Регион

За жртвите силувани во балканските војни, компензацијата доаѓа предоцна

Законодавството нуди бенефиции лицата кои биле силувани во војните, но жртвите и натаму мора да се борат за отштета

Обединетите нации го одбележуваат 19 јуни како Меѓународен ден на елиминација на сексуалното насилство во конфликтите, во обид да ја подигнат свеста за потребата да се стави крај на сексуалното насилство што се случува во војните, но и како израз на почитување кон жртвите.

Две децении по војните на Балканот, постигнат е напредок во однос на законодавството кое обезбедува поддршка за жртвите во Босна и Херцеговина, Хрватска и во Косово, како и во гонењето на сторителите на злосторствата, иако, како што велат експертите за БИРН, потребно е да се направи уште повеќе.

Босна и Херцеговина: Бавна правда

Во Босна и Херцеговина, како и во другите земји од поранешна Југославија, нема потврдени информации за бројот на лица силувани за време на војната, иако проценките се движат од 20.000 до 50.000 такви лица.

Еден од главните проблеми со кои се соочуваат жртвите на военото сексуално насилство во БиХ е што оваа земја сѐ уште не усвоила закон за заштита на жртвите од тортура на државно ниво, со што ќе им се овозможи на жртвите да добијат финансиска помош, рехабилитација и други бенефиции.

Двата ентитета во БиХ, Република Српска (РС) и Федерација Босна и Херцеговина (ФБиХ), усвоија свои закони, кои иако се слични, имаат значителни недостатоци.

Мурат Тахировиќ, претседател на Здружението на жртви и сведоци на геноцидот, за БИРН вели дека сегашната ситуација во двата ентитета, не нуди помош за сите жртви.

„Секој закон на ентитетско ниво, било во Република Српска или во Федерацијата, секогаш ќе исклучува дел од воените жртви, бидејќи само оние кои живеат во тој ентитет, можат да имаат бенефит, а не и оние кои заминале и никогаш не се вратиле”, вели Тахировиќ.

Судот на Босна и Херцеговина, пред 2015 година, нема донесено одлуки за доделување на отштета на преживеаните, а до денес има донесено само пет такви пресуди. Доделените суми се движат од 14.000 до 30.000 евра, велат податоците на невладината организација „ТРАЈЛ Интернешнл“.

Голем број од лицата кои побараа отштета, судовите ги упатуваа на граѓанска постапка.

Сепак, за разлика од кривичната постапка, граѓанска тужба ги става жртвите во неповолна положба, тие немаат право на анонимност, за време на судењето може повторно да се соочат со трауми и мора да платат адвокат, нагласува во својот извештај, „ТРАЈЛ Интернешнл“.

Сабина Хусиќ, директорка на невладината организација „Медика Зеница“, која обезбедува помош за жртвите на силување и на други форми на насилство, вели дека општествената стигма и натаму ги одвраќа преживеаните да бараат отштета на суд.

„Малкумина имаат храброст да се вклучат во правните процеси и да обезбедат правдата да биде  задоволена”, нагласува Хусиќ за БИРН.

Според ентитетските закони, жртвите имаат право на месечен надоместок, како што имаат инвалидите или невработените лица, иако голем дел од нив не се опфатени со овие закони.

На пример, Република Српска ги отфрла сите барања поднесени по 2007 година, а според законот во овој ентитет, лицата сами мора да докажуваат дека претрпеле телесни повреди. Статусот „цивилна жртва на војната”, според законот на РС, може да го добијат само лицата со „60 отсто телесно оштетување”.

Законот во ФБиХ, исто така, бара доказ дека жртвите имаат 60 отсто инвалидност, но прави експлицитен исклучок за жртвите на сексуално насилство и не наметнува рокови за поднесување на барањата, како РС.

Законот за воените жртви во РС, предвидува сума од максимум 150 евра месечно, а во повеќето случаи и помалку, за лицата што во војната преживеале сексуално насилство или тортура, но активистите велат дека овој закон се применува само делумно.

„Администрациите во некои општини не ја извршуваат својата работа правилно и жртвите се вознемирени”, изјави за БИРН минатиот месец, Божица Живковиќ Ралиќ, претседател на Здружението на жени жртви на војната.

Во ФБиХ, според невладините организации, околу 800 лица имаат статус – жртва на силување, и тие добиваат по 80 евра месечно или малку повеќе, а имаат и право на бесплатна медицинска грижа. Некои дури добиле и станови.

„Државата мора да ја преземе одговорноста за оние кои преживеале насилство во војната, да им покаже дека го препознава нивното страдање, но гледаме дека тоа не се случува”, вели Јасна Зечевиќ, претседател на организацијата „Вива жени“ од Тузла, која води центар за терапија и рехабилитација.

Машките жртви на силување или на друго сексуално насилство, ретко зборуваат јавно, а мал број невладини организации им пружаат помош.

Во текот на изминатите неколку години, бројот на судења во БиХ, кои вклучуваат обвиненија за сексуално насилство, е зголемено, и во моментов изнесува околу 30 проценти од сите случаи на воени злосторства.

Во повеќето судења за воено силување, обвинетите што биле прогласени за виновни, добиле казни затвор од две до пет години.

Се проценува дека ќе бидат потребни десет години, судовите во БиХ да ги завршат преостанатите случаи.

Хрватска: „Симболично извинување”

На протестите во Вуковар, Хрватска, во октомври 2018 година, што се одржаа поради спорото процесирање на воените злосторства, на еден од транспарентите, беше цитирана порака на Надија Мурад, активистка од Језид, против военото сексуално насилство: „Сакам да бидам последната девојка на светот, со приказна каква што е мојата“. Фото: Бета.

Во 2015 година, Парламентот на Хрватска го усвои првиот закон, со кој силувањето беше признато како воено злосторство – Законот за правата на жртвите на сексуално насилство за време на вооружената агресија врз Република Хрватска во Татковинската војна.

Законот, чие спроведување го надгледува Министерството на бранители на Хрватска, обезбедува медицинска и правна помош за жртвите, како и отштета од државата – до 20.000 евра. Овие компензации не зависат од судските пресуди.

Во мај оваа година, Жељка Жокаљ, од Министерството за бранители, соопшти дека на жртвите веќе им се дадени околу 25 милиони куни (3,37 милиони евра).

Од 2015 година, па наваму, поднесени се 249 барања за отштета, од кои 156 се одобрени.

Вишња Мишин, адвокат од Винковци, која работела како новинар во деведесеттите години, вели дека од оние кои доживеале некаква форма на притвор за време на војната во Хрватска, најмалку 10 проценти доживеале сексуален напад, и нивниот број, како што проценува таа, е околу 3.000.

Сепак, во 2015 година, додека се дискутираше за нацрт-законот, некои пратеници побараа  одредени жртви да бидат изземени од законот, вели Нела Памуковиќ, активист и коосновач на Центарот за жени-жртви на војната.

„Беше јасно од парламентарните дебати (во 2015) дека тие (пратениците) сметаат оти само жените од хрватска националност може да добијат обештетување и дека жените од српска националност не биле жртви на агресијата врз Хрватска”, вели Памуковиќ за БИРН.

Пратениците сметаа дека хрватските војници „не вршеле вакви злосторства”, додаде таа.

Памуковиќ укажува дека проблеми имало и при примената на законот. На некои жртви, барањата  за отштета им се одбиени – „на пример, кога станува збор за лица, хрватски државјани, а силувањето било извршено во БиХ или (во случаите) кога комисијата ќе проценеше дека силувањето не е поврзано со агресијата врз Хрватска”.

И Памуковиќ, и Мишин, нагласуваат дека законот доаѓа предоцна за многу жртви, кои по долги години повторно морале да се соочат со траума. Сепак, и двете велат оти ова, од друга страна, е голем успех.

„Бескрајно ми е мило што барем некои жртви добија нешто (бенефиции), што државата симболично им рече: ‘Жал ни е што тоа се случило“, посочува Мишин.

Сепак, Памуковиќ додава дека Министерството за бранители не прави доволно за да го промовира законот, ниту да ги едуцира жртвите за нивните права.

Ружица Барбариќ, денес 67-годишна Хрватка, која била силувана откако српските сили го заземале Вуковар во ноември 1991 година, многупати јавно говореше за своето искуство.

Кога беше усвоен законот, вели Барбариќ, финансиската отштета беше добредојдена, но тоа, исто така, ги охрабри и другите жени кои претрпеле сексуално насилство во текот на војната, да соберат храброст и да проговорат.

Но, таа истакнува дека и сторителите треба да се соочат со правдата: „Законот и отштетата не вредат ништо ако сторителите и натаму се движат слободно. Сакам тие да одговараат за нивните злосторства“, изјави таа за Ројтерс.

Косово: Општествената стигма сè уште постои

Васвије Красниќи-Гудман, една од ретките жени во Косово, што проговорија за военото силување Фото: БИРН.

Прашањето за военото сексуално насилство, повторно стана главна вест во Косово минатиот месец, кога пратеничката, Флора Бровина, покажа фотографија на која, како што рече, се гледа како тројца српски полицајци силуваат Албанка.

Сликата ја шокираше јавноста, особено жртвите на силување и нивните семејства, но наскоро стана јасно дека фотографијата не е автентична и дека всушност била симната од порнографска веб-страница.

Ова предизвика реакција – организациите за правата на жените протестираа барајќи од  политичарите да не ги користат жртвите на ваков начин. „Не користете ја нашата болка и страдање заради сопствена корист”, стоеше на еден од транспарентите за време на протестот.

Се верува дека српските сили, за време на војната во Косово, во периодот 1998-1999 година, силувале илјадници жени, иако за тоа не постојат потврдени статистички податоци.

Во 2014 година, Собранието на Косово го измени постоечкиот закон за правата на воените жртви и на ветераните, со цел со него да бидат опфатени и жртвите на силување.

Во февруари минатата година, властите почнаа да примаат апликации за верификација на статусот, од жртвите на силување. Оттогаш се пријавиле околу 800 жртви на сексуално насилство, од кои 145 беа прифатени, а 102 отфрлени. Другите сѐ уште чекаат одлука и овој процес може да потрае уште една година.

Како надомест, верификуваните жртви добиваат 230 евра месечно. Тие, исто така, имаат и здравствени бенефиции, како, на пример, ако боледуваат, како резултат на насилството што го претрпеле во војната, тогаш државата им го плаќа лекувањето, дури и надвор од Косово, ако не постои соодветно во земјата.

Но, тие не добиваат бесплатна примарна или секундарна заштита, како другите цивилни жртви на војната, ниту пак бесплатна психолошка или психосоцијална поддршка. Во својот извештај за овој закон, Амнести интернешнл предупреди дека неговите одредби „не ги задоволуваат оние пропишани со меѓународните стандарди за жртвите на злосторствата, според меѓународното право”.

Последниот рок до кој преживеаните можат да ги достават своите барања е февруари 2023 година, кој, според Амнести интернешнл, е краток рок.

Општествената стигма на конзервативното општество ги одвраќа жените од аплицирање за добивање на статус, вели оваа организација.

„Силувањето е рана што секојднево ја согорува душата,; што те тера да се срамиш во твоето семејство, во твојата заедница. Тоа ќе го носите сиот свој живот“, цитира Амнести интернешенел, изјава на жртва.

„Нашето општество е патријархално, на жените им е тешко да истапат и да ја кажат вистината, поради срамот и омаловажувањето”, објаснува психијатарот, Наим Фанај.

Само неколку од жртвите имале храброст да излезат во јавноста, како Васвије Красниќи-Гудман, која неодамна сведочеше пред Одборот за надворешни работи на Претставничкиот дом на САД.

Уште помалку е веројатно дека мажите кои биле жртви на сексуална злоупотреба за време на војната во Косово, ќе прозборат јавно.

„Ни ги сторија сите тие ужасни нешта, дури и нѐ гореа со цигари по интимните делови, за да немаме повеќе интимни односи”, изјави во мај за јавниот сервис на Косово, РТК, маж, жртва на сексуално насилство, кој раскажа дека српската полиција присилила татко на сексуални односи со неговиот син, за да не го убијат.

Само неколкумина кои се одговорни за силување во Косово, се процесирани.

„Ниту едно обвинение (во Хашкиот трибунал) против сторителите на српскиот режим, не вклучува обвиненија за силување или сексуално насилство како независно кривично дело”, вели Пол Вилијамс, професор по право и меѓународни односи на Правниот колеџ во Вашингтон.

Четири високи српски официјални лица, осудени од страна на Трибуналот за воени злосторства, беа прогласени за виновни, меѓу другото, и за прогон преку сексуално насилство. Сепак, никој во Косово не е осуден за силување за време на војната.

„Судиите обично носат пресуди кои ги почитуваат сите права на обвинетите и нивната идентификација е голем предизвик. Затоа, обвинетите многупати ја избегнале заслужената казна“, изјави за БИРН, Беким Блакај, директор на Фондот за хуманитарно право Косово.