Регион

Побарана максимална казна за масовни убиства во Вишеград

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Радомир Шушњар (десно). Фото: Суд на БиХ

Обвинителот, во својот завршен збор пред Судот на БиХ, рече оти на Радомир Шушњар, наречен Лалцо, треба да му се изрече максимална затворска казна, за учество во убиства на 57 цивили, во улицата „Пионирска“, во Вишеград.

„Суров е начинот на извршување на ова дело кон децата, жените и постарите лица. Обвинетиот, на никаков начин не изрази жалење, ниту пак каење за своите постапки. Пресудата мора да биде порака до жртвите и до нивните семејства, дека тие никогаш нема да бидат заборавени“, рече обвинителот, Сеид Марушиќ.

Тој додаде дека заштитените сведоци и очевидците потврдиле оти Шушњар, заедно со Милан и Средоје Лукиќ, дошле во куќата во улица „Пионирска“, каде претходно биле донесени цивили од селото Коритник.

Милан Лукиќ им наредил да им ги предадат парите и скапоценостите, а Шушњар ги претресувал, наредувајќи им да ја соблечат облеката и голи да се свртат кон него.

Обвинителот нагласи оти на цивилите подоцна им било наредено да влезат во друга куќа, сопственост на Адем Омерагиќ, при што Шушњар внатре го бутнал и последниот цивил, Хасиб Курспахиќ.

Потоа, Милан Лукиќ, фрлил запалива направа во куќата, предизвикувајќи пожар, додека Шушњар фрлил рачна граната, се вели во обвинението, во кое се додава оти по ова, сите тројца започнале да пукаат за да ги спречат цивилите да избегаат.

„Сведокот Хусо Курспахиќ го кажа она што го слушнал од неговиот татко Хасиб, кој, за среќа, ја преживеал ‘живата клада’. Неговиот татко го познавал обвинетиот под прекарот Лалцо. Откако бил втурнат во куќата на Омерагиќ, тој почувствувал некаков вид на гориво. Тој седел на прагот кога слушнал силна детонација и паднал на грб. Тој бил ранет, слушнал плачење и почувствувал смрдеа на запалено тело“, нагласи Марушиќ.

Тој истакна дека меѓу убиените цивили имало и бебе од два дена.

Марушиќ рече дека Шушњар побегнал во Франција, во обид да го избегне апсењето, но оти, сепак, минатата година бил екстрадиран во БиХ.

„Правдата е бавна, но достижна“, рече обвинителот.

Шушњар се изјасни за невин по обвиненијата.

Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), за злосторствата извршени во Вишеград, вклучувајќи ги и убиствата во улицата „Пионерска“, го осуди Милан Лукиќ на казна доживотен затвор, додека Средоје Лукиќ беше осуден на 27 години затвор.

Одбраната ќе ги презентира своите завршни зборови на 18 септември.