Регион

За убиствата во Коњиц, не е казнет ниту еден командант

Иако поминаа повеќе од две децении о ниту еден висок офицер не е осуден за командна одговорност, за убиствата на цивилите на подрачјето на градот Коњиц

Во летото 1992 година, Хасна и Васвија Бутуровиќ, излегле да прошетаат покрај Боречко езеро, кое се наоѓа во близина на босанскиот град Коњиц.

„Останките на мајка ми и сестра ми можеа да бидат ставени во две најлонски кеси. Ја идентификував покојната мајка врз основа на неколку делчиња од фустанот што го носеше“, се сеќава Бутуровиќ.

За време на војната, околу Коњиц се воделе борби меѓу трите страни инволвирани во конфликтот – Војската на Република Српска (ВРС), Армијата на Босна и Херцеговина (АБИХ) и Хрватскиот совет за одбрана (ХВО), бидејќи оваа област се наоѓала на тромеѓето на териториите што овие три страни ги контролирале.

Повеќе од 200 цивили биле убиени во Коњиц, но досега, за нивната смрт, пред лицето на правдата, врз основа на командна одговорност, не се нашол ниту еден висок офицер, туку се осудени само војници од понизок ранг.

Од Обвинителството на БиХ велат дека Судот на Босна и Херцеговина изрекол две пресуди за злосторства врз цивили во Коњиц, едната против припадник на ВРС, а втората против припадник на ХВО.

За злосторствата извршени во Коњиц, осудени се и 17 припадници на АБиХ, а на 13 други им се суди.

Сепак, обемни обвиненија против припадници на ВРС и ХВО, за гранатирање на Коњиц, не се поднесени, иако, според адвокати од овој регион, биле спроведени бројни истраги.

Адвокатот, Нијаз Ѓулиман, кој застапува семејство на убиен жител на Коњиц, вели дека предметот за ова убиство, се наоѓа во Обвинителството на БиХ од 2005 година.

„Треба да се напомене дека случајот беше регистриран во кантоналниот суд во Мостар, но неколку години ништо не се случуваше со него, така што случајот подоцна беше префрлен во државното обвинителство како чувствителен предмет“, рече Ѓулиман.

„Во последните 15 години се сослушани 114 сведоци, а треба да се сослушаат уште 63. За жал, со ова темпо, никој од семејствата нема да го доживее покренувањето на постапката против осомничените за гранатирање на Коњиц и за убиство на цивилите“, додаде тој.

Сеад Бутуровиќ (десно), со својот татко, Сеан, на гробиштата во Коњиц. Фото: БИРН.

Осомничениот ја напушта БиХ по војната

Според Ѓулиман, Обвинителството на БиХ знае кој е генералот на ВРС, одговорен за гранатирање на Коњиц, но тој им е недостапен за судските власти, бидејќи не е во земјата.

„Тие точно знаат кој е тој. Неговото име е Боро Антељ. Осомничениот е во Белград и убеден сум дека Србија нема да го екстрадира, ниту против него, овде во Босна и Херцеговина, ќе биде покрената постапка. Затоа јас предложив Обвинителството на БиХ да го одвои неговиот (на Антељ) предмет (од предметот на другите наводни сторители) и да покрене обвинение против другите припадници на ВРС“.

Боро Антељ, за време на војната, бил командант на втората лесна пешадиска бригада на ВРС.

Во телефонски разговор, Антељ, од Србија, за БИРН вели дека не бил повикан на разговор од истражните органи ниту на БиХ, ниту на Србија.

„Немаше апсолутно никаков повик. Дури и ако има некакви истраги, јас немам официјално сознание за нив. Сум слушнал од мои познаници, кои беа со мене на фронтот за време на војната и кои веќе биле сослушани, дека во БиХ се води истрага против мене. Но, тоа е сè“, истакна Антељ.

Тој додаде дека по војната, не бил воопшто во БиХ.

„Немам намера да доаѓам, затоа што кога гледам како се пишуваат обвиненијата во овој регион, не сакам да паднам во стапица. Претпоставувам дека, дури и ако босанските истражни органи спроведуваат истрага, тоа може да биде само врз основа на моја командна одговорност“, нагласи Антељ.

Тој вели дека не се чувствува одговорен за цивилите убиени во и околу Коњиц, иако не негираше дека овие места биле гранатирани.

„Имаше гранатирање. Тоа е неоспорен факт. Но, тоа се случуваше само кога нашите позиции беа целени и во согласност со правилата на војната“, истакна тој.

„Јас ги поставував одбранбените линии исклучиво на територијата на српските села. Секоја наредба за гранатирање доаѓаше од Врховната команда на ВРС. Мој водечки принцип беше дека на непријателските сили, откако ќе бидат поразени, не треба да им се наштети на никаков начин“, нагласи Антељ.

По завршување на војната во БиХ, Антељ заминува во Србија, каде што почнува свој бизнис и станува политички активен. Тој беше член на главниот и извршен одбор на конзервативната Демократска партија на Србија, од која пред две години беше исклучен.

Денес, тој е независен советник во локалното собрание во Раковица.