампањи само централната Влада троши од државниот буџет по 5 500 евра или околу 338 000 денари.

Податоците од електронскиот систем на Бирото за јавни набавки покажуваат дека само Генералниот секретаријат на Владата за промовирање на своите политики, за претходните седум кампањи потрошила 3,5 милиони евра, од кои секоја тежи по околу половина милион евра. Така, од јануари 2013 до јануари 2015 година, се осмислени и снимени видео спотови за основните семејни вредности, владините политики во образованието, за владините мерки во здравството, во земјоделскиот сектор, за реформата во јавната администрација, за однесувањето во сообраќајот и за подигање на свесноста за здрава исхрана.

Парите, преку тендери, се доделени на осум агенции, а најголем дел од колачот зеле „Омега комуникејшн“ со над 1 000 000 евра, потоа „Маркет висион“ со околу 660 000 евра и „Њу момент њу идеас“ со околу 570 000 евра. Меѓу другите спаѓаат „Република“ кои во последните две години добиле над 340 000 евра, „Аквариус дизајн“, пак, добиле владини тендери за реклами во вредност од 365 000 евра.

Дел од парите кои се одвојуваат за владините кампањи, значи 4 милиони евра за две години, преку рекламните агенции задолжени за медиумски закуп, завршуваат во националните и локалните телевизии.

Затоа и изработката и емитувањето на јавните кампањи за „зголемување на свесноста“ за најразлични цели е еден од најкритикуваните начини за трошење на парите на даночните обврзници, бидејќи се смета дека на овој начин Владата индиректно влијае врз приходите на медиумите во земјата и нивниот опстанок на пазарот.

Истражувањето за проектот „Медиа педиа“ покажа дека парите селективно се влеваат во медиумите. Износотна потрошените пари за кампањите во периодот од 2012 година до првата половинаод минатата 2014 година, според информациите кои ги објави самата Влада, е 18милиони евра за 27 кампањи.